Првични реакции: Разнесувањето на браната Нова Каховка на Дњепар е опасен преседан
Ноќта на 06.06.2023 беше разнесен голем дел од огромната брана на Дњепар во близина на Нова Каховка во јужна Украина, со што војната во Украина доби нова, досега невидена форма која вклучува екоцид, т.е. еколошка катастрофа, а и двете страни и Русија и Украина тврдат дека тоа го сторила спротивната страна
Ноќта на 06.06.2023 беше разнесен голем дел од огромната брана на Дњепар во близина на Нова Каховка во јужна Украина, со што војната во Украина доби нова, досега невидена форма која вклучува екоцид, т.е. еколошка катастрофа, а и двете страни и Русија и Украина тврдат дека тоа го сторила спротивната страна
Додека првиот ден од катастрофата, уривањето на браната кај Нова Каховка повеќе се посветуваше внимание на обвинувањата и на можните проценки, веќе на 07.06. утврдената штета доби поконкретни бројки. Па, така, украинската влада, како што пренесува ДВ на македонски, прецизираше дека на над 80 места им се закануваат поплави и дека се загрозени од поплави околу 42 илјади луѓе. Освен ова, ДВ ги пренесува деталите од проценката на надлежната украинска компанија, според која браната не може да се обвнови и да функционира поради степенот на разурнувањето:
Уништени се 16 прeградни порти, зградата на хидроцентралата и браната помеѓу зграда на централата и преградата. Електраната не може да се обнови, изјави за ДВ, Ихор Сирота, директор на акционерското друштво Укрхидроенерго, кое е сопственик на хидроцентралата.
Министерството за земјоделие на Украина пак, потврдувајќи дека стотици илјади жители од тој регион останале без пристап до вода за пиење, ги конкретизираше и штетите по земјоделските површини:
Најмалку 500.000 хектари земјиште остануваат без наводнување, што би можело да ги претвори во пустина. Поради уништувањето на браната, без вода останаа 94% од системите за наводнување во Херсон, 74% во Запорожје и 30% во регионот Днепар, соопшти министерството за земјоделство на Украина, пренесе СДК.мк
Шолц – Нова димензија што личи на Путин
Германскиот канцелар Олаф Шолц во својата прва реакција изјави дека станува збр за „нова димензија во војната“и дека штетата на браната е нешто „што одговара на начинот на кој Путин ја води оваа војна“. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во првата реакција како што пренесуваат македонските медиуми, зборуваше за „бруталноста на руската агресија“ и за безобразие:
Денешното уништување на браната ‘Нова Каховка’ става во опасност илјадници цивили и предизвикува голема штета на животната средина. Ова е безобразен чин, кој уште еднаш ја покажува бруталноста на руската војна во Украина.
САД во своите првични реакции не ја исклучуваат руската одговорност за разнесување на браната, но, тврдеа дека се уште работат на утврдување на фактите и дека не можат директно да посочат на виновникот. Знаеме само дека има многу жртви и исто така, многу загинати. Иако ова се рани извештаи и не можеме да специфицираме. Руските сили лани незаконски ја презедоа браната (и електростаницата) и незаконски ја окупираат. Работиме со Украинците да се соберат повеќе информации. Но не можеме да кажеме конкретно што се случило, изјави во првата реакција портпаролот на Белата Куќа Џон Кирби.
Песков – украинска саботажа
За разлика од овие изјави, Киев и Москва разменија многу обвинувања за разурнувањето на браната. Дмитриј Песков, портпаролот на Кремљ во правата рекција на 06.06. во попладневните часови изјави дека станува збор за намерна саботажа од Украина, поврзана со состојбата на фронтот која не одела во прилог на Киев.
Можеме недвосмислено да кажеме дека станува збор за намерна саботажа од украинска страна… Очигледно, оваа саботажа е поврзана и со фактот дека, откако започнаа големи офанзивни дејствија пред два дена, сега украинските вооружени сили не ги постигнуваат своите цели – овие офанзивни дејства се колебливи, изјави Песков.
Слични обвинувања изнесе и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, кој пак прецизира дека причината за кревање на браната во воздух била со цел украинците да разместат офанзивни единици на друго подрачје:
Според расположливите податоци, целта на ваквите акции е непријателот, по неуспешните офанзивни операции и со цел зајакнување на потенцијалот, да спроведе план за преместување на одредени единици и опрема од правец на Херсон во областа на нивните офанзивни операции, со што значително ги ослабуваат позициите во правец на Херсон, изјави Шојгу.
Обвинувањата од страна на Москва продолжија и наредниот ден, на 07.06., кога портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека овој инцидент треба да се проучува историски и да биде предмет на истрага:
Ова повеќе не е тема на денот или неделата, туку се става во историски контекст. Зборувам за она што се случи вчера во ‘Каховка’. Тоа навистина треба да стане тема за проучување и истражување низ целиот свет, изјави Захарова.
Зеленски – активирана е еколошка бомба
За разлика од Москва, Киев од првиот момент ја обвини Русија за разнесувањето на браната. Претседателот Володимир Зеленски, негирајќи ја можноста Киев да разнел браната затоа што Русија ја контролира повеќе од една година, изјави:
Русија активираше бомба за масовно уништување на животната средина. Ова е најголемата вештачка еколошка катастрофа во Европа во последните децении. Русија е најопасниот терорист во светот и затоа поразот, кој ние сепак ќе го обезбедиме, ќе биде најзначајниот придонес за безбедноста на нашиот регион, нашата Европа и целиот свет.
И шефот на украинската дипломатија Дмитриј Кулеба во првата реакција ги обвини Русите за терoристички акт, наведувајќи дека станува збор за најголема технолошка катастрофа во Европа во последните децении:
Русија ја уништи браната Каховка и на тој начин ја предизвика веројатно најголемата технолошка катастрофа во Европа во последните децении. Илјадници цивили се во опасност. Ова е сериозно воено злосторство. Единствениот начин да се запре Русија, најголемиот терорист на 21 век, е целосно протерување од Украина, напиша Кулеба на Твитер.
Во исто време (06.06. претпладне), портпаролката на јужната украинска команда Наталија Хумениук изјави на прес конференција дека станува збор за „хистерична реакција“ на руската војска со цел оневозможување на воен маневар на украинската армија:
Тие беа свесни дека се подготвува воен маневар на одбранбените сили и на тој начин се обидоа да влијаат на нашите сили за да не дојде до преминувањето на реката Днепро, за што стравуваат, изјави Хумениук, појаснувајќи дека украинците го држат десниот и повисок брег на Дњепар, додека Русите левиот и затоа намерно го поплавиле.
Оваа првична реакција и појаснување, утредента, на 07.06. за Си-Ен-Ен го потврдил и уште еден украински офирцер на теренот:
Околу 3 часот по полноќ непријателот ја разнесе хидроцентралата Каховка за да го подигне нивото на водата и да ги поплави приодите и левиот брег на реката Днепар, како и населените места кои се наоѓаат таму. Невозможно е украинските вооружени сили да напредуваат таму во иднина – изјавил капетанот Андреј Пидлисни.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар