Рецензии: Стефановски ја демантира информација дека и театарот паднал на спорот со името
Деновиве, на речиси сите културни страници во македонските медиуми беше „закачена“ веста на МИА дека грчки претставници ја спречиле Новата европска театaрска акција – НЕТА да стане членка на Унијата на театри од Европа (УТЕ). МИА се повикува на „јавија денеска грчките медиуми“. Изворот не е посочен, барем еден од тие медиуми! Само овде има обид да се провери веста таму каде што треба – кај најпосочуваната цел, кај некогашниот министер за култура, а сега „само“ режисер и продуцент Благоја Стефановски. И се доби класичен демант по сите основи!
Линк до оригиналниот напис: Стефановски ја демантира информација дека и театарот паднал на спорот со името
Датум и време на објавување: 19.11.2014 13:16
Датум на рецензирање: 21.11.2014
Рецензент: Љубомир Костовски
„Нема вистина во информацијата пласирана од грчки медиуми дека грчки претставници ја спречиле Новата Европска Театaрска Асоцијација НЕТА, да стане членка на Унијата на театри од Европа (УТЕ), затоа што со неа претседава поранешниот министер за култура на Р Македонија Благој Стефановски, кој доаѓа од држава која не ја признаваат Обидинетите нации ниту пак Грција. Стефановски во изјава за Канал 77 вели дека седиштето на НЕТА не е во Битола туку во Љубљана, а за оваа информација прват слуша од македонските медиуми.“
Преку својата битолска дописничка, овој текст реагира и веднаш ја исфрла вистината дека НЕТА не била присутна на настанот во Тел Авив, нема никакво официјално барање за влез во таа асоцијација (според Стефановски не ни можела да се плати, хипотетички, годишна членарина), а дека со грчките колеги имаат добра соработка за што говорат заедничките претстави што ги имаат со нив!
Инаку, во базичната вест на државната агенција (пренесена овде) се детализира и се вели дека во Тел Авив од 13 до 16 ноември се одржало генерално собрание на УТЕ на кое, повторно „според грчките медиуми“, кога дискусијата дошла до предлози за нови партнерства и за нови членови, „се појавила мрежата НЕТА со седиште во градот Битола, Македонија, со која претседава поранешниот министер за култура Благој Стефановски“. „Уметничкиот директор на Националниот театар на северна Грција, Јанис Вурос, веднаш реагираше и по забелешките дека се залага за отвореност и за соработка, изјави дека не може да прифати соработка со театар од Скопје, кој го краде името на Македонија, кое не го признаваат Обединетите нации, ниту Грција“, пишуваат, наводно, грчките медиуми.
По интервенцијата на Вурос, предлогот за соработка со НЕТА, наводно, бил повлечен, стои во веста на МИА, иако сега изненадува она „наводно“ на агенцијата, која барем да се потрудила да го контактира Стефановски. Во рецензираниот текст, пак, контактиран е и центарот во Љубљана, од каде е добиена потврда на зборовите на Стефановски.
Квалитетот на текстот во „Канал 77“ (во проширена вест која сега ја нема кај „дистрибутерите“ на вести), добро се објаснува и која е НЕТА и која е УТЕ и што значи членството во едната и во другата организација. Многу е добро потсетувањето дека со добрата соработка со грчките колеги, токму преку НЕТА, лани македонски јазик одекнал во центарот на Солун, каде се давала претставата „Столови“, а постои и копродукција со грчки театар – „Андреас Вуцинас“ од Солун за претставата „Kралот Рес“ од Еврипид, а која се играше и во Битола и во Солун.
Секако дека треба да се укаже на тоа оти од вакви непроверени вести штети може да настанат онаму каде со тешки маки се прават напори за каква-таква нормализација на релациите со јужниот сосед.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар