Преферираат ли косовските политичари со јавни пари да се лекуваат во странство?

 

Последните недели косовската јавност беше сведок на серија обвинувања за тоа како Косово се справува со пандемијата на КОВИД 19. И додека политичарите разменуваа обвинувања за тоа кој каде ги лечи своите најблиски, од фокусот на јавноста се тргна настрана темата за неуспехот за  активирање и ставање во функција на здравственото осигурување

 

Пишува: Емирета Влахиу

 

„Самоопределување“, сега и како владеачка партија, продолжува да ја критикува поранешната влада за состојбата во здравството, обвинувајќи ја дека во некои случаи членовите од нивните семејствата биле лекувани со јавни пари во државите од регионот. Првото вакво обвинување дојде од пратеничката Фатиме Пацоли која го обвини поранешниот премиер, Рамуш Харадинај дека неговата мајка била лечена во болница во Албанија.

 Ние се спротиставивме кога поранешниот премиер Рамуш Харадинај ја испрати својата мајка на лекување во странство. Замислете една европска земја каде премиерот го праќа својот родител или самиот се лекува во странство. Го имаме и господинот Иса Мустафа кој замина на лекување во странство. И ова е легитимно прашање, како премиерот се осмелува да испрати член на семејство во странство, наместо да инвестира во својата земја за да имаме добар здравствен систем, рече Пацоли.

Но, освен изјавата, нема никакви докази дека лекувањето на мајката на Харадинај  било направено со јавни пари. А, исто така, во изјавата недостигаат податоци дали болеста на госпоѓата Харадинај можела да се третира во Косово.  Харадинај ја игнорираше оваа изјава, додека неговиот брат, пратеникот Даут Харадинај за медиумите кажа дека изјавата за тоа што неговата мајка се лекувала во родната Албанија, не ја сфатил лошо.

Во Косово има лоши инвестиции во здравството и јавните средства постојано се користат за испраќање на пациенти во странство, во ова група спаѓаат и политичарите. Сепак, има и поинакви примери.

Имено, политичкиот аналитичар од Институтот ГАП, Агрон Деми ги посочува случаите на лекување на косовските политичари во странство со буџетски пари, но и случаите на оние кои одбиле да го сторат тоа.

Наим Малоку, војник на ОВК и поранешен пратеник, ги одби парите на владата за да се лекува во странство. Иако Наими е најмалку виновен за здравствената состојба на Косово , напиша Деми на својот профил на Фејсбук.

Имаше и критики за лидерот на ЛДК, Иса Мустафа, кој беше лекуван на клиника во Германија. Тој беше критикуван затоа што не се лекувал во Косово, иако, всушност, неговиот редок вид на парализа не може да се лекува дури ни во болниците во регионот.

Фашистичка логика! Дури и болните не се осмелуваат да се лекуваат каде што треба, туку таму каде што диктираат луѓето со испрани мозоци, напиша Мустафа по овие обвинувања.

Паралелно со обвинувањата околу лекувањето на косовските политичари во странство на државна , се прави и линк со нивните лични богатства.Така на пример, Владата издвои 30.000 евра за лекување на поранешниот вицепремиер Бујар Букоши, додека тој овие стредства ги има на неговата штедна книшка.

Практиката за лекување со буџетски пари на политичарите ја имаше и во Собранието на Косово. Во 2016 година, во време кога Собранието го предводеше Кадри Весели, беа издвоени 18 илјади евра за лекување на пратеникот на ДПК Џaвит Халити, кој има дури 110 илјади евра заштедени на неговото конто и богатство од над 1 милион евра.

Во меѓувреме, експертот за политички прашања и новинар од Митровица, Неџмедин Спахиу, за KALLXO.com изјави дека овој јавен дискурс се користи за да се деградираат противниците.

 Примарната цел кога се навредувате, кога јавно навредувате, е да го оцрните другиот, кој и да е. Тоа е политичка цел. Осудувањето само по себе е политичка цел. Ова има врска со нашата политичка култура, рече тој.

Косово одвои над 50 милиони евра од својот буџет за инвестиции во здравството и здравствената заштита. Средствата не се доволни за да се покријат потребите за снабдување со лекови, додека законот за здравствено осигурување иако е донесен, сепак, никогаш не се спроведе поради отсуство на придружни прописи (подзаконски акти).

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција