Прекинувањето на белите траги зад авионот не е доказ за „кемтрејлс“

Фото: Принтскрин видео

Белите траги зад авионите, кои теоретичарите на заговори ги нарекуваат „кемтрејлс“, се создаваат кога водената пареа и ситните честички изгорено млазно гориво од авионите се замрзнуваат во кристали од мраз. Прекинувањето на белите траги зад авионот е последица на промена на условите потребни за создавање на кондензација, а не доказ дека авионот наменски испушта „кемтрејлс“ и дека баш во тој момент пилотот го исклучил системот. Теоријата на заговор дека ваквите траги се, всушност, наменско и планско запрашување со отрови и тешки метали се повеќепати разобличени, но, сепак, се повторуваат по социјалните мрежи

Белите траги зад авионите, кои теоретичарите на заговори ги нарекуваат „кемтрејлс“, се создаваат кога водената пареа и ситните честички изгорено млазно гориво од авионите се замрзнуваат во кристали од мраз. Прекинувањето на белите траги зад авионот е последица на промена на условите потребни за создавање на кондензација, а не доказ дека авионот наменски испушта „кемтрејлс“ и дека баш во тој момент пилотот го исклучил системот. Теоријата на заговор дека ваквите траги се, всушност, наменско и планско запрашување со отрови и тешки метали се повеќепати разобличени, но, сепак, се повторуваат по социјалните мрежи

 

Во пост на Фејсбук е споделено видео, како дел од теоријата на заговор со која се тврди дека белите траги што ги оставаат авионите, познати како „кемтрејлс“, се отровни и опасни. На споделеното видео се гледа како белите траги зад авионот во еден момент запираат, момент што авторот го користи за поткрепа на својата теорија дека од авионот наменски се испуштаат отровни хемикалии.

Тврдењето дека тоа што белите траги зад авионот запираат претставува доказ за „планско запрашување“ е дезинформација, како поткрепа на теоријата на заговор која се повторува повеќе од 20 години. Не се работи за исклучување на системот за „кемтрејлс“, туку за промена на условите во воздухот, дали поради намалување на брзината, промена на висината на авионот, премин на авионот од тропосферата во стратосферата или обратно.

Авторот на објавата ги повикува оние кои тврдат дека трагите од авионите се траги од кондензација, да изнесат научни аргументи за оваа појава:

ХУ, па неХУ, како вака бе стручњаци ???

Овие што тврдат дека трагите од авоините, плус Вистиномер, Факчекерс…се траги моторите (од кондензација) на авионите, ќе ги замолам да изнесат научни аргументи за авионов, се расипал ли, му цркнал ли кондензаторот, или му снемало ХУ…а Вистиномер ???

Теоријата за постоењето на „кемтрејлс“ и „планско запрашување“ со отровни и тешки метали се повторува постојано, иако е многупати разбиена од науката. Белите траги кои авионите ги оставаат зад себе се создаваат кога водената пареа и ситните честички изгорено млазно гориво на авионите се замрзнуваат во кристали од мраз. При ниска влажност на воздухот, кристалите само се распаѓаат. При поголема влажност тие опстојуваат и на крајот создаваат видлива трага на големи површини на небото.

За нивното формирање се потребни три елементи: водена пареа, студен воздух и честички на кои може да се кондензира водената пареа. Водената пареа се произведува од авионот додека водородот во неговото гориво реагира со кислородот во воздухот. Не сите авиони оставаат бели траги – се проценува дека ова се случува на само околу 18 отсто од летовите. Воздухот треба да биде доволно студен за водата да замрзне, поради што тие обично се појавуваат само над одредени надморски височини – обично над 6 километри висина.

Токму промената во условите околу авионот е и причината за наглото исчезнување, односно запирање на создавање на бели траги зад авионот потенциран во видеото. Доколку авионот ја промени висината, премине од еден во друг слој од атмосферата или ја намали брзината, при што се намалува или запира испуштањето на остатоците од изгореното млазно гориво, тогаш не постојат услови за создавање на бели траги.

Како што многупати досега пишуваше „Вистиномер“, овие траги коишто сите ги гледаме на небото, не се резултат на некоја скриена агенда за запрашување на населението со отрови. Впрочем, ваквите траги од авионите ги има во воздушниот простор на сите земји, не само кај нас!

„Кемтрејлс“ е, всушност, теорија на заговор стара повеќе од две децении. Оваа невистинита и заснована на дезинформации теорија, го претставува верувањето дека вообичаените траги од кондензација што ги создаваат авионите во воздухот се „хемиски патеки“, составени од хемиски или биолошки агенси. Поддржувачите на оваа теорија се убедени дека различни влади се обидуваат негативно да ѝ влијаат на климата или на човековото здравје со тоа што прскаат токсични хемикалии, со цел да предизвикаат намалување на бројот на жители на планетата.

Оние кои веруваат во оваа теорија на заговор сметаат дека штом патеката од авионите е подолго време видлива, таа мора да содржи некакви опасни супстанции. Според ваквите верувања, вообичаената трага од авионите треба бргу да се распрсне, па оттаму, облаците кои не исчезнуваат мора да бидат полни со дополнителни, неоткриени супстанции, односно некакви отрови.

За да докаже дека оваа теорија на заговор е неточна и ги измамува луѓето, Форбс објави студија, според која 76 хемичари и научници од Универзитетот Ирвин, Калифорнија, изјавиле дека никогаш не дошле до докази оти постојат големи програми за хемиско прскање од авиони, со цел да се наштети на здравјето на граѓаните и со цел да се влијае на атмосферата. 

Според ова истражување, причината поради која трагите од авионите остануваат видливи е зашто тие летаат на поголеми височини отколку порано, што резултира со кондензациски траги, кои траат подолго време. Тоа што трагите од авионите се вкрстуваат е само и единствено доказ дека има зголемена фреквентност на авиосообраќајот, односно дека има многу повеќе авиони, кои учествуваат во авиосообраќајот, што е и примарната причина некои од нив да мораат да летаат и на поголеми височини.

Од изнесените податоци за тоа како се креираат белите траги од  авионите и кои услови се потребни за нивно создавање, јасно се заклучува дека видеото споделено на Фејсбук е дезинформација со цел креирање на страв, паника и несигурност.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција