Пендаровски со право бара единство околу загадувањето

С. Пендаровски Фото: Кабинет на Претседателот на РСМ/веб страна

Претседателот на државата Стево Пендаровски во дел од говорот пред Собранието имаше поента која ја анализиравме и која ја оценуваме како вистина

Мене ми е одамна јасно дека ниту една влада, ниту една локална власт не може самостојно да го реши овој проблем во само еден мандат. Затоа предлагам тоа прашање да го извадиме од дневната политика и да се зафатиме со носење на натпартиска државна стратегија за ублажување на негативните ефекти од оваа појава која сериозно ги нарушува потенцијалите на нацијата.

[Извор: Претседател на РСМ – Годишно обраќање , датум: 18.02.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во првото годишно обраќање на Претседателот на РС Македонија, Стево Пендаровски, беше изнесено твдење кое се однесува на решавање на проблемот со аерозагадувањето, а кое го оценуваме како вистина.

Со загадувањето, вклучувајќи го како најопасно аерозагадувањето, не може да се справи сама ниту една влада, ниту една локална власт! Од оваа појдовна точка Пендаровски гради позиција, фокусна точка на спојување и сплотување во општеството и предлага ова прашање да се тргне да се користи предизборно, односно како што вели тој, „тоа прашање да го извадиме од дневната политика и да се зафатиме со носење на натпартиска државна стратегија.

Бројките за штетноста на ова прашање упатуваат на алармантната потреба од акција. Веќе одамна циркулира бројката на проценка на СЗО и на нашиот Институт за јавно здравје дека годишно во Македонија околу 1.300 луѓе умираат прерано или како последица на некоја болест поттикната од аерозагадувањето. А, дека проблемот е раширен и во Европа, но и во регионот, укажа и неодамнешниот податок што го изнесоа од Регионалниот совет за соработка, дека во шесте земји од Западен Балкан и тоа само во 19 градови, годишно прерано умираат 5.000 луѓе, како директна последица од аерозагадувањето!

 

РЕШЕНИЕТО БИЛО СКАПО, ПА ШТО?

Ако се појде само од студиите за загадување на Град Скопје, (ги има три сериозни на број), каде со дневната флуктуација броено околу 800.000 луѓе се изложени на аерозагадувањето, исто така може да се види дека проблемот е прекомплексен за брзо решавање, но не е нерешлив.

Сериозните студии велат дека за сериозно решавање со аерозагадувањето во главниот град се потребни енергетски ефикасни градежни објекти, проширување на мрежата на централно греење и менување на начинот на греење (користење енергетски ефикасни модерни солуции било на пелети, било на струја). Во една од  трите студии се посочува дека севкупното решавање на аерозагадувањето во Скопје во смисла на елиминација на главниот проблем – системот за затоплување и губење на топлинската енергија, би чинел помеѓу 300 и 380 милиони евра распореден во период од 9 години. (Види ТУКА). За да се прошири мрежата со центрано греење и да се изгради нова еколошки и топлински ефикасна централа како ТЕ-ТО, експертите пресметале дека во случајот приватната компанија БЕГ треба да вложи околу 200 милиони евра (види ТУКА).

Било скапо! Па што? Зарем граѓаните не заслужиле од своите политичари во власта и во опозицијата со консензус да го задолжат Град Скопје за 300 или 500 милиони евра (четири до шест годишни буџети на Градот), со кои значително ќе се реши проблемот на аерозагадувањето! Да не е поскапо случајно од Скопје 2014!?

Истиот принцип се однесува и на територијата на целата држава. Зарем граѓаните не заслужиле нивните политичари со консензус да донесат одлука за задолжување на Македонија од 2 милијарди евра (половина буџет или 20 отсто од БДП), на различни пазари на пари, на многу години отплата, а со цел брзо, во рок од пет, седум години, системски и потрајно решавање на проблемот со аеро-загадувањето, со сметот, со загадувањето на водите?

 

НАМЕСТО ТРАЈНИ РЕШЕНИЈА ДНЕВНИ СПИНУВАЊА

И тука навистина е потребна државна стратегија и национално единство. Но, наместо тоа, наместо сериозна политика, од ВМРО-ДПМНЕ има дневно-политичко спинување „Заев и Шилегов итно да ги применат мерките на ВМРО-ДПМНЕ“, а меркиве да ти биле бесплатен јавен превоз, ослободување од работа на лица над 60 години и инспекциски надзор….

Од друга страна, наместо навистина сериозна севкупна политика и, исто така, барање за национален консензус, од владејачките партии и нивните министерства (СДСМ и ДУИ) граѓаните добиваат совети од типот – избегнувајте да возите возила со пониски ЕУРО стандарди или тешките товарни возила да избегнуваат движење во централно градско подрачје!?

А, ги продолжуваат и акциите започнати уште од времето на Никола Груевски и Коце Трајановски – субвенции за пелети, субвенции за авто-плин, субвенции за прозорци и врати, што е во ред, но сето тоа, со толку мали парични износи, што нема никаков видлив ефект во однос на севкупното решавање на проблемот.

Конечно, за какви сериозни мерки против аерозагадување се зборува од страна на нашите политичари и во власт и во опозиција, кога ниту еден од нив досега не се одважил да даде пари за акредитирана државна лабораторија при Министерството за животна средина, односно нивниот Инспекторат!?

Поради овие и многу други аргументи, оценката на Пендаровски „дека ниту една влада, ниту една локална власт не може самостојно да го реши овој проблем во само еден мандат, го оценуваме како вистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.