Рецензија: Австријанците се против прием на Турција и балкански држави во ЕУ

maxim_mk_avstrijancite-se-protiv-pr2-crop-resize

Основата на текстот е дека според анкетата на Австриското друштво за европска политика, Австријците се уморни  од ширењето на Европската унија, а со тоа и од прием на новите членки од Балканот. Три четвртини од испитаниците сметаат дека ширењето на ЕУ е „малку“ или „целосно“ неважно. Тие се против прием на Турција, БиХ, Србија, Црна Гора, Албанија и Македонија. Дадени се и проценти кои произлегуваат од анкетата.

(Напомена: според правописот на македонскиот литературен јазик, жителите на Австрија се нарекуваат Австријци, а не Австријанци, термин кој што се користи во текстот што се рецензира и во неговиот наслов, кој се користи интегрално и како дел од насловот на рецензијата.)

FireShot Screen Capture #037 - 'Австријанците се против прием на Турција и балкански држави во ЕУ I Maxim' - maxim_mk_avstrijancite-se-protiv-pr Линк до оригиналниот напис: Австријанците се против прием на Турција и балкански држави во ЕУ

 Датум и време на објавување: 16.10.2013  10:58

Датум на рецензирање: 18.10.2013

Рецензент: Александар Писарев

Вистинитост: Појдовната точка е анкета на Австриското друштво за европска политика, меѓутоа во веста, која е очигледно делумно преземена од српскиот портал „Актер“, кој, пак, пренесува вест на српската агенција  „Танјуг“, медиумот не го пренесол и официјалниот став на австриската влада со што е сокриен дел од информацијата.

Порталот не нуди ни еден показател со кој би ја потврдил веродостојноста на информацијата: „три четвртини од испитаниците сметаат дека ширењето на ЕУ е „малку“ или „целосно“ неважно“, а немаме податок колку испитанице се опфатени со анкетата, во кои делови на Австрија, кои социјални и интелектуални слоеви, кога е спроведена анкетата, пред или по приемот на Хрватска во ЕУ. Текстот соджи бројки и проценти кои не се потврдени со никаков доказ за нивната веродостојност.

Извори на информации:  Нема конкретен извор на информации. Медиумот се повикува на анкетата на Австриското друштво за европска политикиа, но нема никаков податок како медиумот дошол до податоците од анкетата.

Содржајност: Објавената вест не е сеопфатна и прикрива информации. Пренесува резултати од анкетата, а не објаснува за каква анкета се работи, врз каков примерок и како медиумот дошол до нејзините резултати. Очигледно е дека е само делумно преземена од странски медиум , белградскиот „Актер“. Со тоа читателот нема целосна информација за генералното расположение во Австрија по прашањето на проширување на ЕУ. Свесно, или несвесно, во информацијата е избегнат официјалниот став на Австриската влада за ова прашање, кој се разликува од резултатите на анкетата. Тој став е ударен во во странскиот медиум кој ја пренесува агенциската вест на Танјуг: „Официјалната Виена е меѓу оние кои најмногу ги поддржуваат европските интеграции на државите од Западен Балкан“.

Оригиналност/Плагијат: Текстот нема потпис, па е очигледно дека се работи за плагијат, односно  за делумно преземена вест од странски медиум. Српската агенција „Танјуг“ веста ја превзела од виенскиот „Курир“ дента пред објавувањето на Извештајот на ЕУ за напредокот на замјите од Западен Балкан во доближувањето кон ЕУ.

Квалитет на насловот:   Насловот е вознемирувачки и не одговара на содржината на веста: „Австријанците (sic) се против прием“  се добива впечаток дека сите Австријци се против прием на Турција и земјите од Западен Балкан во ЕУ, што не е точно.

Заклучок: Веста доаѓа во моментот на претставувањето на Извештајот за напредокот на Република Македонија во евроинтеграциите, од што треба да произлезе препораката за почеток на преговорите за членство. Тој извештај е можеби бирократски, но е прецизен, како што се многу прецизни и ставовите на одделни земји-членки на ЕУ кога дават некои оценки за Македонија или Балканот. Затоа медиумот морал да води сметка при презентација и преземање на резултатите од анкетата за едно вака чувствително прашање. Веста е очигледно само делумно преземена од странски медиум, но е исфрлен многу важен дел кој се однесува на официјален став на Австрија по ова прашање, а тој дијаметрално се разликува од резултатите на анкетата која ја пласира медиумот. Фактите што ги изнесува порталот се резултат на погрешна селекција на она што е помалку важно од она што е важно при преземање информација од друг медиум.

Информацијата во текстот, вака како што е пласирана, испараќа лоша порака и прејудицира лошо мислење за Австрија која е членка на ЕУ. Тоа може да го подгрее и онака високото ниво на евроскептицизмот кај граѓаните на Македонија.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција