Проектот “Културни информативни зони” спроведен само на хартија
Целта на овој проект е воспоставување на информативни зони со кои преку информатичко комуникациските технологии ќе се презентира и промовира богатото културното наследство на Република Македонија. Инфо таблите ќе бидат поставени пред најмалку 100 знаменитости (споменици, цркви, археолошки локалитети, музеи итн.) во Република Македонија. Со следење на упатствата на таблите, преку мобилен телефон или интернет (преку QR код), домашните и странските туристи ќе добијат говорни информации или пристап до електронски содржини со кои ќе се информираат за историјатот и значењето на знаменитоста и тоа на повеќе јазици. (Надлежни институции: Министерство за информатичко општество и администрација, Министерството за култура и општините, Буџет: 6 милиони денари)
OБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Проектот е најавен во Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ 2014 -2018 година во делот Информатичка технологија и реформи во јавна администрација. Досега ова ветување не е исполнето.
Иако проектот не беше дел од претходната програма на ВМРО-ДПМНЕ 2011-2015, истиот се најавува уште во 2012 година. Имено, во јуни 2012 година, Министерството за информатичка технологија и администрација објавува тендер за прибирање понуди за избор на оператор на „инфо зони” за знаменитости. Планирано било 156 селектирани знаменитости од Република Македонија, споменици на културата, археолошки наоѓалишта, црвки, музеи и слично да бидат опфатени со проектот. Операторот би управувал со системот на инфо-зони, при што туристите преку мобилен телефон би добиле повеќе информации за конкретна знамнитост. Нема електронски достапни информации околу оваа тендерска постапка, ниту пак дека проектот бил спроведен.
Подоцна проектот се најавува при донесување на предлог буџетот за 2015 година, за време на собраниската комисија за финансирање и буџет. По ова прашање, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Манаскова изјави:
Министерство за култура и во 2015 година ќе продолжи да ги финансира проектите од национален интерес во културата што ги распоредува согласно Законот за култура со објавување конкурс. Ќе се воспостават и културно информативни зони, со кои преку информатичко комуникацските технологии ќе се презентира и промовира богатото културно наследство на Македонија. (Mагдалена Манаскова, 26.09.2014 Вечер)
Дека проектот не е спроведен, потврда е и Стратешкиот план на Министерство за информатичко општество и администрација 2016-2018, каде се планирани активности за имплементација на истиот. Алоцирани се финансиски средства од 3.000.000 денари за 2016 година и 2.500.000 денари за 2017 година, буџет кој приближно кореспондира со иницијално планираниот буџет за овој проект од програмата на ВМРО – ДПМНЕ 2014-2018.
Проектот се споменува и во Отчетот за реализација на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “За подобра Македонија” во која се наведува следново:
Културни информативни зони (инфо-зони) и МК-водич – Во рамките на проектот МК-водич поставена е пилот верзија од андроид апликацијата за инфо зони, која беше развиена во соработка со ФИНКИ. Во тек се активности за изработка на веб-страница за т.н. „Културни информативни зони“, која ќе содржи информации за знаменитостите опфатени преку проектот, соодветно категоризирани и лесно достапни на неколку јазици.
Oтчетот упатува на тоа дека во тек се активности за реализација на проектот „Културни информативни зони”. Истите не можат да се проверат бидејки на веб страната на Министество за информатичка технологија и администрација како и Министерство за култура, како институции надлежни за имплементација на проектот нема достапни информации дека се започнати активности. Дополнително, имајќи предвид дека поставениот рок за спроведување на овој проект е 2015 година, може да се заклучи дека ова ветување на ВМРО-ДПМНЕ не е исполнето.
ЛИНКОВИ:
- Извор: Проверено – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2014-2018) (Информатичка технологија и реформи на јавна администрација, стр.104) [Пристапено: 05.04.2016]
- Стратешки план на Министерство за информатичко општество и администрација 2016-2018 [Пристапено: 05.04.2016]
- Отчетот за реализација на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “За подобра Македонија”
- Вечер (26.09.2014): Ќе се отворат нови работни места и ќе се намали невработеноста [Пристапено: 05.04.2016]
- Нова Македонија (04.06.2012): Се избира оператор на „инфо зони“ за знаменитости [Пристапено: 05.04.2016]
Оценето од: Mилена Јосифовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар