Повеќекратните убиства, проблемот со оружјето и медиумите

Чад од пиштол. Фото: Applе Dave, 2008
Зачаден пиштол. Фото: Applе Dave, 2008

 

Ако некаде во институциите е лоциран проблем, медиумите треба тоа најтранспарентно да го споделат со своите гледачи (читатели, слушатели) исто како што ја споделија и информацијата за немилите настани.

 

Пишува: Светлана Вељановска, доцент-доктор по меѓународно право

 

Двете тројни убиства што се случија во период од десетина дена побудија огромен интерес во медиумите во нашата земја. Факт е дека за нив детално се информираше и тоа од случувањето на убиствата, па сè до притворувањето на убиецот (во кавадаречкиот случај), односно до самоубиството (во злетовскиот случај).

Сепак, тема на анализа е начинот на кој медиумите се вклучија во третманот на чинот на убиството, причинско-последичните врски помеѓу сторителите и нивните жртви, како и тоа дали и во кој дел затаиле институциите, односно дали можело да се спречи да не дојде до овие трагични настани.

Порталот „Скај“ излезе со статистички податоци дека од почетокот на 2014 година, па до крајот на ноември, во земјава се случиле шест двојни и тројни убиства, од кои најголем дел во последните шест месеци. „Радио Слободна Европа“ , „Утрински весник“, „Слободен печат“, „Вечер“ лоцираат вина во институциите и бараат одговорност од надлежните органи и од службите задолжени за спречување на насилството.

За разлика од нив, кои се обидуваат да ги посочат виновниците и да побараат нивно санкционирање, „24 Вести“ , „Утрински весник“ и „Плусинфо“ отвораат поширока дебата и се обидуваат од различни аспекти да дојдат до причината за оваа појава на употреба на оружјето во пресметки од лична природа, но и да отворат дебата како да се надмине сериозниот проблем кој не бил толку застапен во општеството во децениите наназад.

 

ЛЕГАЛНО И ИЛЕГАЛНО ОРУЖЈЕ

Еден од начините кој се предлага е менување на законите и воведување поригорозни критериуми за тоа кој може да поседува оружје (приватно и во службени цели). Но, тоа, според изјавите на експертите во „24Вести“, нема да го намали трендот на убиства и на самоубиства во земјава. Тие дури посочуваат дека проблемот со службеното оружје не е единствен бидејќи:

„уште позагрижувачки се огромните арсенали на илегално оружје кои останаа по воените конфликти кое според анализите се движи до 170 илјади парчиња. Проблемот е настанат поради недоволниот третман на лицата учесници во конфликтната 2001-ва.“

Утрински весник излегува со податоци дека:

„Над 10 илјади парчиња оружје завршиле во орманите на македонските граѓаните во последниве шест години. Станува збор за легално оружје за кое е извадена дозвола од Министерството за внатрешни работи.

Бројката на нелегално оружје, која циркулира меѓу македонските граѓански е далеку поголема. Иако нема прецизни податоци, претпоставките се дека таа се движи меѓу 100 до 160 илјади парчиња оружје , што би значело дека секој петти на 100 жители во Македонија поседува оружје.“

Лоцирањето на проблемот во оружјето, кое нелегално се поседува или, пак, е во рацете на лицата кои биле вклучени во конфликтната 2001 година, не е најдобрата споредба во двете тројни убиства, пред сè, поради тоа што еден од сторителите легално го поседувал оружјето, а вториот бил ангажиран во АРМ, значи, исто така, имал право да располага и да употребува оружје во службени цели.

Еден од соговорниците на „Алсат М“, пак, посочи дека иако има опасност од лицата кои биле вклучени во конфликтот во 2001 година, тој, сепак, не е за рестрикции во Законот за носење на оружје, туку во поголемо ангажирање на психолози и на психијатри за работа со лицата кои имаат пострауматски стресни состојби.

 

ПРИМЕНА НА ПРОПИСИТЕ

Фактот дека, сепак, има проблем и дека тој мора да се реши, го прифаќаат надлежните министерства за одбрана и за внатрешни работи и формираат работни групи кои ќе посочат начини за надминување на пројавените проблеми. Тоа, најверојатно, ќе значи измени во законската регулатива за лицата што службено имаат работа со оружје. Ова, генерално, го пренесоа сите медиуми, при што дел од нив и повикаа тоа да се стори што поскоро, пред да се случи некој друг ваков трагичен настан.

Актуелните прописи дозволуваат оружје и муниција да се набавува само врз основа на одобрение издадено од МВР (чл 5). Тоа може да се издаде на физички лица заради заштита на нивната личност и имот, за лов и за спортско стрелаштво. Одобрение за набавување делови на оружје и одобрение за набавување муниција се издава на физички или правни лица кои поседуваат важечка дозвола за оружје или дозвола за поседување оружје.

Во Законот за носење оружје стои дека тоа може да се одземе во случај кога ќе се утврди дека лицата ја изгубиле деловната способност, способноста да поседуваат или да носат оружје, со правосилна пресуда за кривично дело или прекршок (чл 10).

Гледано од аспект на законската регулатива, правилна е констатацијата на претставникот од невладината организација „Цивил“, кој за „Утрински весник“  констатира дека законските одредби се солидни, но се потфрла во нивното спроведување.

„Она што е загрижувачко е што немаме јавна и транспарентна контрола врз структури кои имаат пристап, интерес и побарување за поседување и носење оружје.“

Тој, исто така, смета дека и во последниве години индиректно преку разни форми се охрабрува насилството.

Да се даде ваква констатација и од страна на медиумот да не се побара објаснување што значи тоа, односно кој го охрабрува насилството, е сериозен новинарски (уреднички) пропуст. Секој(а) новинар(ка) во ваква ситуација мора да побара од својот соговорник да посочи кој го охрабрува насилството, особено ако прилогот се пишува во деликатни моменти, како што се овие кога за еден месец има дури шест жртви од огнено оружје и кога има широка дебата во институциите и меѓу граѓаните за можните начини за надминување на состојбите.

 

РАБОТАТА НА ИНСТИТУЦИИТЕ

Пораките кои граѓаните ги презентираат во медиумите се дека толеранцијата кон лицата потенцијални сторители на убиство треба да се сведе на нула. Но, најважно е надлежните да ги препознаат и навреме да ги спречат можните трагични последици. Во институциите каде има хиерархиска одговорност, тоа е, можеби, најлесно да се препознае и токму поради тоа лоцирањето на одговорноста кај надлежните на овие лица не треба да биде табу-тема. За жал, претходните настани беа токму во такви средини каде требало да се препознае и да се спречи нивната појавата.

Фактот дека психолозите биле во контакт со војникот (во едниот случај) и дека полицијата била известена за постоењето семејно насилство (во другиот случај), а не презеле ништо да ги спречат овие лица да дојдат во допир со оружје, генерално е проследен во медиумите.

Сепак, добро е кога би ги имале и информациите за интерните истраги во МВР и во АРМ, како и тоа дали центрите за социјални работи постапиле во согласност со своите законски надлежности во делот на заштитата на жртвите на семејното насилство.

Ако некаде во институциите е лоциран проблем, медиумите треба тоа најтранспарентно да го споделат со своите гледачи (читатели, слушатели) исто како што ја споделија и информацијата за немилите настани.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција