Рецензија: Членови на ВМРО-ДПМНЕ: Еве како ВМРО-ДПМНЕ победува!
Главниот проблем со написот: „Членови на ВМРО-ДПМНЕ: Еве како ВМРО-ДПМНЕ победува“, е што информацијата не е проверена и не е побаран став од засегнатата страна. Во текстот се користи анонимен извор на кој му е заштитен индентитетот, што не е непознаница во новинарството. Но, фали барем уште еден извор (макар и тој да биде анонимен), како потврда на наводите:
„ВМРО–ДПМНЕ ништо не остава на случајност, како за претходните така и за овие подготвиле сценарио како треба да тече изборниот ден, кој кого носи на гласање и кој и точно во кое време реферира што се случува со гласачите кои ги врбувал.“
Линк до оригиналниот напис: Членови на ВМРО-ДПМНЕ: Еве како ВМРО-ДПМНЕ победува!
Датум и време на објавување: 13.03.2014, 12:16
Датум на рецензирање: 18.03.2014
Рецензент: Оливера Војновска
ПРОПУШТЕНА МОЖНОСТ
Вистинитоста на материјалот што го рецензираме е ставена под прашалник. Тој не нуди цврсти аргументи за тврдењата изнесени во него. Во текстот, имено, е пренесена презентацијата, која медиумот, како што е наведено, ја добил од „член на ВМРО – ДПМНЕ, кој се плаши јавно да проговори“, а во која, наводно, е прикажано сценарио за „мобилизација“ на владејачката партија за денот на изборите. Во него до детали и со сатници е разработен планот како ќе се контролира гласањето, најпрво на партиските членови, а потоа и на луѓето од кои претходно добиле гаранции дека ќе гласаат за владејачката партија. Според сценариото за изборниот ден:
„од 7,30 до девет часот партиското членство се собира во штабовите на месните комитети, каде има одговорно лице кое им врши евиденција, а потоа во групи од 30 членови на ВМРО-ДПМНЕ заедно со одговорното лице одат на гласање. Од 9 до 11 часот call центарот ги контактира сите членови кои не ја испочитувале наредбата и не гласале, а во 10 часот мобилни екипи одат по домови и членовите ги носат на гласање. Од 9-12 часот секој член мора да го однесе на гласање лицето за кое гарантирал дека ќе гласа за ВМРО – ДПМНЕ. Одговорното лице, пак, задолжително ги чека пред избирачкото место за да контролира дали сите кои ветиле дека ќе гласаат, излегле да го исполнат тоа….“
Планот со таксативно наредени наредби можеби навистина се однесува на членството на владејачката партија и, како што се тврди во текстот, можеби се „подготвува истото сценарио“ како од изборите во 2011 и во 2013 година, кога медиумите обелоденија афери со избирачкиот список и со вработени во админситрацијата, врз кои, наводно, власта вршела притисок да обезбедат лица кои ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ
Сепак, написот освен тврдењето на анонимниот извор, не содржи други елелемнти кои би ја потврдиле автентичноста дека навистина станува збор за презентација на владејачката партија. Гледано од тој аспект, преамбулата на новинарскиот Кодекс јасно кажува дека „основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од Уставот на Република Македонија“, а во првиот амандман ( ставовите 2 и 4) децидно стои:
„Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.
Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“
Тука, за жал, е пропуштена можноста да се тестира веродостојноста на материјалот до кој дошол медиумот. Така што, читателот кој го предложи овој напис на сајтот на Сервисот за проверка на факти од медиумите, со право паршува:
„Од каде знаеме дека е ова вистина?“
ПУБЛИКАТА Е, СЕПАК, СОМНИЧАВА
Текстот што го рецензираме не е комплетен. Во него се искажани сериозни обвинувања на сметка на партијата на власт, па еден коректен новинарски пристап подразбира да се слушне и нејзиното мислење. Од написот не се забележува дека е направен обид да се контактира партијата. Сосема друга работа е тоа што неколку дена по објавувањето на информацијата, сѐ уште нема никаква реакција од засегнатата страна, што се толкува како сигнал дека таков „документ“ имало во партијата. Сепак, тоа не го оправдува игнорирањето на втората страна на приказната. Дополнително, со експлицитното тврдење искажано уште во првата реченица, дека „ВМРО-ДПМНЕ како за претходните, така и за овие избори подготвиле сценарио како треба да тече изборниот ден“, се покажува пристрасност кон опозицијата.
Од исказот на неименуваниот член на владејачката партија, во насловот е извлечен цитат:
„Членови на ВМРО-ДПМНЕ: Еве како ВМРО-ДПМНЕ победува!“
Ако медиумот имал целосна доверба кон изворот, не може да очекува и од публиката да не биде сомничава. Читателите не може безрезервно да веруваат во се што ќе им се понуди и тоа особено, ако зад неа стои еден едиствен анонимен извор. Тоа, можеби, навистина е така. Но, вака, како што е пласирано, делува неуверливо и буди сомнеж дека, можеби, сепак, станува збор за некаква конструкција.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар