Рецензија: Абортусот не се забранува, туку се штити здравјето на жената

Отежнувањето на процедурата за прекин на бременоста е „за жените, за децата и за општеството“?!

Рецензија: Абортусот не се забранува, туку се штити здравјето на женатаЛинк до оригиналниот напис: Абортусот не се забранува, туку се штити здравјето на жената

Датум и време на објавување: 29.05.2013, 12:48

Датум на рецензирање: 29.05.2013

Рецензент: Биљана Илиќ

Вистинитост: Текстот на порталот Курир за актуелната тема „абортус“ се потпира на една изјава на министерот за здравство Никола Тодоров и тоа е единствениот факт во написот – дека таква изјава е кажана. Сите други наводи, содржани во изјавата, се презентација на спорни тези, чија точност и веродостојност (стручна, па и научна), најблаго речено, не може да се утврди.

Извори на информации: Министерот Тодоров, како официјален и релевантен извор за објаснување на владините политики за абортусот, е едностран. Авторот не се потрудил да побара спротивставено мислење, во ден кога, освен одбраната на министерот, е одржан граѓански протест против ограничувањето на правото на абортус, а и дел од пратениците бараат итно повлекување на предложениот закон за абортусот.

Содржајност: Написот е несеопфатен и тој ги прикрива настаните на денот – протестот против новиот закон за абортус и барањето на пратеници тој да биде повлечен. Со тоа свесно се прикриваат и сериозните аргументи на противниците на рестрикциите на правото на прекин на бременоста.

Освен тоа, се прикрива и клучната новина во овие промени – зголемувањето на надлежностите на министерот и отежнувањето на процедурата.

Пристрасност: Написот на Курир се приклонува кон владината политика и кон изјавата на министерот, во која, освен што има и една очигледна невистина (тврдењето дека „овој Закон единствено се носи за да се корегираат застарените идеошки поими, како на пример-здравствена организација на здружен труд се менува во ЈЗУ (јавна здравствена установа“), се пласира и клучниот спин – дека не станува збор за забрана за абортирање, туку за „регулирана процедура за информирање на жената пред да се направи сериозен медицински зафат“.

Коментирање: Дел од наводите во написот, особено во втората половина од текстот, се издвоени во посебни параграфи и не се прецизно атрибуирани, но се претпоставува дека се дел од исказот на министерот Тодоров. Невниманието веројатно сведочи за сраснатост на тезите на авторот со тезите на министерот.

Квалитет на насловот: Насловот на текстот е лапидарна верзија на тенденциозната теза во написот – дека новиот закон не го забранува абортусот, туку го штити здравјето на жената.

Заклучок: Со инсистирање на тезата „измените не се против абортусот, туку за жените, за децата и за општеството“, овој напис сака да ги „покрие“ граѓанските протести против отежнувањето на процедурата на прекин на бременоста, како и фактот дека група пратеници побараа да се повлече овој предлог на министерот Тодоров.

Рецензија: Абортусот не се забранува, туку се штити здравјето на жената

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција