Рецензија: Ако руши споменици, ќе се сруши самиот – историчари

Сечиј јавен исказ е подложен на јавна критика, но стандардите на модерното новинарство, наместо едностраност, налагаат избалансираност.

Рецензија: Ако руши споменици, ќе се сруши самиот – историчариЛинк до оригиналниот напис: Ако руши споменици, ќе се сруши самиот – историчари

Датум и време на објавување: 09.04.2013, 16:27

Датум на рецензирање: 09.04.2013

Рецензент: Биљана Илиќ

Вистинитост на факти: Наводите врз кои се темели овој напис не можат да се оценат како факти, бидејќи станува збор за искази и коментари на извори чија релевантност е спорна.

Извори на информации: Уште во насловот на текстот е најавено дека основната теза во него (Андреј Жерновски „руши споменици и се руши самиот себе“), ќе ја бранат „историчари“.

Освен членот на новата, досега непозната „граѓанска иницијатива за заштита на ликот и делото на борците за Македонија“, Ѓурчин Ѓурчиновски, кој е претставен како историчар (веројатно основано, иако на авторот на рецензијата не му е познат), ниту еден друг од наведените извори не се историчари. Архитектот Васил Иљов не е историчар, ниту пак неофицијалниот (неименуван) извор од Скопската епархија на МПЦ.

Сериозно може да се оспори и релевантноста и актуелноста на наведените извори. Не е наведено полето на експертиза на историчарот Ѓурчиновски, а неговиот статус на член на новоформираната „граѓанска иницијатива“ не кажува многу во прилог на неговата релевантност. Иљов е претставен како архитект, чија изјава се однесува главно на неговото естетско доживување на проектот „Скопје 2014“ и е неактуелна и надвор од контекстот на аголот на написот.

Изворите се еднострани. Нема обид на луѓето кои ја бранат основната теза на текстот да им се спротивстави друг „историчар“ или интелектуалец, а уште помалку да се побара исказ од ликот чија изјава се коментира во текстот – од градоначалникот Жерновски.

Во текстот, во обвинувачки контекст, се спомнати уште три лица (Мирослав Грчев, Љубомир Фрчкоски и Ѓунер Исмаил), од кои исто така не е побарана изјава.

Содржајност: Со изборот на изворите и на нивните искази, написот несеопфатно и неамбициозно ја третира темата за историското значење на новите споменици, за кои новиот градоначалник вели дека го нагрдиле Скопје. Во текстот различните погледи и аспекти на темата се прикриени, како и дебатата за ова прашање, која се води во другите медиуми.

Пристрасност: Централниот спин во написот, дека новиот градоначалник не ја познава и не ја почитува историјата на својот народ, е „аргументиран“ со изјава на спомнатиот член на „граѓанската иницијатива“, кон кој авторот на текстот се приклонува и не се труди да обезбеди спротивно мислење и избалансиран пристап.

Со оглед на добро познатиот факт дека конфликтната тема е ситуирана во политички контекст, сметаме дека станува збор за јасна политичка наклонетост.

Коментирање: Насловот и лидот на написот се коментаторски елементи, кои не се јасно издвоени од наводите и од исказите во написот.

Плагијат: Авторот на текстот е наведен – Александар Динев.

Квалитет на насловот: Тенденциозниот наслов е една позната флоскула (тој што ја негира историјата на својот народ, се негира себеси), која не е оправдана со содржината на текстот. Додатокот „историчари“, кој треба да најави присуство на експерти од таа научна област, го прави насловот работен и недовршен.

Фотографија: Текстот е придружен со видео и принт-скрин од видеото, како фотографија. Веројатно посоодветен избор би бил слика од членовите на „граѓанската иницијатива“, кои го носат главниот исказ.

Говор на омраза: Иако оценуваме дека основната теза во текстот директно не поттикнува насилство и не дискриминира, текстот, сепак, изнесува вулгарен напад врз личности, со непримерен и дури и опасен речник.

Да се тврди за некого дека не ја познава и не ја почитува сопствената историја, без тоа тврдење да се поткрепи со сериозни аргументи, е клеветнички и навредлив навод. Тоа уште повеќе се однесува на оценката за „талибанското однесување“ на Жерновски, Грчев, Фрчкоски и Исмаил. Тоа е отворен говор на омраза.

Заклучок: Новинарот, особено ако е потпишан со име и презиме, како во случајов (позитивен пример), има право да искаже сопствено мислење и да осуди нечија изјава. Исказот на Жерновски за „нагрдувањето“ на Скопје мора да биде предмет и на јавна поддршка, но и на јавна критика.

Сепак, стандардите на модерниот журнализам бараат темите да не се третираат еднострано, туку избалансирано, односно да се презентира и мислењето кое е спротивно на она на авторот и на медиумот. Тоа особено важи за напис кој не е рубрициран како коментар или друг вид мислење (опинион).

Авторот имал и професионална и етичка обврска да им даде можност на нападнатите личности да одговорат и тоа секако немало да ја засегне основната теза на написот, туку ќе придонело написот да добие на квалитет.

Рецензија: Ако руши споменици, ќе се сруши самиот – историчари

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција