Пред бугарската амбасада во Скопје нема редици за враќање на бугарските пасоши

Објава на Фејсбук дезинформира дека има редици пред бугарската амбасада од Македонци кои ги враќаат бугарските пасоши. Со насловот на текстот,иако содржи прашалник, како и со фотографијата од 2018 година, снимена пред Конзулатот на Република Словенија во Бања Лука, направена е манипулација која се шири на социјалните мрежи и добива голема поддршка. Ваквите манипулации можат да поттикнат непријателство и да наштетат на државните политики во односите со Бугарија

Објава на Фејсбук дезинформира дека има редици пред бугарската амбасада од Македонци кои ги враќаат бугарските пасоши. Со насловот на текстот, иако содржи прашалник, како и со фотографијата од 2018 година, снимена пред Конзулатот на Република Словенија во Бања Лука, направена е манипулација која се шири на социјалните мрежи и добива голема поддршка. Ваквите манипулации можат да поттикнат непријателство и да наштетат на државните политики во односите со Бугарија

 

На Фејсбук осамна пост (копија овде), кој вели дека пред бугарската амбасада во Скопје има редица од луѓе, кои ги враќаат своите бугарски пасоши. Ваквиот наслов има прашалник, кој би требало да послужи како оградување, но самиот наслов, со оглед на тоа што е направен во исказна форма, а не во прашална, претставува манипулација. Постот во најавата уште и прашува дали ќе се раскине и Договорот за добрососедство. Тој е придружен со фотографија на која се гледа редица од млади лица пред некоја зграда и со тоа се манипулира како небаре да станува збор за фотографија пред Бугарската амбасада во Скопје. Таквата манипулација е неточна, како и самата фотографијата. Постот има 1.700 реакции, 565 коментари и 129 споделувања.

Имено, објавената содржина „Редица пред бугарката амбасада: Македонците ги враќаат своите бугарски пасоши? (ФОТО)“ има манипулативен наслов и лажна фотографија. Насловната фотографија не е направена пред зградата на бугарската амбасада во Скопје, туку е фотографија преземена од босанскиот сајт Кликс.ба и е направена во 2018 година. На фотографијата млади лица чекаат ред за визи пред Конзулатот на Република Словенија во Бања Лука.

Фејсбук фотографијата од Конзулатот на Словенија во Бања Лука (горе) и бугарската амбасада во Скопје (долу)

 

Кога ќе ја отворите објавата, ќе видите дека текстот нема никаква врска ниту со насловот, ниту со фотографијата.

Написот на почетокот пренесува ставови на директорот на институтот „Преспа“, Андреја Стојковски, за перцепциите на граѓаните за Договорот со Бугарија мерени во истражување направено за потребите на институтот. Истражувањето, како што посочува Стојковски, покажало дека само 1 процент од македонските граѓани ја гледаат Бугарија како пријател на државата. Само 23 проценти од граѓаните имале позитивно мислење за Договорот со Бугарија, а 42 проценти имале негативно мислење.

Истражувањето, се посочува понатаму во написот, го искоментирал и лидерот на ГДУ, Петар Колев.

Ако навистина овие податоци се точни, иако останувам со сомнежот за можна манипулијација, тогаш остануваат само два логични потези: Раскинување на Договорот за добрососедство, кое очекувам неговите противници да го направат преку инициран референдум со 150 000 потписи, кои не би било тешко да се соберат доколку навистина само 1% од граѓаните ја сметаат Бугарија за пријателска земја.

Очекувам долги редици од Македонци пред амбасадата на Р. Бугарија во Скопје кои во знак на непријателството масовно ги враќаат своите бугарски државјанства и документи. Очекувам долгите редици да бидат предводени од политичарите кои веруваат дека непријателството и омразата се иднината, а после нив и серија новинари кои се гласноговорници на истото.

Со огромно нетрпение ги очекувам споменатите настани, доколку оваа анкета е вистина.

Од содржината на написот се гледа дека воопшто не станува збор за никакви редици пред бугарската амбасада во Скопје за враќање на бугарските пасоши. Тоа е, всушност, очекување на лидерот на ГДУ, Петар Колев.

Со насловот на текстот и со насловната фотографија е направена сериозна манипулација која како таква се шири на социјалните мрежи и добива голема поддршка. Ваквите манипулации можат да поттикнат непријателство и да наштетат на државните политики во односите со Бугарија.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција