Писмо до комесарот Хан од 70 граѓански организации: Нема услови за избори во април 2016
Повеќе од 70 граѓански организации, платформи и иницијативи упатија заедничкото писмо до еврокомесарот Јоханес Хан и другите меѓународни фактори активни во решавањето на политичката криза во Република Македонија, во кое бараат одложување на предвремените парламентарни избори сè до моментот додека не бидат исполнети суштинските елементи на Договорот од Пржино и Итните реформски приоритети…
Повеќе од 70 граѓански организации, платформи и иницијативи упатија заедничко писмо до еврокомесарот Јоханес Хан и другите меѓународни фактори активни во решавањето на политичката криза во Република Македонија, во кое бараат одложување на предвремените парламентарни избори сè до моментот додека не бидат исполнети суштинските елементи на Договорот од Пржино и Итните реформски приоритети кои се однесуваат на изборите.
Во писмото се вели:
Ви се обраќаме во пресрет на претстојната посета на еврокомесарот за проширување и соседска политика, г-дин Јоханес Хан на Република Македонија, која ќе се одржи на 15 јануари 2016 година, точно на денот кога според договорот за надминување на политичката криза во државата (Договор од Пржино) треба да имаме нова влада која ќе организира фер и демократски предвремени парламентарни избори на 24 април 2016 година.
На почетокот од нашето обраќање го изразуваме нашиот став дека во овој момент не се исполнети клучни услови, ниту постои поволна атмосфера за одржување фер, слободни и демократски парламентарни избори кои ќе ја вратат довербата на граѓаните дека во Македонија е возможно слободно да се одлучува и дека граѓанската одлука ќе биде испочитувана од институциите и од сите политички партии. Притоа, потсетуваме дека целосното спроведување на Договорот од Пржино треба да означи крај на најдлабоката политичка криза во државата од 2001 година наваму и да резултира со одржување фер, слободни и демократски избори.Дозволете со повеќе аргументи и примери да го поткрепиме овој наш став и да упатиме неколку конкретни барања и идеи за неодложни чекори кои ќе водат до создавање на услови за слободни, фер и демократски избори оваа година.
Основна причина зашто цениме дека нема доволно услови за одржување слободни, фер и демократски избори во април 2016 година, се сериозните задоцнувања во спроведувањето на точките од Договорот од Пржино и од Итните реформски приоритети, кои се непосредно поврзани со одржувањето на изборите. Најмногу би ги потенцирале нецелосната функционалност на Државната изборна комисија (ДИК) како клучна институција за ажурирање на избирачкиот список и спроведување на изборите, како и отсуството на каков било договор за реформите во сферата на медиумите и медиумските слободи.Во однос на ДИК како институција со нов состав и нови, зајакнати надлежности, сакаме да укажеме дека целосното конституирање на оваа институција е сè уште незавршено и таа не функционира со полн капацитет. Сé уште не е формирана ни правната служба на ДИК која согласно новото изборно законодавство има клучна улога во документирање и подготовка на предметите кои ќе произлезат од евентуалните приговори во изборниот процес.
Исто така, ниту процедурата за прочистување на избирачкиот список сѐ уште не е утврдена и договорена, а за нејзино спроведување воопшто и не станува збор. Имајќи ги предвид изјавите на претседателот на ДИК на оваа тема, очекувањата на граѓаните се во насока ажурирањето на избирачкиот список, како клучен процес за обезбедување кредибилни избори, да се одвива преку проверки и вкрстување на различни бази на податоци и евиденции во надлежност на институциите, но и преку целосна и детална теренска проверка на сите податоци.Сите овие постапки бараат период од најмалку еден до два месеци за институционална подготовка, а за прочистувањето на избирачкиот список се потребни дури и три до четири месеци интензивна работа. Доколку овој процес не заврши пред почетокот на изборната кампања, тогаш одржувањето на изборите станува исклучително ризично и отвора простор за сериозно продлабочување на политичката криза од која граѓаните и државата ќе имаат огромна штета.
Уште една голема закана за одржување фер, демократски и слободни избори во април 2016 година е непостоењето договор меѓу клучните политички партии за реформите во медиумите кои се еден од клучните фактори во создавањето еднаква шанса за медиумско присуство на сите политички опции. Отсуството на реформи во медиумската сфера ќе им остави простор на партиите на власт, својата предизборна кампања повторно да ја засноваат на жестока пропаганда, на говор на омраза и на манипулации со информациите, наместо на борба на идеи, концепти и политики. Граѓаните, ја препознаваат исклучително важната улога на медиумите, особено на оние финансирани со јавните пари, во враќањето на тежиштето на политичката моќ кај граѓаните наместо исклучиво кај партиите. И токму затоа, без клучни реформи во медиумската сфера, пред сѐ во јавниот радиодифузен сервис и независното регулаторно тело за медиумите, не се возможни фер и демократски избори.
Едновремено, би сакале да посочиме дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ како партии на власт постојано го забавуваат и попречуваат спроведувањето на Договорот од Пржино, но и на Итните реформски приоритети, утврдени во Извештајот на Прибе. Итните реформски приоритети, во делот на изборните реформи предвидуваат целосно спроведување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР со посебен акцент на раздвојувањето на државата и партијата, на довербата во избирачкиот список и на системот за решавање на приговорите. Исто така, Итните реформски приоритети, во делот на деполитизација на јавната администрација препорачуваат итна суспензија на Законот за трансформација на времените вработувања во јавната администрација во трајни, што е експлицитно одбиено од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Слично е однесувањето на владејачките партии и во делот на заштитата на приватноста на граѓаните и контролата на тајните служби, како и во зајакнувањето на независните регулаторни тела за контрола на извршната власт. Итните реформски приоритети предвидуваат ефективна собраниска и судска контрола врз следењето на комуникациите. Сѐ уште ништо сериозно не е преземено во врска со контролата врз следењето на комуникациите, па граѓаните и граѓанските организации и до ден-денешен, не се сигурни дали некој противзаконски ги следи нивните комуникации и не ја злоупотребува нивната содржина нарушувајќи ја нивната приватност.
Граѓанските активисти и сите слободоумни граѓани, сè уште се постојана мета на говор на омраза и закани од страна на провладините новинари и медиуми. Надлежните институции бавно или воопшто не реагираат и не постапуваат ефикасно во спречувањето и санкционирањето на овие појави. Во јавноста се создава слика за неказнивост и недопирливост на определени поединци под заштита на власта, кои постојано сеат говор на омраза и закани и на таков начин го засилуваат стравот кај граѓаните, кој секако, не создава атмосфера за слободни, фер и демократски избори.
Имајќи го предвид сето ова, ние, граѓанските организации бараме од ЕУ, САД и од сите други домашни и странски фактори вклучени во решавањето на кризата, да ги уважат нашите аргументи и да ги одложат предвремените парламентарни избори сè до моментот додека не бидат исполнети суштинските елементи на Договорот од Пржино и Итните реформски приортиети кои се однесуваат на изборите. Наша единствена цел е овозможување вистинска фер, демократска и слободна атмосфера за избори во кои ќе веруваат сите и кои граѓаните ќе ги препознаат како артикулација на нивната волја за политички избор.Исто така, апелираме до сите политички партии вклучени во преговарачкиот процес за решавање на политичката криза да се однесуваат одговорно и демократски и итно да ги спроведат договорените решенија, како и да постигнат договор за сè што не е договорено, а е од суштинско значење за фер и демократски избори. Во оваа смисла сметаме дека е клучно да се оствари точката од Договорот од Пржино за неодложно поднесување оставка на премиерот Груевски, без разлика кога ќе бидат одржани предвремените парламентарни избори, бидејќи преодната влада со нов премиер е едeн од најважните елементи за гарантирање фер и демократски избори.
Бараме од сите надлежни институции (МВР, јавното обвинителство, надлежните судови и други тела) итно да постапат по сите пријави или индиции и допрен глас за елементи на говор на омраза и поттикнување нетрпеливост кон определени групи и поединци.
Граѓанските организации и натаму ќе имаат активна и конструктивна улога во решавањето на длабоката општествено-политичка криза на државата, ќе останат фактор во градењето на демократијата, во креирањето на јавните политики и во демонстрирањето граѓанска свест за политичко ангажирање во граѓански интерес што впрочем и беше нотирано од Европската комисија во последниот извештај за Република Македонија.
Со почит,
Банка за храна Македонија | Vox Academica | Го сакам ГТЦ | Граѓанска иницијатива „Арсена“ | ЕХО Едукативно-хуманитарна организација Штип | Здружение „Женски форум“ – Тетово | Здружение „Избор“ – Струмица | Здружение „Иницијативен глас“ – Прилеп | Здружението на граѓани „Студентска организација Излез“| Здружение за граѓанско општество „8-ми Септември“ – Скопје | Здружение за демократија, дебата, дијалог, децентрализација – ПЛАН 4Д | Здружение за дислексија „Ајнштајн“| Здружение за економско-политички анализи КВАНТУМ ПРИМА – Кавадарци | Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ | Здружение за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“| Здружение за ширење на демократија и демократски принципи ПРОЕКТ-ЕУ – Кавадарци | Здружение Јустиција | Здружение Млади европски федералисти – ЏЕФ Македонија | Здружение на балканските Еѓипќани во Македонија | Здружение на граѓани „Бистра“ – Ростуше | Здружение на граѓани „Вратете насмевка“ – Велес | Здружение на граѓани „За нас се работи“ – Битола | Здружение на граѓани „Патокази“ – Гевгелија | Здружение на граѓани Есперанца Светски културен центар, Скопје | Здружение на граѓани за промоција на женската активност Тиииит! Инк. | Здружение на граѓани Контрапункт | Здружение на граѓани ПРОФИЦИО – Мултиетничка толеранција преку економски просперитет | Здружение на учесници во вооружените дејствија при одбраната на суверенитетот на РМ 2001/2002 | Здружение Регионален центар за одржлив развој – Кратово | Здружение Центар за стратегии и развој ПАКТИС – Прилеп | Здружението за заштита на културниот идентитет на Египќаните „Изида“ 41/21 – Ресен | Здружението за локален развој „Акција Плус“ – Ресен | Здружение за развој и активизам „Аква“ – Струга | Има Иднина | Институт за човекови права | Интернет Хотлајн Провајдер Македонија | Јадро – асоцијација на независната културна сцена | Коалицијата на здруженија на граѓани „Сите за правично судење“ | Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ | Коалиција за одржлив развој – КОР | Македонски центар за европско образование | Македонско европско движење | Младински културен центар – Битола | Mладински образовен форум | Национален совет за родова рамноправност | НВО Здружение на ромската интелегенција – Англунипе | НВО Инфоцентар | Платформа за граѓанска политика – Ајде! | Плоштад Слобода | Прогрес – Институт за социјална демократија | Реактор – Истражување во акција | Ромска организација за мултикултурна афирмација РОМА С.О.С. | Ромски едукативен центар „Амбрела“ | Рурална Коалиција – Куманово | Синдикат на македонската дипломатска служба | Транспарентност Македонија | Факултет за работи што не се учат / АКТО | Фондација Метаморфозис | Фондација Отворено општество – Македонија | Фондацијата за развој на локалната заедница Штип | Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација | Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија | Центар за граѓанска иницијатива | Центар за демократија и развој | Центар за демократски развој и иницијативи во Mакедонија – ЦДРИМ | Центар за едукација и развој | Центар за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ | Центар за истражување, комуникации и развој ПАБЛИК | Центар за културнo наследствo | Центар за меѓуетничка толеранција и бегалци | Центар за одржлив развој на заедницата Дебар | Центар за развој на локалната демократија | Центар за современи уметности | ЦИВИЛ – Центар за слобода
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар