Рецензија: Алфа: Пендаровски е ново жртвено јагне на СДСМ?!
Сѐ почесто се случува еден медиум да објави, а десет други да преземат неиздржани, неверодостојни текстови презентирани како вести, со цел што повеќе да се дисеминира црната, неиздржана кампања против одреден политички субјект. Јавниот интерес е занемарен за сметка на некоја друга агенда. Конкретниот текст, првично беше објавен на телевизија „Алфа“, која го повлече од интернет страницата. Повеќе други медиуми го презедоа, повикувајќи се на оригиналот, но ниту еден од нив не се обиде, освен вербатим да пренесе, да ја провери, збогати или прошири веста, со она што новинарските стандарди го налагаат – минимум, да се контактира оној за кого се пишува.
Линк до оригиналниот напис: Алфа: Пендаровски е ново жртвено јагне на СДСМ?!
Датум и време на објавување: 05.02.2014, 14:12
Датум на рецензирање: 06.02.2014
Рецензент: Мирослава Бурнс
Вистинитост: Ако ја анализираме примарната теза во текстот, а тоа е дека „Пендаровски е ново жртвено јагне на СДСМ“, тогаш доаѓаме до заклучок дека таа е комплетно неверодостојна и коментаторска, а освен тоа остава впечаток дека цели да ги обесхрабри гласачите на Пендаровски, иако тој воопшто не е кандидат за ниедна функција во овој момент. Со други зборови, да се „опомене“ ако случајно реши да се кандидира. Во текстот не е ниту испочитуван принципот на професионалното новинарство, а тоа е да се праша оној за кого се пишува, т.е. да се земе изјава.
Извори на информации: Нема извори на информации, ако не се земе предвид првичната вест која е избришана. Веќе е излитена „финтата“ со која некои медиуми се повикуваат на „извори од таа и таа партија“, баш кога се обидуваат да го нарушат имиџот на таа партија во предизборен период.
Содржајност: Тука е најголемиот проблем. Текстот содржи лични ставови на некој што не е откриен како извор, но и обид да се пропагира со создавање лажна симетрија, со тоа што и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ се става во ист кош со некој што воопшто не е кандидат. Оттука, не е тешко да се претпостави која партиска кујна е изворот и кои се неговите намери. Евидентни се конструирани слики за тоа која партија е во водство, базирано на ненаведени анкети.
Пристрасност: Текстот остава впечаток дека е политички пристрасен поради големиот број на епитети и квалификации што се даваат за припадниците на едната политичка партија и глорификацијата на другата политичка партија. Не се контактирани оние за кои се пишува, па, оттука, не е застапена втората страна.
Коментирање: Забележлива е тенденцијата фактите да се мешаат со мислењето, а тоа мислење или да не е атрибуирано на ниеден извор, или да им се припишува на „експерти“, „познавачи на состојби“, а притоа се изнесуваат сериозни и тешки квалификации како „жртвено јагне“, „глуми жртва“, „прифатил непристојна понуда“, „средство за вадење од мртвите“, итн.
„По примерот на Макрадули кој прв ја прифати ваквата губитничка улога во битката за татко на Скопје, Пендаровски е втор кој прифатил ваква непристојна понуда. Изворите велат дека, сепак во СДСМ има многу конкуренција дури и за пораз на претседателските избори, бидејќи анкетите покажуваат дека тоа е неминовност, за што се свесни и во самата партија“.
„Според Алфа, кампањата за претседателски избори многумина ја гледаат како средство за лична промоција и буквално „вадење од мртвите“, чисто колку за да се актуелни некој одреден период, со што би си ја подобриле својата позиција во бизнисот и општеството.“
„Вакви типови на јавни личности, кои мислат дека „светот се врти околу нив“ и немаат доволна доза на самокритичност, има и во ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу нив е професор Јове Кекеновски, кој од петни жили, брифираат од ВМРО-ДПМНЕ, се труди да се претстави во јавноста како кандидат на владејачката партија и да се наметне како таков. Тој дури на моменти и глуми жртва, иако извори од таму и познавачи на состојбите велат дека како професор тој не би можел ни на сод да помине кај ниеден сериозен член на партијата“.
„Колку и да е драстична досегашната разлика меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, особено што владејачката партија не кокетира со никого, а опозициската со кого ќе стигне, според експертите не е лесно да се најде човек кој би прифатил да губи. За познавачите на состојбите во македонската политичка сцена, во СДСМ е очигледно дека таквите ликови ги има за извоз, заклучуваат од телевизијата.“
Оригиналност/Плагијат: Текстот е првично објавен на веб-страницата на телевизија „Алфа“, каде е и изворно создаден, од каде е преземен со соодветно наведување на редакцијата што го создала.
Квалитет на насловот: Медиумот се труди да остави впечаток дека пренесува туѓа вест, но насловот е сосема идентичен како тој на „Алфа“. Од содржински аспект, насловот е коментаторски и дисквалификува.
Заклучок: Непрофесионално е да се пишува вест без да се консултира за изјава оној за кого се пишува. Текстот изобилува со квалификации и коментари и претставува олицетворение на политичката пристрасност. Наместо да сервира факти, се прави обид интегрираните мислења да ги претстави како факти, притоа дисквалификувајќи субјекти и сервирајќи шпекулации за некој што воопшто не е во политичка трка за ниедна политичка функција. Политичката пристрасност е очигледна поради тоа што владеачката партија се претставува како водечка базирано на некакви анонимни анкети, а потоа на тоа се врзуваат пасуси и пасуси коментари, што треба да ја „дообјаснат“ таквата теза.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар