Рецензии: Проектот „Купи куќа, купи стан“ добива на интензитет
Еден од најтаинствените проекти на актуелната власт, „Купи куќа, купи стан“, постојано го влече со себе парадоксот „да не ги открива нозете“, иако постојано е во центарот на вниманието. И сега, кога пред Нова година се организираа јавни манифестации по повод оваа акција, некои и во големите трговски центри, нам сè уште не ни е јасно – успеа ли оваа акција во остварувањето на својата цел и кога ќе ги дознаеме сите релевантни бројки?
Линк до оригиналниот напис: Проектот „Купи куќа, купи стан“ добива на интензитет
Датум и време на објавување: 24.12.2014, 16:02
Датум на рецензирање: 29.12.2014
Рецензент: Љубомир Костовски
„„Купи куќа, купи стан“ добива на интензитет и интерес врз основа на саемите што ги направивме. Само во декември има нови 40 барања за субвенција, а претходно имавме 50. Откако почнавме со саемите 90 семејства го решија прашањето за сопствен дом. Така што ќе продолжиме и понтаму – рече Ставрески.“
Од текстот дознаваме дека се одобрени 90 барања, ама временска одредница не е дадена – од почетокот на акцијата или од јануари. Стои дека само во последниот месец годинава таа бројка станала толкава со 40-те нови апликации кои стигнале на двата декемвриски саеми, специјално организирани за таа цел. Оттаму, магазинот извлекува заклучок дека акцијата „Купи куќа, купи стан“ добила интензитет и интерес.
Во други медиуми може да се прочита дека „македонските граѓани и во текот на наредната година ќе можат да поднесуваат барања за субвенциониран станбен кредит преку владиниот проект „Купи куќа, купи стан“ (како што се вели овде), бидејќи во буџетот за 2015 година се предвидени доволно финансиски средства за натамошно реализирање на овој проект“.
Заради некомплетната вест, по претрагите дознавме дека Министерството за финансии, преку овој проект, досега одобрило станбени кредити на 331 барател, од кои 270-280 се одлучиле да купат стан, додека останатите се одлучиле за изградба на куќа. Македонската влада на граѓаните им нуди можност да изберат една од двете опции. Првата е моделот „половина рата“, со која граѓанинот учествува со половина средства во ратата од кредитот. Ако станува збор за куќа, тогаш државата учествува со 75 отсто, додека со само 25 отсто учествува апликантот. Со кредит од 50.000 евра, во првите три години од неговото враќање, од вкупната месечна рата, во износ од 300 евра, државата и граѓанинот плаќаат по 150 евра. Во делот на изградба на куќа, државата од идентична рата покрива 225 евра, додека барателот плаќа само 75 евра. Вториот модел, „половина учество“, во моментов е помалку популарен кај поднесувачите на барања до банките.
Проектот, како можност за поднесување на понуди на банките, стартуваше на почетокот на 2012 година и се предвидуваше само во таа година да се подигнат 2.500 кредити (!), а барателот или барателите требаше да имаат приходи од најмалку 900 евра, што го објаснува крахот на целиот проект, кој инаку е почнат претходно како пропагандна опција (2011). Практично, ако малку се „потарашка“, ќе се види дека за три години се поднесуваат по околу 100 барања и годинешното не е никакво „залауфување“, туку говори и за опаѓање на тој минимален интерес! Затоа и бројките не се даваат: ќе се види дека проектот што лично го води министерот Ставрески е комплетно промашување! Но, и како таков, преку овој напис од него се сака да се направи пропагандна „фешта“.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар