Пчелниот отров сепак не е докажан лек против Ковид-19

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Медиуми на грчки јазик објавиле текстови со тврдење дека пчелиниот отров заштитува од Ковид-19, болеста предизвикана од новиот корона вирус (SARS-CoV-2), притоа повикувајќи се на една „студија“. Но по согледувањето на сите факти, не може да се изрече такво смело тврдење, оти ниту станува збор за студија, ниту пак се дадени доволно докази за вакво смело тврдење, пишува грчкиот сервис за борба против дезинформациите ellinikahoaxes.gr.

Речиси сите објавени статии во грчките медиуми со ваквото тврдење биле слични, а главниот проблем е во тоа што доказот на кој се повикуваат не е студија, ниту статија во научно списание, туку само писмо до научното списание „Toxicon“. Тврдењата што се изнесени во текстовите се дека откако некој во Кина констатирал дека немало пчелари позитивни на Ковид-19, па се спровело научно испитување на илјадници пчелари, од кое произлегла наводната студија „Пчелиниот отров и SARS-CoV-2“, која била објавена и на порталот „Sciencedirect“.

Не станува збор за студија, туку за писмо во кое се вели дека во кинеската провинција Хубеи, локално пчеларско здружение спровело истражување од 23 февруари до 8 март за пчеларите и биле идентификувани 5.115 пчелари, од кои 735 во градот Вухан, каде што изби епидемијата на Ковид-19.

„Во писмото не се наведуваат докази дали тоа била вистинска научна студија, кој протокол биле следен, дали податоците биле потврдени, и ако веќе навистина било потврдено дека пчеларите не се разболувале, дали нивната дејност игра улога или има друг фактор, итн. Затоа, самото тврдење дека била спроведена студија за поврзаноста на пчелниот отров со новиот корона вирус, не е потврдено“, пишува ellinikahoaxes.gr.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција