Рецензија: Албанците не се за балканска унија, но главен град да биде Тирана

dnevnik-albancite-ne-se-za1 crop resize

„ Албанскиот премиер Еди Рама во вторникот попладне ја одржа својата прва онлајн-конференција, на која одговори на многу прашања поставени од граѓаните. Најголемо внимание во албанските медиуми предизвикаа одговорите на прашањата за формирањето на балканската унија, составена од Македонија, Србија, Албанија, Kосово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, која според албанската јавност е ризичен проект за оживување на Југославија и проект што ги провоцира Албанците. Премиерот на Албанија истакна дека проектот за нова Југославија не постои и ја негира вмешаноста на Сали Бериша во ова прашање, кој според црногорското МНР дал согласност за ова при една тајна посета на Црна Гора. ’Нема ваков проект. Претходната влада има многу вини, но не и оваа’ – рече Рама.“

Уште еден напис на тема за некаква мини-Југославија, која би требало да биде замена за ЕУ или нејзино претсобје, според моделот 4 плус 2, односно четири југо републики кои не се во ЕУ, плус Косово и Албанија. Иако со цитатот погоре јасно се кажува дека таа идеја никако нема подршка во албанскиот дел на полуостровот, сепак редакцијата одлучила дека оваа тема „држи вода“.

Дневник: Албанците не се за балканска нија, ама главен град да биде ТиранаЛинк до оригиналниот напис: Албанците не се за балканска унија, но главен град да биде Тирана

Датум и време на објавување: 03.10.2013 18:42

Датум на рецензирање: 07.10.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Одново се посочува дека министрите за надворешни работи на балканската шестка се сретнала на маргините на Генералното Собрание на ОН. Чудно е таква средба, по многу нешта контраверзна, да не исплива барем во неколку медиуми или за тоа да не се изјаснат барем оние кои секако се априори против. Особено е необично што се вели дека Србите се најзаинтересирани, а тие, пак, реално се најблиски од сите да влезат во преговори во Унијата, односно веќе реализираат дел од таа преговарачка агенда. Се споменуваат и глобални интереси, кои белки некаде би биле забележани или покажани.

Извори на информации: Текстот се потпира на еден извор – „Сот њуз“ и постојано се цитира истиот. Практично имаме прераскажување на статијата од овој весник, ама не се извлекува на „бела виделина“ кои се тие руски и американски извори што настојуваат да заживее, како што се вели „Милошевиќевска скусена Југославија, ама со Тирана како главен град“. Ниту, пак, се забележува обид да се обезбедат свои извори за оваа тема.

Содржајност: Текстот, држејќи се наводно до сторијата на „Сот њуз“ никаде нема дециден став или изјава за оваа тема од било кого. Постои повикување на ексминистерот на Албанија, Алдо Бумчи, ама без конкретна изјава која би била веродостојна. Потоа, стои некакво тврдење дека Подгорица е „тврдо – за“, ама одново без изјава или документ (факт) зад тоа. Потоа, овој напис, односно „Сот њуз“ тврди дека и Албанија и Косово би биле за оваа идеја само ако главниот град не биде во Белград или некој друг словенски град. Зошто тоа би ги премислило, навистина, нема никакво објаснување.

Исклучок е ставот на Рама, кој е содржан во цитатот, како и изјавата на косовскиот министер Енвер Хоџај, кој вели дека е „вознемирен“ од оваа идеја!

Пристрасност: Без оглед на пишувањето на „Сот њуз“, во рецензираниов напис требало да се проверат два факти: имало ли таков состанок во Њујорк (таен) и второ, дали Македонија е, како што вели нивниот извор, против, но само заради изборот на идната престолнина. Ова бидејќи тука се говори за многу детали, па дури и за бројот на членовите на идниот балкански парламент (60 лица) во кој Албанците на волшебен начин би имале големо мнозинство! Генерално, написот како да ја турка идејата без да се вложи многу сопствен напор, ама секако со цел да постигне некаков –  политички ефект.

Коментирање: Коментарот е содржан во насловот. Исто така и фотографијата може да се оцени како коментаторска.

Оригиналност/Плагијат: Текстот има потпис, односно наведен е автор, ама во основа тој автор нема никаков свој придонес во него, освен што го дал преводот и го редактирал (уредил) за претставување пред читателите. Во опремата на текстот е вложено прилично и тоа укажува на некаков длабински поттик да се има ваков текст на страниците на весникот.

Квалитет на насловот: Насловот е несомнено оригинален и коментаторски. Во основа тој содржи иронија кон наводно албанскиот став дека не сакаат балканска (кон)федерација, ама им годи ако имаат главен град. Тука лежи и спин, кој треба да ја направи одбивна таа идеја кај поголем дел од читателите.

Фотографија: Фотографијата е прилично иронична. На неа е покажан Еди Рама (политичарот кој веднаш ја одбива оваа идеја), ама таа е залепена за врата од комбе кое е отворено и внатре гледаме некоја друга содржина. Пораката е дека ставот на Рама (Албанците) е двомислен (може да се поместува) и дека постои некаков „Тројански коњ“ во целата таа работа.

Заклучок:  Логиката на настаните на Балканот говори дека после приемот на Хрватска во ЕУ сите други балкански држави се во длабок „аут“. Исклучок засега е Србија која е отидена малку поблизу до Брисел, а донекаде и Црна Гора. Па, поголем дел од останатите држави би сакале да ја успорат Србија, а да добијат друга компензација. Воедно се турка идејата дека зад сето ова стојат и Москва и Вашингтон!

Текстот како да сака да пренесе двосмислена порака. Од една страна се одбива идејата за парламент во кој Албанците би имале очевидно мнозинство, а можеби „би ќариле“ и престолнина. Но, пријатна е за увото констатацијата дека не е штета што Брисел „ни бега“ ако има друга идеја за уредување на Балканскиот полуостров за која „други му ја мислат.“

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција