Рецензија: Апанажата, моралот и етиката

FireShot Screen Capture_297_www_telma_com_mk_vesti_apana-crop-resize

Барањето на некогашни пратеници во Собранието на РМ да земаат апанажа во законски дозволениот рок, по завршувањето на нивниот мандат, со вонредните парламентарни избори стана актуелно заради тоа што на списокот ќе се најдат лица кои повикуваат на бојкот на Парламентот. За тоа проговорија познати лица од редовите на власта, па дури и премиерот најде повод да го искоментира тој чин.

Телма посвети на оваa тема специјален прилог во кој од пристојна далечина од поединечните судбини и политички величини успеа, се чини, да направи непристрасна анализа, во која се вклучени сите димензии на случајот – и правните и етичките, пред сѐ.

 Апанажата, моралот и етиката

Линк до оригиналниот напис: Апанажата, моралот и етиката

Датум и време на објавување: 16.06.2014

Датум на рецензирање: 17.06.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

„Познати бизнисмени, поранешни професори, доктори и адвокати, по завршувањето на пратеничкиот мандат побараа апанажа, со што деновиве повторно се актуелизираа прашањата за етиката, моралот и законите. Власта напаѓаше дека опозицијата е лицемерна, опозицијата, пак, се бранеше дека на тоа има законско право“, гласи  пледоајето на прилогот во рамките на вечерниот дневник.

 

АПАНАЖА И ЗА БОГАТИТЕ БИЗНИСМЕНИ?

Авторката поаѓа од намерата на законодавецот да обезбеди преку апанажата некаква социјална сигурност за пратениците, бидејќи тие, во жарот на политичката борба, веројатно ја изгубиле сопствената работа или не можат лесно да се вклучат во старите занаети. Дали сите тие, навистина, немаат каде да се вратат на работа? Или висината на пратеничката плата е доволна причина да ризикуваат и да го изгубат работното место во државните институции? Воедно, прашање е дали е етички апанажа да земаат познати бизнисмени, кои, според анкетните листови, располагаат со значителен имот, како што беа Фијат Цаноски од ПЕИ, (кој спаѓаше во најбогатите луѓе во земјава, а кој вчера се откажа од пријавата за апанажа) или во минатото Имер Селмани, кој беше сместуван во врвот на албанската профитерска елита.

Се споменува лицемерието на Пеце Наумовски, кој повеќе години, па можеби и деценија, се наоѓа на листата на големи инвеститори во градежништвото и кој дури и не седна ниту еднаш во пратеничките клупи (!), ама сепак, користеше апанажа. Така, авторката од законското право на апанажа не носи во просторите на моралната димензија на ова прашање.

Да нема забуни и да нема пристрасност, авторката јасно посочува дека за таа актуелност на прашањето во мигот посебно придонесе тоа што плата по истекот на мандатот си побара и потпретседателката на СДСМ – Радмила Шеќеринска, заедно со уште 18-мина нејзини поранешни колеги.

Дали е морално таа да зема 1.000 евра апанажа и покрај тоа што самата во анкетниот лист објави дека има месечен приход од 5.000 евра од кирија, но притоа е и невработена? – прашува јавноста, а пренесува авторката и потсетува дека и премиерот имаше ироничен коментар.

 

„ЛИМИТОТ НА ПРИСТОЈНОСТА“

Битен момент во тој пристап кон темата е фактот дека авторката од критичарите на земањето на апанажа од страна на оние кои имаат средства за живот „преку лимитот на пристојноста“ бара ист аршин и кога се во прашање пратениците од своите редови! Па, се споменува случајот на досегашниот заменик-координатор на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Илија Китановски, за кого опозицијата обвинуваше дека за време на мандатот се стекнал со деловен простор, градежно земјиште и три возила. На платниот список на Собранието ќе бидат и уште 17 -мина негови поранешни колеги, како и лица кои чекаат да станат пратеници кога тие пред нив ќе станат министри, како на пример, Светлана Јакимовска.

Во тој контекст авторката добива директен одговор за оваа дилема само од едната страна на политичкиот апектар – од СДСМ.

Ги консултирала и експертите кои се поделени по овие прашања. Патем, тоа не е битно за рецензијата, но некои акцентот го ставаат на законското право кое не треба да се оспорува, други, пак, предлагаат апанажата да се прилагоди според висината на платите на граѓаните. Битно е секако што постојат повеќе извори на сознанија за темата и тоа треба да се пофали кога се работи за ТВ прилог за чувствителна тема. И што има добар заклучок за политичкото лицемерие – сите ја критикуваат апанажата, ама ниту една партија не побарала промена на законот!

Рецензија, што е битно заради тоа што се работи за ТВ сторија, има логичен и избалансиран приод во претставување на изворите на информацијата, но и на личностите што се илустрација на темата, како што е добро одмерено вкупното траење на прилогот, кој е интересен, ама сепак не е предолг, ценејќи ја вредноста на скапата ТВ минутажа.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција