„Ретката фотографија“ е измислица, мајката на Ангела Меркел не е ќерка на Адолф Хитлер

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Српскиот сервис за проверка на фактите istinomer.rs ги анализираше фактите околу едно старо тврдење, кое е дезинформација – дека Ангела Меркел е внука на Адолф Хитлер (честопати се среќаваат и тврдења дека германската канцеларка е всушност негова ќерка), а коешто деновиве било одново пласирано пред корисниците на Фејсбук, преку еден српски профил.

Главната содржина е една фотографија на нацистичкиот лидер Адолф Хитлер крај едно девојче, а описот за оваа фотографија вели: „Ретка фотографија на Хитлер и неговата ќерка Херлинд Казнер, мајка на Ангела Меркел“.

Освен тоа објавена е и наводна генеалогија на семејството на Ангела Меркел, а во неа пишува дека водачот на нацистичка Германија, Хитлер, е всушност татко на Херлинд Казнер, односно мајката на германската канцеларка.

Мајката на Ангела Меркел, инаку, е родена на 8 јули 1928 година, како што е наведено на фотографијата, а починала минатата година, во 90-та година од животот, потсетува istinomer.rs.

Подолу во спорната генеалогија, односно родослов, се тврди дека „Ангела Мариа „Гели“ Рауба била мајката на Херлинд Каснер. Гели била роднина на Хитлер, односно ќерка на неговата полусестра и Хитлер бил вљубен во неа. Гели извршила самоубиство со пиштол на Хитлер во 1931 година. Немале деца.

Но, Херлинд е всушност родена во денешна Полска, а нејзините родители се викале Вили и Гертруда Јенч.

Значи, дедото од мајчина страна на Ангела Меркел се викал Вили, а не Адолф. Според тоа, тврдењето дека објавената фотографија е всушност ретка фотографија на Адолф Хитлер и неговата ќерка Херлинд Казнер, мајката на Ангела Меркел е неточна, заклучува istinomer.rs.

Што се однесува, пак, до тврдењето во родословот за родителите на Адолф Хитлер, тоа  навистина биле Клара и Алојс Хитлер. Спорниот дел е за дедото на Хитлер – се тврди дека нацистичкиот диктатор бил наследник на династијата Ротшилд, но нема докази дека е тоа вистина, потсетува српскиот сервис за проверка на фактите.

 

извор: Meta.mk

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција