Рецензија: Анализа на Телеграф: Најдобро се живее во Кавадарци и во Штип

www.telegraf.mk_aktuelno_2083-crop-resize

Текстот што е пред нас, претендира на читателите да им понуди анализа за тоа каде најдобро се живее во Македонија. И, во таа смисла, на врвот на листата се посочуваат Кавадарци, Штип и Гевгелија, но, притоа, не се нудат издржани податоци и соодвтена експликација за направениот избор. Онака како што е пласиран текстот, во него не може да се прочитаат цврсти аргументи за да се убеди јавноста дека во овие три града навистина се живее најдобро. Написот повеќе изгледа како да е скроен за да им направи реклама на споменатите градови од внатрешноста, како убави места за живеење. Меѓутоа, дали е тоа навистина така?

www.telegraf.mk_aktuelno_2083Линк до оригиналниот напис: Анализа на Телеграф: Најдобро се живее во Кавадарци и во Штип

Датум и време на објавување: 28.10.2014, 12:36

Датум на рецензирање: 02.11.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

ТЕНКА АРГУМЕНТАЦИЈА

Уште на самиот почеток на анализата се соопштува дека:

„Кавадарци, Гевгелија и Штип се градовите во внатрешноста кои се најдобри за живеење ако се споредат можностите за вработување, недвижностите, цените на храната и на гардеробата“

Но, може ли само според овие четири критериуми еден град  да се прогласи како најдобар за живеење? Или, сепак, релевантна оцена за квалитетот и за условите на живеење треба да содржи пошироки согледувања на комплексот политички, социјални, економски и еколошки аспекти, односно, да се имаат предвид повеќе  конкретни критериуми кои се однесуваат на: економската слобода и развој, личната безбедност, здравството, образованието и социјалната заштита на граѓаните, животната средина, инфраструктурата, јавниот транспорт, комуналните дејности, како и другите јавни услуги?

Гледано од тој агол, написот нуди тенка аргументација за направената ранг-листа.

Во него, на пример, се вели:

„Според наши показатели, убедливо најквалитетно во Македонија се живее во Кавадарци. Ова особено е случај откако таму се отворија неколку странски инвестиции, од кои најзначајна е „Дрекслермаер“.

Во поткрепа на ова твреење, се пренесува само анонимно сведоштво на „Благоја од Прилеп“,  кој е задоволен што таму може да работи како сезонски работник за дневница од 900 денари. Меѓутоа, ние не знаеме колку часа тој треба да работи за да ја добие оваа сума.

 

НЕУМЕСНО ВЕЛИЧЕЊЕ

Текстот продолжува со нагласување на важноста на „Дрекселмаер“  за Кавадарци и за околните места, со акцент на тоа дека „платите се во висина од 12.000 до 30.000 денари“. Но, величењето на споменатата компанија се чини некако неумесно, со оглед на тоа дека оваа фабрика пред извесно време ги отпушти од работа работниците што штрајкуваа и јавно проговорија за ниските плати (од 8.000 до 13.000 денари), неисплатените празнични дневници и за условите во кои работат.

Потоа, во написот во истиот фалбаџиски тон, се истакнува дека:

„… со отворањето на фабриката на „Џонсон Контролс“ градот (Штип) се прероди. Таму платите не се ниски, се движат од 25.000 нагоре за оние што работат во смени.“

„Гевгеличани велат дека речиси сите млади од 25 – 35 години работат во казината како обезбедување, крупиеја, како и собарки во хотелите. Платите во казината се движат од 300 евра нагоре, за оние со поголемо искуство во оваа област. Останатите, пак, работа нашле во многубројните грчки конфекции, како и во погоните за преработка на овошје и зеленчук.“

Се наведуваат информации и за цените за изнајмување на станови (во Кавадарци), за тоа дека цената на еден квадратен метар во Штип достигнала колку таа во Скопје, дека е зголемена побарувачката на становите во Геевгелија, каде тие се продаваат од 500 до 800 евра за еден квадратен метар, а купувачите се Грци од северниот дел на земјата.

Сето ова можеби е точно. Но, во материјалот нема посочено конкретни примери (извори) што би го потврдиле тоа.

 

НЕДОСТИГААТ ИЗЈАВИ

Имено, недостигаат искази од луѓе кои работат во споменатите капацитети, а можело да се побараат и информации од некои од агенциите за недвижности. Нивните изјави би го подигнале квалитетот на напишаното и текстот би добил веродостојност. Вака, читателите се оставени да веруваат на впечатоците на авторот.

За одбележување е и тоа што во написот се користи мислење само на еден аналитичар, ама неговиот став не е на линија на тезата што се турка во текстот.

„Што се однесува до помалите градови, точно е дека трошоците за живот се помали, но помали се и платите. Згора на тоа, во внатрешноста сѐ уште потешко се наоѓа работа. Оние што најдоа работа во новоотворените погони не се задоволни од условите за работа и велат дека примаат „македонски“ наместо „европски“ плати.“ (Здравко Савески)

 

 

НИТУ ЗБОР ЗА ЗАГАДУВАЊЕТО

Исто така, никаде во текстот не е кажано за проблемот со загадувањето на животната средина во Кавадарци, како и за предупредувањата на екологистите дека:

„… во градот има зголемен број кардиоваскуларни, малигни, респираторни заболувања, претежно на луѓето што живеат околу „Фени“.“

Ниту, пак, се споменува присуството на отровниот арсен (над дозволеното) во водата за пиење во Гевгелија и тврдењето  на граѓанската иницијатива „Арсена“,  дека „поради присуството на арсен во водата, бројот на заболени лица од карцином сѐ повеќе расте“.

Оттука, нејасно е како може овие места да се посочат како најдобри за живеење, кога тие се проблематични од аспект на обезбедување на основните услови за живот (енормно загадени воздух и вода). Тоа ја наметнува дилемата дали рангирањето е направено според параметри и критериуми што овоможуваат квалитетен живот на граѓаните? Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД ), на пример, најдобрите животни услови ги оценува врз основа на девет показатели, меѓу кои се економската благосостојба, приходите, образованието, вработеноста, безбедноста, здравјето и животната средина.

Така, материјалот со претенциозен наслов:

„Анализа на Телеграф: Најдобро се живее во Кавадарци и во Штип“

остава простор за сомнеж дека, можеби, неговата вистинска намера била да се истакнат општините во кои интервенирала Владата со државни пари (Штип), или, пак, со субвенции за странски инвестиции. Тоа е пристап, кој отстапува од добрата новинарска практика за објективно информирање на јавноста.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција