Репортери без граници: МВР да ги истражи нападите кон „Вистиномер“
Сајбер нападите ја загрозуваат безбедноста на новинарите и правото на информации пред изборите на 8 мај. Врз основа на поднесената жалба, „Репортери без граници“ ја повикува македонската полиција да спроведе темелна и брза истрага“, објави организацијата на платформата X
Организацијата „Репортери без граници“ денеска преку социјалната платформа X (поранешно Твитер) изрази поддршка за новинарите и вработените во „Вистиномер“ и ја повика македонската полиција да спроведе истрага. Реакцијата следува откако на социјалните мрежи започнаа напади и закани врз новинарите на „Вистиномер“, од Фондацијата Метаморфозис, случаи кои не се евидентираат првпат.
„Kaмпањата за сајбер-малтретирањето на сервисот за проверка на факти „Вистиномер“, ја загрозува безбедноста на новинарите и правото на информации пред изборите на 8 мај. Врз основа на поднесената жалба, Репортери без граници ја повикува македонската полиција да спроведе темелна и брза истрага“, гласи реакцијата на платформата X.
#NorthMacedonia: The cyberbullying campaign against the fact-checking outlet @vistinomer threatens its journalists' safety & the right to information ahead of the May 8 elections. Based on the complaint filed, RSF calls on the police 🇲🇰 to conduct a thorough & fast investigation. pic.twitter.com/SsBAGeGok1
— RSF (@RSF_inter) February 29, 2024
На социјалните мрежи од неодамна започнаа напади во кои се тврди дека новинарите од порталот „Вистиномер“ вршат цензура на Фејсбук, односно дека ја ограничуваат слободата на говорот.
„Ова е типичен пример на ширење лаги и дезинформации, против што всушност и се бори нашата организација. Во 2023 Фондацијата „Метаморфозис“ доби судски спор во кој Судот јасно и недвосмислено пресуди дека во работата на „Вистиномер“ нема ништо што може да се окарактеризира како цензура или какво било нарушување на слободата на говор“, соопшти неодамна Фондацијата.
„Репортери без граници“ е меѓународна непрофитна организација управувана од принципите на демократско владеење, која го брани правото на секoj човек да има пристап до бесплатни и веродостојни информации. Основана е во 1985 година во Монпеље, од четворица новинари. Организацијата ја брани и промовира слободата на информирање.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар