Полициската бруталност на 5 мај 2015 го разгоре оганот на протестите

5. мај 2015 година. Полициски продор. Фото: Вистиномер

Протестот пред Владата на РМ, а потоа и судирите со полицијата низ улиците на центарот на Скопје, откако таа ги нападна демонстрантите, претставуваа пресвртница кај протестното движење во главниот град. Тие овозможија овогодишните протести да бидат уште похрабри и побројни и го отворија патот кон Шарената револуција.

 

 

Протестот пред Владата на РМ, а потоа и судирите со полицијата низ улиците на центарот на Скопје, откако таа ги нападна демонстрантите, претставуваа пресвртница кај протестното движење во главниот град. Тие овозможија овогодишните протести да бидат уште похрабри и побројни и го отворија патот кон Шарената револуција. Полицијата ги нападна демонстрантите пред Владата откако тие гневот, поради она што го слушнаа на снимките за убиството на Мартин Нешковски, го истурија врз барокизираната владина зграда, а се смета дека полицискиот напад се случи под директна наредба на премиерот Никола Груевски. Сепак, најважните информации за настаните таа вечер ќе се дознаат дури откако оваа власт ќе биде сменета. 

 

Пишува: Сашо Спасоски

 

Денеска се навршува една година од брутално задушуваниот протест пред Владата, кој почна веднаш откако СДСМ на 5 мај лани ги објави прислушуваните разговори, кои открија како власта го заташкувала убиството на Мартин Нешкоски и потоа се обидувала да се измие од срамот и вината. Гневот на народот и жестокиот удар на власта преку полицијата за да го задуши крикот на отпор против, како што велеа учесниците во протестот и протестите што следеа потоа, лагите и криминалното владеење, уште истиот ден во јавното мислење се втиснаа како еден од најмаркантните настани во периодот на македонската самостојност.

Демонстрантите на Илинденска, кои се собраа неколку часа од прес-конференцијата на Зоран Заев фрлаа со јајца кон владата и извикуваа „Убијци!“ и „Правда за Мартин!“. Илјадници граѓани гневно бараа оставки од Владата.

Работите се динамизираа откако дел од демонстрантите се обидоа да го пробијат полицискиот кордон и да дојдат пред Владата, а во тоа успеаа неколкумина, меѓу кои беа братот и мајката на убиениот Мартин. Подоцна се дозволи пристап до самата зграда, на неколку метри од влезната врата, од која ги делеше нов кордон полиција. Во тие мигови, некаде околу 21 часот, една група започна да ја провоцира и напаѓа полицијата. Дел од демонстрантите фрлаа домати, јајца, камења и факли. Пoтоа, полицијата ги истурка сите демонстранти од пред влезот и ги распрска на повеќе групи, при што имаше и тепање и повредени, но и приведени, од кои дел не беа насилни и не пружаа никаков отпор. Бркањето на демонстрантите, од кои голем дел беа во масата што мирно ја следеше ескалацијата, потоа се одвиваше и низ улици во центарот на Скопје, со многумина истепани и приведени. Во потрагата полициски специјалци упаднаа и во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, при што, поради сомнеж дека учествувале во насилство, беа приведени и малтретирани и студенти што учеле.

 

АПСЕЊА, ПРЕСУДИ И РЕАКЦИИ

Основниот суд Скопје 1 досуди осум условни и една затворска казна во траење од 10 месеци за групата од деветмина демонстранти обвинети дека предизвикале инциденти и нападнале полицајци за време на протестите.

На протестот на Илинденска на 5 мај 2015, но и во полицискиот лов потоа, според МВР, имаше 38 повредени и 30-ина уапсени граѓани. Министерката Јанкулоска и премиерот Груевски побрзаа да ја пофалат полициската акција и да ја оценат како професионална.

13103509_1772409366311418_1940003919029370216_n
Фото: Протестен постер

Но „Хјуман рајтс воч“ во својот извештај за полициската бруталност на протестите на 5 мај констатира дека полицијата употребила прекумерна сила за време на протестот.

Реакциите и оценките од опозициските медиуми и македонски невладини организации, беа дека беше употребена прекумерна сила.

Ден по објавувањето на снимките Никола Груевски се појави како гостин на „Сител“ при што ја убедуваше јавноста дека ниту министерката за внатрешни работи, ниту било кој друг, не сакал ништо да прикрие, но воопшто не се осврна на оној дел од снимките каде што тој издава наредба да се негира дека осомничениот за убиството на Мартин Нешкоски бил службено присутен на митингот на ВМРО-ДПМНЕ.

Протестот од 5 мај 2015 година пред Владата беше зачетокот на серијата протестни маршеви што уследија веднаш потоа, на кои се бараше оставка од Владата. За неколку дена протестите добија нова физиономија, преку движењето Протестирам.

Набргу, по големиот митинг на 17 мај, почна и Кампот на слободата на Илинденска, што се заедно креираше притисок врз власта и доведе до преговорите и договорот од Пржино, со кои се направи обид да се разреши кризата. Тогашните протести своја реинкарнација доживеаја по одлуката на Иванов за аболицијата, со што од 12 април годинава почна нов серијал протести, кои набргу почнаа да се одвиваат под мотото Шарена револуција.

Фото: протестен постер
Фото: протестен постер

 

ПРОТЕСТ КОЈ ГИ РАСПАЛИ СИТЕ ПРОТЕСТИ

Но, иако најголемите, тоа не се единствените протести. Сепак, 5 мај беше почетокот на сериозниот бунт. На тоа денеска преку Фејсбук потсети д-р Бранимир Јовановиќ:

„Не почна сè со 5 Мај. Имаше протести и претходно. Многу протести. 5 Мај всушност беше надоврзување на протестниот бран кој почна есента 2014, со студентскиот марш. Пред тоа имаше и други – за спас на паркот кај Бристол, против поскапувањето на струјата, против полициската бруталност, против црква на плоштад, протести на стечајците, првомајски протести…

Но, на 5 Мај протестите добија поинакво значење. На 5 Мај ја прескокнавме полициската ограда, се најдовме лице в лице со полицајците од ЕБР, бевме толку блиску до влегување во Владата, се прашувавме „што ако влеземе внатре и го најдеме Груевски?“, полицијата употреби несразмерна сила, тепаше, апсеше по библиотеки, уапси 42 лица…

5 Мај беше нашиот чин на иницијација. Чинот по кој ние, протестирачите, созреавме. Чинот по кој не го изгубивме стравот, но научивме да се носиме со него. Чинот по кој сфативме дека убивањето на ѕверот не е лесна работа, но е сепак нешто изводливо.

Затоа, јас 5 Мај секогаш ќе го пишувам со голема буква, зашто за мене тоа е празник, еден од најголемите. Затоа, вечер, како и секогаш, гордо ќе извикувам – ОД 5 МАЈ ДО КРАЈ!

Се гледаме, во 6 пред СЈО!“

Денешниот протест е во знак на сеќавање на убиството на Нешкоски и на годишнината од крвавиот биланс на протестите од пред една година.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција