Рецензии: Нови примери кои раководството на СДСМ го прават фашистичко

Нови примери кои раководството на СДСМ го прават фашистичко-crop-resize

 

Текстот што е предмет на оваа рецензија, на денот на објавувањето беше предмет на масовно преземање од други медиуми, вклучително и агенции, па секако предизвикува внимание. Истиот, по формат, содржината и по структура може, евентуално, да одговара на нешто што би го нарекле новинарски или уреднички коментар, со оглед дека е и непотпишан и покрај сериозната должина, но никако не одговара во однос на неговото поставување среде текстовите кои се однесуваат на класични вести. Тоа е, секако, само првична забелешка за присуството на една текстуална појава на веб-страницата, а која поставува амбициозни задачи пред пишувачот за да се оправда најпрвин памфлетистичкиот наслов, кој нема во себе само статистички претпоставки („нови примери“), туку и идеолошко-теоретски (фашизмот на левицата!).

Нови примери кои раководството на СДСМ го прават фашистичкоЛинк до оригиналниот напис: Нови примери кои раководството на СДСМ го прават фашистичко

Датум и време на објавување: 07.12.2014 11:09

Датум на рецензирање: 08.12.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

„Голем е списокот на пресметките со неистомислениците, на партијата за која примерите покажуваат дека само декларативно се залага за демократија. Еден ваков инцидент се случи во средата, кога беше нападнат домот на пратеничката Љубица Буралиева. Нејзината врата од семејниот стан беше исчкртана со зборовите ’Ку… продадена’, а многу е веројатно дека зад овој инцидент стојат активистите на СДСМ.“

Со овој пример се влегло во „пресметка“ со една партија, тврдејќи дека истата, преку свој „курир“ ѝ испратила порака на својата сопартијка, која, познато е, го бојкотираше ставот на СДСМ за невлегување во парламентот и заедно со уште една избрана пратеничка влезе во собраниската сала.

Најпрвин за набројувањето. Во текстот има само еден пример на оваа тема (закана), па веднаш отпаѓа и она „нови примери“ од насловот и она „голем е списокот“… Имаме, значи, еден пример за кој авторот признава дека стои во категоријата „многу е веројатно“ ама, секако, нема никаков факт да го оправда. Не се познати ниту мотивите, пишувачот, освен адресата на пораката. Тука мора да се истакне дека и овој, инаку единствен „свеж пример“ на насилство од СДСМ е лошо адресиран, бидејќи четири дена порано самата Буралиева во изјава за македонски „Телеграф“, јасно кажа дека не се сомнева во своите сопартијци и сомнежот го упати кон еден новинар и кон неговиот портал, новинар кој, пак, јавно кажа дека е незадоволен што Буралиева и Солза Грчева не сакале да му бидат жиранти за кредит што сака да го земе, во што, секако, може да има и елементи на рекет, ама народот во тоа гледа, пред сè, една успешна подбишега!

Во прилогот има обид незабележливо во набројувањето да се вметне и веќе споменатата Грчева, ама без пример на закана, па, нели, не му се важи и – толку. Во инаку долгиот текст се наброени уште „цели“ два индивидуални примери на наводни закани од доста подалечно минато (никако свежи). Најблискиот е од март 2013 година, пред речиси две години, кога за притисок се пожалил актуелниот градоначалник на Карпош, во гостување во ТВ-емисија, одново без аргументи. И вториот, погодете, е на Владо Бучковски од 2006 година (!), одновно, нели, со повикување на некоја колумна до која немаме ниту линк, а цитатот воопшто не конвенира со „фиоката“ на која би пишувало – закани! Има и други примери, комични, навистина, дека Радмила Шекеринска „од првите редови“ ги нападнала брутално полицајците пред Основен суд во 2007 година или дека три пратенички, одново брутално, биле нападнати од пратеници на СДСМ (кога, кои пратенички и од кого, односно кои биле напаѓачите нема да дознаете!).

Секако, многу е важен и вториот сегмент – користењето на придавката фашистички ама во ниту една реченица нема никакво објаснување ниту што се подразбира под тој поим и со која постапка на социјал-демократите се врзува.

Нема никакво оправдување за помпезноста во најавата на прилогот, дури и не постои макар и минимално оправдување во тој контекст. Нашиот народ има една поговорка – „Жали боже времето…“.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција