Рецензија: Александар Македонски не бил никаков Грк, туку Македонец со словенска крв

Александар Македонски не бил никаков Грк туку Македонец со словенска крв Net Press-crop-resize

Внимателност! Тоа е еден од најважните елементи кои постојано треба да се имаат на ум при пишување на текст како што е овој. Историјата е исклучително сензитивна тема, особено на Балканот и особено кога се става во корелација со чувствата на одреден народ или група и кога тоа се прави токму во одреден период кога атмосферата, дел природно, дел неприродно, е толку „набилдана“ што секој јавно искажан или медиумски пренесен збор поврзан со „антиката“ речиси безрезервно се впива од голем дел од јавноста. Тоа значи дека во дадениот случај текстот, ако правиме аналогија со натоварен камион кој се спушта по надолнина, требало да лази, да внимава да не ги прегрее кочниците. Но, кога убаво ќе се исчита понуденото, се добива впечатокот дека некој го оставил камионот во „лер“, притоа воопшто не мислејќи за последиците од тоа рискантно возење по „лизгав пат“.

Александар Македонски не бил никаков Грк туку Македонец со словенска крв Net PressЛинк до оригиналниот напис: Александар Македонски не бил никаков Грк, туку Македонец со словенска крв

Датум и време на објавување: 27.11.2013, 08:27

Датум на рецензирање:  29.11.2013

Рецензент: Владимир Мирчески

Вистинитост: Станува збор за пренесен текст, поточно емисија, кој треба накратко да сублимира телевизиско шоу од 40-тина минути. Оттука, само по себе се наметнува прашањето колку успешно и коректно е пренесена целата емисија? Колку има или нема селективност во изборот на „најдобрите“ делови. Друга дилема која произлегува е дали текстот можеби не требало да спротивстави или консултира релевантни научни ставови со оние кои експертот во емисијата ги наведува. Сепак, тврдењата на „независниот истражувач на античкиот период“, кои се изнесени во овој текст, се во најмала рака сензационалистички и затоа барем требало да се нотира дека неговите теории се во спротивност со голем дел од светската историска мисла. Вака, како што се пренесени неговите ставови, произлегува дека се земени здраво за готово. Не може, а барем да не се направи обид за расудување, особено во ваков тип „експлозивни“ текстови, каде претпазливоста треба да биде императив, туку-така да се помине преку формулации:

„Во рамките на емисијата, Николиќ изнесе огромен број интересни но и многу значајни факти за Македонија, особено од областа на метафизиката, езотеријата и  астрономијата, а посебен акцент стави на езотериското значење на дел од зборовите во Македонскиот јазик“

а притоа барем „малку“ да не се замисли и да си стави прст на чело за тежината на кажаното, во овој случај пренесеното, без да се навлегува во научната кредибилност на експертот.

Извори на информации: Текстот не крие дека пренесува разговор емитуван претходно. Јасно е наведена оригиналната емисија, исто како и експертот кој е консултиран.    

Содржајност: Неспорно ја има. Материјата која се обработува е сензационалистичка и секако „скокотлива“ поради што и ваквите четива (емисии) по некое непишано правило речиси секогаш привлекуваат многу „кликови“ или гледачи. Понудената „провокативност“ е на самата граница, дури и ја преминува, поради што и добива лик на „популистички“ текст пригоден за овој период.

Пристрасност: Ја нема директно застапена, но провејува во затскриена форма, речиси како воодушевување од пласираните тези за „јасната поврзаност“ на античка со сегашна Македонија, кои се темелат на експертизата на гостинот во емисијата, која, пак, тој во голем дел ја црпи од средновековен патеписец и историчар.

Оригиналност/Плагијат: Текстот се темели на преземена телевизиска емисија. Тешко е долг новинарски производ да се спакува во кус. Оттука, секогаш лебди прашањето за коректноста и доследноста при пренесувањето: дали се тоа вистинските делови, дали нешто не е извадено од контекст, дали има извртување на кажаното?

Квалитет на насловот: Вака како што е напишан насловот е лош, бидејќи произлегува дека е апсолутна вистина. Ако се сакало да се искористи токму таа формулација, тогаш требало да се наведе дека е цитат, дека таа мисла е на еден експерт – историчар, кој самиот со својот кредибилитет, одговара за изнесеното тврдење. На овој начин текстот ја презема одговорноста за кажаната теза.

Фотографија: Ако се земат предвид тврдењата изнесени во текстот, како и актуелната атмосфера во земјава, според некои „антиквизација“, според други „барање на корењата“, а според трети „земање на она што е наше“, тогаш фотографијата е коректна, бидејќи токму таа слика, споменикот во центарот на Скопје, одлично „легнува“ на, (независно дали е вистинито или ноторна глупост) тврдењето дека „Александар Македонски бил Македонец со словенска крв“.

Заклучок: Текстот би се нарекол убава забава за народните маси без притоа многу да се дава значење на внимателноста и претпазливоста во пренесувањето на оригиналната емисија. Во овој случај тоа не требало да биде така. Новинарските кочници морале да се вклучат, бидејќи „не сѐ што лета и се јаде“. Недозволиво е играње со чувствата на одредена група на популацијата независно од тоа дали биле вистински или наметнати. „Чепкањето“ по историјата, колку и да било во насока на пренесување на разговор преземен од странски медиум, а се однесува на земјава, не можело да помине туку-така без нудење дополнителни соодветни и кредибилни аргументи.

Борбата за публика не оправдува наслови како употребениот, кои звучат како апсолутна историска вистина за прашање за кое којзнае колку време светски авторитети се обидуваат да најдат одговор. Од читањето на текстот, барем мене, не ми стана појасно што, ние Македонците, сме? Како што еден колега досетливо кажа: „Или сме антички, или сме Словени, или можеби антички Словени“?

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција