Повторно евтина дневна тарифа на струјата
Ја враќаме евтината струја:
Во изминативе десет години сметките за струја се зголемени за рекордни 100 проценти. Ќе ја вратиме дневната евтина тарифа на струјата. Ќе воведеме евтина викенд тарифа, што значи дека ќе има евтина струја во текот на целиот викенд, а не само во недела, како што е сега.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Враќањето на евтината тарифа на струјата е исполнето ветување на СДСМ, дадено во изборната програма со која партијата излезе на последните предвремени парламентарни избори во декември 2016 година, насловена „План за живот во Македонија“ (стр.5).
На 24 август 2017 година Владата објави дека од октомври (2017) се враќа дневната евтина тарифа на електричната енергија. Во медиумите беше пренесена прес-конференцијата на која премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев информираа дека:
Од 1 октомври од понеделник до сабота од 14 до 16 часот ќе има евтина струја, вечерните часови од 22 до 7 наутро и недела остануваат како термин за трошење на поевтина струја,
На 29 август 2017 година медиумите информираа дека Регулаторната комисија го измени тарифниот систем со цел да се воведе евтина дневна тарифа на струјата и тој е веќе препратен да се објави во „Службен весник“, по што дистрибутерот ЕВН на терен ќе може да ги измени тарифите на броилата на секое домаќинство.
На 30 август 2017 година од дистрибутивната компанија „ЕВН“ соопштија дека се подготвени да ги прилагодат броилата и дека целиот процес ќе се спроведува етапно, а треба да заврши до крајот на октомври.
Во системот за дистрибуција на електрична енергија има 800 илјади броила кои ќе мора да се прилагодат на новиот тарифник и тој процес не може да се изврши одеднаш кај сите во исто време. Целиот зафат ќе се спроведе по реони и во зависност од отчитувачката група во која спаѓа корисникот. Во зависност од тоа ќе се знае и кои корисници кога ќе почнат да ја користат евтината тарифа…
ИЗВОРИ:
- Изборна програма на СДСМ: План за живот во Македонија (стр.5) [Пристапено: 01.09.2017]
- Тајм.мк (24.08.2017): Евтина тарифа од 14 до 16 часот [Пристапено: 01.09.2017]
- Нова ТВ (24.08.2017):Од октомври евтина струја од 14 до 16 часот секој ден [Пристапено: 01.09.2017]
- Вести.мк (29.08.2017): Новиот тарифник со дневна евтина струја треба да биде објавен во „Службен весник“ [Пристапено: 01.09.2017]
- Сител (29.08.2017): РКЕ го измени тарифникот за да се воведе дневна евтина тарифа на струјата [Пристапено: 01.09.2017]
- Плус инфо (30.08.2017): Евтината струја до секoе домаќинство треба да стигне до крајот на октомври [Пристапено: 01.09.2017]
Оцени: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар