„Подадената рака“ на ВМРО-ДПМНЕ за справување со корона вирусот е спин со популистички шмек

Х. Мицкоски. Фото: принтскрин

Голем дел од најновите предлози на ВМРО-ДПМНЕ како „подадена рака“ кон власта за справување со опасноста од корона вирусот, се или неспроведливи или без логика за спроведување и можно алиби за утре да се каже – ете подадовме рака, не не послушаа… Конечно, кога толку „подаваат рака“, зошто ВМРО-ДПМНЕ не предложи партиите да се откажат од буџетското финансирање за одреден период, вклучително и платеното медиумско претставување за време на изборите, што е бројка од повеќе милиони евра?

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски излезе во јавноста со предлози до Владата за серија мерки, при што се препознава спин, т.е. извртување на вистината:

Спин:  Ова е подадена рака за помош. ВМРО-ДПМНЕ ја нуди целокупната поддршка и експертска помош преку тимот на доктори кои се дел од нашата комисија за здравство и знаење од областа на економијата за справување на последиците од корона вирусот…

 [Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Х. Мицкоски – датум: 13.03.2020]

 

Контраспин:

Претседателот на опозициската партија Христијан Мицкоски, по вчерашната лидерска средба, на која се разговараше за состојбата со корона вирусот во земјата, денеска излезе со спинување за „подадена рака“ кон власта за справување со ситуацијата. Тоа е спинување зашто понудата од итни серија мерки што треба да ги преземе Владата, а кои се однесуваат на граѓаните и економијата, во голем дел се неспроведливи или нема логика да се спроведат. Еве дел од мерките што ги сметаме за такви:

  • државата односно владата да обезбеди бесплатни маски и ракавици за граѓаните.
  • еднократна парична помош и целосно бесплатно лекување за заболените од вирусот
  • предлагаме замрзнување на обврските на компаниите кон државата, чија што работа е погодена со настанатата ситуација со корона вирусот
  • замрзнување на обврските на компаниите кон банките и заемодаваталите за месец март, чија што работа е погодена со состојбата на корона вирусот
  • државата односно владата да преземе обврска за месец март да ги сторнира и плати каматите на граѓаните и стопанството кон банките и заемодавателите

На крај од мерките Мицкоски вели дека „ова е сетот мерки економски кои што ги предлагаме веднаш сега за месец март, веднаш по прогласување на состојба на криза од страна на владата“!

Да тргнеме, на пример, од мерката Владата да обезбеди за СИТЕ граѓани бесплатни маски и ракавици. Прво е невозможно за СИТЕ, зашто по колку пара треба да обезбеди и за колку пребројани жители во Македонија? Второ, експертите веќе се изјаснија дека маските може да се препорачливи само за заболените, а дополнително опасни за здрави лица.

Или, на пример, мерката еднократна парична помош и целосно бесплатно лекување...Лекувањето во принцип и онака е бесплатно, но еднократна парична помош за заболените? И по кој принцип и како? Дали и докторката што скијала на Доломити треба да добие еднократна парична помош?

Околу предлогот за замрзнувањето на обврските на компаниите што се погодени и кон банките и кон државата…Што се однесува до државата, да, тоа би можело да се стори на краток или среден рок, но само по детална пресметка за секоја компанија или сектор. Но, тука се доведува во прашање здравата логика – кој се не е погоден од состојбата со корона вирусот?

Дали државата треба да им ги замрзне обврските и на најголемите компании што се занимаваат со продажба на нафтени деривати, кои може да се пожалат дека се погодени, зашто со неочекуваното паѓање на цената на нафатата на светските пазари, паѓаат и цените на дериватите, а со тоа и приходите на тие компании? Но, не се само тие, паѓаат и приходите на државата од продажбата…

Што се однесува до банките, не постојат услови државата да им наредува што да прават банките, туку може да препорача.

Што да се каже пак за овој предлог: државата односно владата да преземе обврска за месец март да ги сторнира и плати каматите на граѓаните и стопанството кон банките и заемодавателите.

Дали и оној кој малку се разбира во приходно-расходна страна на буџет, би можел да каже дали оваа мерка е спроведлива, а сепак да останат пари во буџетот токму за здравствениот систем под број еден, за образованието и социјалата под број два, па потоа и за спроведување на се друго што значи обврски на државата.

Конечно, кога толку „подаваат рака“, зошто ВМРО-ДПМНЕ не предложи партиите да се откажат од буџетското финансирање за одреден период, вклучително платеното медиумско претставување за време на изборите. Па, станува збор за повеќе милиони евра, не е малку, нели?

Поради се погоре кажано, може да се оцени дека добар дел од предлозите на ВМРО-ДПМНЕ се неспроведливи, популистички, а оттаму и констатацијата дека станува збор за подадена рака за помош ја оценуваме како извртена вистина, т.е. спин.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.