Припор ја доби првата градинка

Новата градинка во Припор беше отворена во јануари 2015 година Фото: Принтскрин, Општина Кисела Вода

Проект: Отворање на детска градинка во населбата Припор

Ќе отвориме детска градинка во населбата Припор, клон на јавната детска градинка „8 Март“ во состав на подрачното ОУ „Круме Кепески“ за поголем опфат на деца за сместување во предучилишни установи, со што нивната ресоцијализација ќе ја подигнеме на високо ниво. Средствата за овој проект ќе ги обезбеди општината Кисела Вода. ( Рок за реализација: декември 2013 )

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Првата градинка во Припор беше отворена во јанури 2015 година. „Отворање на детска градинка во населбата Припор“,градоначалничката на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ,  вети во Изборната програмата (2013-2017) Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Кисела Вода! (Социјална заштита и социјална превенција, стр. 53). Така што,  ова е исполнето ветување на градоначалничката на Општина Кисела Вода, со забелешка дека тоа е реализирано  една година подоцна  од крајниот рок наведен во  Изборната програма (декември 2013).

На 27 февруари 2014 од Општина Кисела Вода информираа дека градоначалничката Беличанец-Алексиќ го потпишала Договорот со фирмата изведувач „Инком Инженеринг”, со што е дадено зелено светло за почеток на изградба на градинката во Припор. Тогаш беше соопштено дека градежните активности ќе се одвиваат во дел од ПОУ „Круме Кепески”, простор кој ќе биде дограден, реконструиран и пренаменет.

Две училници ќе бидат реновирани и пренаменети во занимални, дел од ходникот ќе биде пренаменет во перална со магацин, а ќе биде дограден и сосема нов дел, според идејното решение подготвено од Општината. Градинката ќе има засебен влез, а во нејзиниот состав ќе бидат организирани и јасли, креативни работилници, кујна и перална.

Во следните фази на проектот е планирана реконструкција на покривот на целиот објект на училиштето „Круме Кепески”, што е потребно поради дотраеноста на постојниот и проблемите со протекување. Ќе биде заменета и фасадата со нова, со што ќе се зголеми изолацијата на објектот, односно ќе се обезбедат услови за енергетска ефикасност.

Во април 2014 година медиумите информраа дека новата градинка во Припор ќе биде готова за  четири месеци.

Екипите на фирмата изведувач „Инком Инженеринг” интензивно работат на реконструкцијата и адаптацијата на двете постоечки простории и изградбата на сосема нов дел во подрачното основно училиште „Круме Кепески” во кои треба да функционира градинката. Објектот ќе обезбеди модерни, безбедни и здрави услови за згрижување на дечињата и нивна едукација.

Детската  градинка беше  пуштена во употреба на 17 јануари 2015 година. На свеченото отворање присуствуваа  тогашниот  министер за труд и социјална политика Диме Спасов и граоначалничката Беличанец-Алексиќ . Објектот „Стапалче” е  во состав на ЈДГ “8 Март”, a се наоѓа во новоизградениот дел од ПОУ “Круме Кепески” и  има капацитет да згрижи 75 дечиња. Од Кисела Вода информираа дека за неговата изградба од општинскиот буџет  се издвоени 12. 300. 000 денари.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција