Рецензија: 2014 година успешна за рударството
Дефиницијата на успехот не мора да е филозофско прашање. Тоа најдобро го знаат економистите, кои, за да го дефинираат, се потпираат на „здрави аргументи“. Тоа се, пред сè, бројките. Во случајот имаме обид да се најде предновогодишпна стопанска пофалница, која треба да нè вклопи во општиот амбиент на самореклами, кои владината екипа се обидува да ги шири околу себе. Оваа агенциска вест од рударскиот сектор е, веројатно, и затоа масовно преземана, ама во неа се избришани темните настани, кои ги имаше и тоа токму во овој сегмент на економијата, а како поддршка на тезата не се нудат некои недвосмислени бројки.
Линк до оригиналниот напис: 2014 година успешна за рударството
Датум и време на објавување: 22.12.2014, 18:10
Датум на рецензирање: 25.12.2014
Рецензент: Љубомир Костовски
„И покрај кризата во Европа, рударскиот сектор деловната 2014 година ја завршува успешно. Ако се погледне статистиката, во првите 10 месеци има извесен пад на уделот на рударството за околу два отсто, но до крајот на годината очекуваме да се достигне планираното ниво, изјави претседателот на МАР и директор на „Бучим“ Николајчо Николов пред почетокот на седницата на Асоцијацијата.“
Го издвојуваме овој дел од текстот како еден од ретките сегменти каде имаме некаква бројка, ама таа, објективно, говори за пад од два отсто (!) кој треба да е успех! Како ли изгледа неуспехот? Можеби имаме нови критериуми по кои и падот на уделот (кој, да појасниме, е 12 отсто од индустриското производтво) е успех?
Јасно дека можеби и помалку ископаното рудно богатство, на пример, може да е добар успех ако цените на пазарот тоа го валоризираат. Ама, од текстот, да издвоиме само уште една констатација (и онака нема многу), се гледа дека „според прогнозите, цените на металите нема да се зголемат и идната година, но и ако останат на сегашното ниво, рударството ќе има проблеми, посочија неговите претставници“. Ова, логично, значи дека ако биде таа компонента како годинава, ќе имаме проблематична ситуација бидејќи, аналогно, и годинешната ич не е за алал!
Навистина, дали се зголемиле платите на вработените? Се зголемил ли приходот, а расходот останал ист? Имало ли можеби големи инвестиции (има само најава за една и тоа не се знае точно која и „дали инвеститорот точно и колку е подготвен“ вели претседателот на Македонската рударска асоцијација)?! Напротив, се говори за многу базични проблеми, кои извираат од третманот на оваа гранка во Министерството за економија. Дури газдите во рударството апелираат на донесување нов закон за минерални суровини.
На крајот на краиштата, и во непотпишниот напис се вели оти проценките говорат дека „идната, 2015-та, ќе биде тешка“. Значи, уште сега имаме лоши најави, ама сакаме да шириме оптимизам. Или, имаме комплетен спин, според кој кај нас секаде цветаат рози, па и во економијата, дури и онаму каде секогаш било тешко – во рударството.
Од друга страна, воопшто не е спомената вистината за недозволиво многу рударски несреќи и многу зацрнети семејства. Во декември имавме две тешки несреќи во рудникот Добрево во Пробиштип. Во истиот рудник имаше уште најмалку две рударски несреќи при експлозија и при пад од карпа, исто така, во еден месец (види овде). Според „Мета“, во овој сегмент на стопанството годинава имало 57 несреќи, од кои само во Злетово 17! Затоа, на 3 мај годинава имаше рударски демонстрации заради лошата безбедност во гранката. Само во Каменица за четири години загинале седум лица (последното токму тие денови).
Е, тоа е новогодишна, аналитичка тема за рударстото која го заслужува општественото внимание, а таа кажува нешто сосема друго од она во овој напис.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар