Рецензии: Македонската влада во 92-ра прифатила решение согласно грчките критериуми ?

Македонската влада во 92 ра прифатила решение согласно грчките критериуми NetPress-crop-resize

 

Еден од посензационалните наслови кои се појавија во нашите медиуми е и овој, кој сугерира дека македонската влада во 1992 година прифатила решение за името според критериумите кои ѝ одговарале на Атина. Прилогот, кој се заснова на интервју на дописникот на агенцијата од Атина, има проблем во просејувањето на битното од небитното (насловот не е извлечен од она што е повод за интервјуто – имено што може да се очекува од идната влада на СИРИЗА), но и во дефинирањето на „вината“ – кога се случил тој „пропуст“, кога за името меѓу нас и Грците теоретски можеле да одлучуваат две различни влади! Имено, се работи за процес кој почнал на некој датум и некаде и завршил – морало да се преговарa подолго време, а екипата која е ставена на „обвинителна клупа“ власта ја зела во септември таа година? Проверката покажува дека се работи за тешка „грешка“ во фактографијата, која очигледно има една цел – да го извлече некогашниот кабинет на Никола Кљусев од она што била очигледно само негова преокупација! Ова извлекување во некои подоцнежни текстови на некои медиуми по овој, кој е предмет на рецензијата, оди и во додатно искривоколчување на поблиската историја.

Македонската влада во 92 ра прифатила решение согласно грчките критериуми NetPressЛинк до оригиналниот напис: Македонската влада во 92-ра прифатила решение согласно грчките критериуми ?

Датум и време на објавување: 11.01.2015, 10:50

Датум на рецензирање: 14.01.2015

Рецензент: Љубомир Костовски

„Прашањето за името ќе беше завршено уште од 1992 ра година и тоа согласно сето она што го бара грчката официјална политика, открива Михалис Тремопулос, кандидат за пратеник на Сириза во Солун. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, Тремопулос вели дека пречка за решавање бил Антонис Самарас кој што користејќи национализам ги торпедирал шансите за компромис. Во периодот од септември 1992 година до 1994 та, власта во Македонија и припаѓаше на СДСМ на чело со тогашниот премиер Бранко Црвенковски, откако претходно и беше изгласана недоверба на првата и техничка Влада на земјата.“

Првин мора да се забележи дека по интервјуто на „Нетпрес“ со Тремопулос, кандидат за пратеник на СИРИЗА, произлегува еден заклучок – оваа партија нема да ги мине грчките црвени линии. Просто е непрофесионално основниот мотив за тој разговор и за нас најбитното прашање да не најде простор ниту во наслов, ниту во воведот на текстот!

Очигледно поважно од сознанието за политиката на СИРИЗА кон нас било да се направи уште еден прилог во стилот „Бранко е виновен!“

Нема никаква логика дека Грците не би прифатиле нешто за што самите се залагаат – од текстот произлегува дека се прифатени нивните барања! Потоа, такви преговори се водат подолго време, а која е таа влада, која само што ги презела обврските, да загризе едно жешко прашање? Многу пологично е дека т.н. техничка влада на Кљусев водела преговори (од 1 јануари до крај на август беше нејзиниот тајминг во таа 1992 година).

Бидејќи ваквиот приод на авторот (соговорникот Тремопулос, кога говори за преговорите вели „од 1992 година“ а не вели „од септември 1992“) не е јасен, па малку се потрудивме. И што се доби како резултат?

Лани во октомври „Сител“ објавил прилог каде јасно стои дека „на денешен ден пред 22 години, во 1992, тогаш веќе поранешниот министер за надворешни работи Андонис Самарас најави дека си заминува од Нова демократија поради несогласување со премиерот Мицотакис во врска со прашањето за Македонија“. Врвот на преговорите меѓу нашата земја и Грција, според планот Пињеиро, за кого говорат претставниците на СИРИЗА деновиве, бил во април 1992 година – во игра било името „Нова Македонија“, а го предложил претходно португалскиот министер за надворешни работи, чија земја тогаш претседавала со ЕУ. Овој предлог предизвикал големи несогласувања меѓу Мицотакис и министерот за надворешни работи, Самарас, и создал голем раздор во нивните односи. Мицотакис тогаш и го отстранува Самарас од министерската функција. Во октомври Самарас ја напушта партијата!

Да потсетиме дека во април 1992 година владата на Кљусев беше на врвот на својата стабилност и секако дека без нејзина согласност немало да се говори за еднострано неприфаќање на пакетот Пињеиро, како што произлегува од настапите на СИРИЗА.

Нова проверка – на 29 јули 1992 година, на дневен ред на 48. седница на Парламентот (може да се добие стенографски записник) од што не произлегува заклучокот кој го сугерира СИРИЗА, туку, напротив, тој ден дојде до политичка ликвидација на еден од „преговарачите“ – Васил Тупурковски!

Без да се навлегува во каква било оцена за тие настани, треба, значи, да се каже дека некој сака упорно да покаже дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш не преговарала за промена на името, како кадровска база на првата влада на Кљусев, додека сета вина треба да ја преземат други влади. Овој текст со многу афилации го презедоа низа други медиуми. Се оди во последователните денови дури до целосно осигурување на „вината на Црвенковски“, па се зема здраво за готово паушалното определување дека од тоа прифаќање на пакетот Пињеиро било – сега дури – пред 20 години, што целосно не е точно (таков текст без проверка е пуштен во „Утрински венсик“, без потпис, веројатно преземен од некаде – види овде).

Преправањето на историјата продолжува со несмалено темпо, дури и кога се работи за настани за кои постојат сè уште многу живи сведоци.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција