Пешевски: Се зголемува бројот на туристи во земјава
Станува збор за непрецизно изработена вест во која заради непрецизноста на крајот се добива и погрешен впечаток. Исто така, има и премногу слобода во донесувањето на заклучоците, кои не се поткрепени со податоци или евентуално со релевантни компаративни елементи. Ова, пак, веста ја прави пристрасна.
Линк до оригиналниот напис: Пешевски: Се зголемува бројот на туристи во земјава
Датум и време на објавување: 12.08.2014 17:35
Датум на рецензирање: 14.08.2014
Рецензент: Владимир Петрески
Вистинитоста на главното тврдење, содржано во првата реченица од веста, е прилично климаво:
Се зголемува бројот на странски и домашни туристи во земјава.
Кога ова ќе се каже вака резолутно и тврдо, тогаш треба да бид е точно. За жал, многу лесно може да се оквалификува како неточно. Барем кога станува збор за домашните туристи. Вистината е дека бројот на домашни туристи во земјава, како и бројот на ноќевања на домашните туристи, паѓа и тоа пет години по ред без прекин. Бројот на туристи не го зголемија ниту пензионерските испраќања на бањи, ниту пак платените или субвенционирани детски одмори. Еве ги бројките во вид на инфографик изработен според податоци од Државниот завод за статистика:
А, еве и линк од каде што бројките од инфографикот можат и да се проверат преку соопштенијата ма Заводот.
Во агенциската вест за овој настан, која е пообемна и подетална, што е сосема за очекување зашто телевизиското време е драгоцено, се гледа дека владините претставници на настанот многу внимателно говорат кога станува збор за домашните туристи. За бројот на странските туристи вицепремиерот Владимир Пешевски говори за периодот од 2006 до 2013, додека за бројот на домашните туристи тој говори за движењата во првите 5 месеци од годинава, избегнувајќи ги долгорочните податоци за нив. Краткорочните податоци, сепак, се помалку битни:
- се однесуваат на многу кус период од кој не можат да се забележат подолгорочни трендови,
- се однесуваат на период пред почетокот на главната туристичка сезона со што станува збор за мал број на туристи, кој може да се смени на подобро или на полошо многу лесно по сезоната кога бројот на туристи значително се зголемува.
Потоа, имајќи го предвид првичното тврдење дека „се зголемува бројот на странски и домашни туристи во земјава“ проблематичен е и заклучокот на крајот од веста:
И покрај тоа што бројот на домашните туристи, барем во Охрид годинава потфрли, со долгорочните проекти на владата и локалната самоуправа, сосема е извесно дека бројот на овие туристи во наредниот период значително ќе се зголеми.
Според текстот на веста, нејасно е како тоа се зголемува бројот на домашните туристи, а потоа се вели дека тој потфрлил во Охрид, имајќи ја предвид важноста на најголемото и најважното туристичко место во земјата за вкупниот туризам. Ова изгледа контрадикторно и нејасно. Исто така, останува нејасен заклучокот оти е „сосема е извесно дека бројот на овие туристи во наредниот период значително ќе се зголеми.“ Зошто е сосема извесно? Како што рековме, и покрај проектите за праќање пензионери на бањи и финансирање и субвенционирање на одмори за деца, домашниот туризам досега паѓаше. Можеби навистина е „сосема е извесно“, како што се вели во веста дека ќе има раст на домашните туристи, ама не е кажано зошто и во што се состои извесноста. Се спомнуваат некакви „долгорочни проекти на владата и локалната самоуправа“, ама со оглед на тоа што нивните ефекти допрва треба да се видат или тие допрва треба да се спроведат, не може да се каже оти нешто што можеби ќе се случи во иднината е „сосема извесно“. Може да се каже дека „се очекува“ или, пак, дека некои предвидувања или анализи покажуваат таков можен тренд, но не и дека е сосема извесно. Особено што досегашните мерки за зголемување на бројот на домашните туристи, кои се спроведуваат 2-3 години, не вродија со плод. Единствено што направија е евентуално да го намалат падот на бројот на домашните туристи.
Изнесените податоци од страна на официјални лица треба внимателно да се следат и да се пренесат така како што се кажани, за да не дојде до нивно погрешно или генерализирано толкување. Уште подобро би било тие да се анализираат и да се направи обиде да се откријат дупки, или, пак, манипулации како што на овој настан е сторено со изнесувањето на позитивни долгорочни податоци за странските туристи и позитивни краткорочни податоци за домашните туристи, но прикривање на негативните долгорочни податоци за домашните туристи, кои во секоја објективна дебата можат да се окарактеризираат како тренд. Исто така, како што напишавме, телевизиското време е многу драгоцено. Известувањето треба да биде кратко и содржајно. Затоа во телевизиските прилози нема многу место за предвидувања или заклучоци кои не можат брзо и недвосмислено да се поткрепат со цврсти наводи, податоци или релевантни извори.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар