Петровска: Довербата на јавноста во правосудството е едвај 10 отсто
Разговор со Натали Петровска, извршен директор на Коалиција за правично судење
– Доколку се погледнат податоци од Вашиот мониторинг и податоците од мониторингот еден и два од други невладини организации – дали може со сигурност да се констатира дека една од препораките за транспарентна судска постапка и за вклучување на јавноста што е наведено и во Итните реформски приоритети на ЕУ за МКД од 2015 година, не само што не се исполнува туку состојбата е и влошена?
Петровска: Во списокот на Итните реформски приоритети кои беа посочени уште во 2015г. од страна на ЕК, а чија цел беше справување со затекнатите системски слабости во повеќе области, помеѓу кои и владеење на правото, покрај останатите слабости во правосудството, потенциран беше и проблемот со јавното објавување на сите судски пресуди во рокови определени со закон, но и нивна достапност до граѓаните, преку овозможување на систем за полесен пристап. Факт е дека и покрај дадената препорака и приоритетност на оваа проблематика, околностите за оваа состојба не се променети.
Нетранспарентното постапување на судот во одредени ситуации кое е детектирано од наша страна (врз основа на кое не би можеле да генерализираме поврзувајќи се со степенот на апсолутна нетранспарентност) секогаш остава простор и сомнеж за лоша оценка на неговото работење, но и за нетранспарентноста и отчетноста при постапувањето и одлучувањето на истиот.
Кога би ги земале во предвид индикаторите за транспарентноста на судовите, од аспект на јавно објавување на податоците за предметите кои се во работа на судот, (како и објавување на времето и местото на судењата кои е потребно да бидат јавно објавени на таблата надвор од судницата), но и нивно електронско објавување на веб страните на судовите, дефинитивно може да се констатира назадување односно намалена транспарентност. Доколку се погледнат податоците со кои располагаме од изминатите три години, забележително е наглото назадување во поглед на транспарентноста изминатата- 2017 година, каде на пример за прв пат бројот на расправи каде не било јавно објавено времето и местото на одржување е поголем од бројот на расправи каде тоа е сторено.
Додека пак во поглед на електронскиот пристап до овие податоци, можеме да констатираме непотполна функционалност на официјaлниот портал www.sud.mk и тоа претежно од аспект на перцепција на стручната јавност, која впрочем и најчесто го користи овој портал. Ова особено во поглед на непочитување на одредбите за јавно објавување на правосилни пресуди (согласно закон и законски рок), ниту законските рокови за изработка на судските одлуки, потешкотиите во пребарувањето на судските одлуки на веб страната на судот. На погоренаведените проблематики се надоврзуваат уште и законските празнини во поглед на недостиг на одредби во Судскиот деловник за објавување на задолжителните податоци на судските портали (податоци за финансиското работење на судовите, годишни финансиски извештаи и сл.)
– Дали (не)транспарентноста и (не)јавноста во судските постапки можеме да ги поврземе со корупција или генерално тежиштето е врз фер и правично судење?
Петровска: Имајќи во предвид дека Коалицијата веќе неколку години по ред реализира проекти кои се поврзани со борба против организиран криминал и корупција, но и е дел и од Платформата за борба против корупција, секако дека нашите заложби се и низ оваа призма да ги анализираме судските постапки. Меѓутоа, коментирањето на состојбите во овој контекст не би било благодарно, а уште помалку базирано на факти и докази, но како и да е, таквото постапување неретко остава простор за сомневање дури и ако реално е неосновано. Во секој случај неопходно е да се пристапи кон дополнително истражување на ова прашање, за што неопходен ќе биде и ангажманот на надлежните државни институции.
Недоволната аргументираност и несоодветната образложеност на решенијата со кои се исклучува јавноста, како и нивно јавно необјавување оставаат простор за сомневања и темна дамка на институциите за правилно постапување, а со тоа само ја поткопуваат довербата на граѓаните во правосудството, која реално, според нашите последни спроведени анкети и истражувања е едвај 10%.
– Во повеќето јавни расправи каде што учествувале судии и обвинители или во истражувањата на нво-ата се констатира дека проблем биле пари, технички услови (простор и опрема) или кадровски проблеми (немање на административци и IT-лица). Дали е тоа проблем кој може јавноста и странките во постапката да го разберат или пак станува збор за недостиг и на политичка волја и на волја кај надлежните во судството?
Петровска: Голем процент од судењата на кои јавноста нема можност да присуствува, се токму поради малите капацитети на судовите, како просторни, така и технички. Како пример би го посочила Основниот суд Скопје 1, во Скопје, во кој има само една судница која што е опремена со потребната аудио и видео опрема за снимање и евидентирање на судењата како што е предвидено во Законот за кривичната постапка. Оваа судница исто така е и единствената која има просторен капацитет да собере односно овозможи пристап на повеќе претставници на јавноста. Според тоа, недостигот на простор и опрема директно влијае на јавноста, транспарентноста и на правото на фер и правично судење, па оттука странките не би требало да имаат разбирање во ситуација кога им е загрозено ова право кое е загарантирано со Уставот на РМ, процесните закони и Европската конвенција за човекови права.
Од погоре изнесеното, неопходно преостанува да се изведе заклучокот дека станува збор за недостиг на свесност за големината на проблемот, како и недостиг на волја и менаџерски способности на надлежните институции.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар