Расистичка објава на социјални мрежи дел од руската пропаганда против одлуката на Светската антидопинг агенција

[Фејсбук-објава]

Оваа објава на социјалната мрежа „Фејсбук“ во најмала рака е невкусна. Илустрацијата, пред сѐ, e расистичка, шовинистичка, дискриминаторска и поттикнува говор на омраза.

Станува збор за слика што е спојка од две илустрации инспирирани од неодамнешната четиригодишна суспензија на Русија од сите поголеми натпреварувања, вклучително и Олимписките игри и светските првенства.

Линк до оригиналниот напис: Фејсбук-објава

Датум и време на објавување: .12.2019

Датум на рецензија: 13.12.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Оваа одлука ја донесе Светската антидопинг-агенција (ВАДА) поради скандалот со допингување на руските спортисти. Но, спортистите што ќе докажат дека не се дел од допинг-скандалот ќе може да се натпреваруваат под неутрално знаме.

Првиот дел од оваа расистичка илустрација се две споени фотографии на кои се прикажани две од најпопуларните тенисерки, американката Серена Вилијамс и русинката Марија Шарапова, кои имаат видливо различна телесна конструкција. Фокусот што се посочува преку оваа фотографија, особено затоа што се додадени знамињата од земјите од кои потекнуваат тенисерките, е дека иако Русија е обвинета за допинг-скандал, Вилијамс е таа што има изразени мускули, а не Шарапова. Но, ниту Вилијамс ниту Шарапова не се никако вклучени во допинг-скандалот за да се направи ваква компарација, ниту значи дека спортистите што користат допинг се изразено мускулести.

Втората слика е илустрација на која се прикажани руски спортисти како освојуваат прво место, американски спортисти што се на второ место и кинески спортисти на трето место. Спорното во оваа фотографија е што американските спортисти се преставени како Афроамериканци иако не сите спортисти од САД се Афроамериканци. Тие, исто така, се претставени како „плачковци“ со што се алудира дека имаат некаква врска со суспензијата на Русија и оти случајот е наместен.

Иако САД немаат никаква врска со дисквалификацијата на Русија, сепак, ваквите објави на социјалните мрежи се компатибилни со рускиот наратив и изјавите што доаѓаат од официјален Кремљ дека Русија неоправдано е обвинета за допинг, дека ѝ е направена неправда и истовремено дека е под закана од Западот.

Рускиот премиер Димитри Медведев изјави дека одлуката на Светската агенција за борба против допинг (WADA) да ја суспендира Русија од големите спортски настани претставува „антируска хистерија“.

Рускиот претседател Владимир Путин најави дека Москва има основа да ја обжали одлуката на ВАДА и додаде оти ова е политичка игра и не е во интерес на спортот.

Секоја казна мора да биде индивидуална и поврзана со личноста што го направила прекршокот, а не колективна. Одлуката за колективната казна не е донесена за да се „исчисти“ меѓународниот спорт, туку е политичка одлука, која нема никаква врска со интересите на спортот и олимпиското движење, изјави Путин.

Илустрацијата е објавена од лице од Србија, но за неполна недела таа е споделена речиси 2.000 пати во многу земји, а голем дел од споделувањата се од корисници во Македонија. На многу од овие 2.000 споделувања може да се забележат коментари со говор на омраза и навреди најмногу насочени кон САД и нејзините државјани и коментари за поддршка и пофалба на Русија.

Пребарувањето на првата фотографија со Вилијамс и Шарапова, води до објава на страницата „9gag“ на 28 јули 2016 година. Втората илустрација може да се најде како објава на некои руски веб-страници уште во 2017 година.

Според пребарувањата на „Гугл“ на оваа споена илустрација, се забележува дека таа била неколкупати објавена изминатата недела, на различни форуми, како коментари на објави на социјални мрежи и како објава на руска веб-страница.

Особено е интересно како оваа објава за кратко време масовно се прошири од фејсбук-профил кој претходно нема објави што добиле внимание и популарност како оваа. Ова алудира на тоа дека профилот е лажен и се користи само да постигне некаква пропагандистичка цел и да исполни нечија политичка агенда.

 

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција