Рецензија: Богатиот живот на водството на СДСМ во „диктатура“

22-09876008766-0980-crop-resize

Зошто рецензија на овој текст? – Затоа што има факти, ама извртени, затоа што вистинската слика за ситуацијата е претворена во нечија „виртуелна реалност“, затоа што има многу малку новинарска коректност и ангажираност, затоа што има премногу „наменска рециклажа“ на стари вести, затоа што има политичко „обландирање“ на постоечката состојба, затоа што има спин, затоа што има класична замена на тези. Ете затоа следи рецензија.

2Линк до оригиналниот напис: Богатиот живот на водството на СДСМ во „диктатура“

Датум и време на објавување: 13.06.2014, 12:23

Датум на рецензирање: 16.06.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

ПОЛИТИЧКО МЕШАЊЕ НА „БАБИ И ЖАБИ“

Овде станува збор за пример кој на најдобар начин покажува како вистинските факти, меѓусебно поврзани, надополнети со коментари и зачинети со бомбастичен наслов, можат да создадат сосема погрешна слика кај публиката. Секако, важно е да се напомене дека мотивацијата зад текстот апсолутно не е новинарска, туку, пред сѐ, политичка. Паралелено со набројувањето на материјалните и финансиските добра, од порано пријавени во анкетните листови – значи стара вест, со кои располага лидерскиот двоец на СДСМ, се пласира и тезата дека таа состојба ги анулира тврдењата на истите тие опозиционери оти Македонија има сериозни проблеми со демократијата?! Во најмала рака имаме мешање на баби и жаби! Поточно, се сака главната алатка во рацете на опозицијата – назадувањето во дел од демократските процеси, што за волја на вистината го детектираа и неколку меѓународни организации, да се избие со повторување и препрочитување на анкетните листови, трансакциските сметки и возниот парк на првиот и вториот човек на СДСМ. Не знам каква врска имаат финансиите на двајцата политичари со проблемите поврзани со изборите, со намалувањето на медиумските слободи, со партиското влијание врз судството, со правосудните пресметки со неистомислениците? Одговорот е никаква.

Конечно, зборуваме за човек кој бил бизнисмен и за жена која со децении е во политиката и за очекување е дека создале нешто во својот живот. Дополнително, сопругот на политичарката, исто така, се занимава со бизнис. Според досегашната практика, доколку и едниот и другиот опозиционер имаа барем нешто сомнително во нивните финансии, тие одамна ќе имаа работа со истражните органи. Нејсе, затоа, пак, со нив „имаат работа“ одредени медиуми, кои најверојатно, по инструкции и координирано објавуваат вакви материјали кои не се ништо друго туку пресметка со опозицијата во „името на народот“.

Дека има нешто во позадина зборува фактот што тезите застапени во овој текст ден подоцна се најдоа и во настапот на премиерот. Случајно? Не верувам.

 

НЕМА ВЕСТ, ТУКУ РЕПРИНТ НА СТАРИ ИНФОРМАЦИИ

Изворите на информации, слично како и фактите, не се проблем, туку нивното наменско извртување како поткрепа, би рекле слаба, за презентираната спинувана ситуација. Во однос на содржајноста нема што многу да се пофали, бидејќи реално немаме нова вест, зашто станува збор за збир на постари и веќе доста експлоатирани информации во периодот на предизборието.

Од друга страна, пак, употребените формулации недвосмислено упатуваат на силна пристрасност и тоа политичка која, имајќи ги превдид елементите врз кои се потпира текстот – стари вести и спин. Силната пристрасност изгледа се имала на ум уште во почетната замисла и пред финалното вообличување на материјалот.

Во таа насока се и дел од застапените коментари:

„Гледано по удобниот живот и натпросечното богатство на раководството на СДСМ, по ништо не може да се забележи дека овие луѓе живеат во диктатура“.

Бидејќи текстот не е потпишан, тешко е да се утврди за што станува збор – за оригинал или копија. Како по обичај, речиси ист ваков напис се појави на друг портал, а ниту таму нема автор, ниту, пак, е наведено дали е преземен.

Во суштината на овој материјал се крие пораката дека наспроти извештаите и предупредувањата, не зборувам за оние на опозицијата, туку на низа меѓународни организации, што владини, што невладини, ЕУ и цел куп други здруженија и асоцијации поврзани со слободата на медиумите, дека на демократски план во Македонија е подобро од кога и да било. Значи, ако би се имало разбирање дека тоа е официјално образложение на владејачката партија за политиките кои ги спроведува во изминатите 8 години, тогаш нема какво било новинарско, а и професионално објаснување и разбирање тоа да се прави преку медиумски материјал во кој демократските назадувања се оспоруваат со финансиската ситуација на двајцата водечки опозиционери.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција