Рецензија: Демантирани шпекулациите на соросоидните медиуми – За кого работат?

sitel-recezija-09876-0980-crop-resize

Пред нас е телевизиски прилог, кој има само една цел –  да плука, деградира и да омаловажува. Притоа, не може да се разбере за која новинарска форма се работи, затоа што не е посебно издвоен како коментар или како колумна, а најде централно место во дневникот на медиумот. Исто така, не се запазени новинарските норми. Прилог и текст кој е тешко да се нарече новинарски, а уште потешко да се оправда.

sitel-recezija-09876-0980Линк до оригиналниот напис: Демантирани шпекулациите на соросоидните медиуми – За кого работат?

Датум и време на објавување: 13.11 2014, 17:54

Датум на рецензирање: 18.11.2014

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

ПОЛН СО НЕБУЛОЗИ

Овој текст воопшто не се труди да биде вистинит. Да се тврди дека некој „одработува“ во корист на грчки интереси е сериозно обвинување за кое треба да се приложат документи и/или квалификувани извори, кои би си ја презеле одговорноста за таквото евентуално тврдење. Вака, текстот служи само за напад, без притоа да им се даде шанса за одбрана на посочените личности во приказната. Иако едно од најважните правила во новинарството е да се слушне и втората страна, и тоа особено кога таа втора страна е предмет на сериозен напад, тоа тука не е сторено. Во прилогот е воочливо и дека нема никаков извор, а сите конструкции во него се недокажани и несериозни.

Кога еден новинарски призвод се затскрива зад зборовите „во јавноста лебди“, тогаш веднаш сфаќате дека нешто не е во ред и дека тоа што е напишано не може да се потврди. Инаку, оваа фраза е толку виртуелна, што досега ретко се пронаоѓала во новинарски написи.

Слична „лебдечка“ форма е и фразата  „граѓаните со право констатират“, без точен извор, без показател. Прилогот со овие „висечки“ фрази сака да нѐ натера да поверуваме на „жими мајка“, без притоа да имаме за што да се фатиме, односно народски кажано „текстот нема месо“.

„Се почнува уште на 12 ти август кога соросовиот Либертас на Ацо Кабранов објавува дека ВМРО-ДПМНЕ договара промена на името бидјеќи  во државата немало пари. Според Либертас, тоа требаше да се случи на Берлинскиот самит на средбата на Груевски со Меркел.“

Првата неточност во овој дел е фразата „соросовиот Либертас“. Иако најверојатно со прилогот се сака да се алудира на тоа дека овој портал добива финасиска помош од Фондацијата „Отворено општество – Македонија“ (ФООМ), тоа не е вистина и може да се провери и во финасиските извештаи на ФООМ, а ова лично го има демантирано и раководителот на „Либертас“.

 

НЕМА ВТОРА СТРАНА

Во однос на тоа дека и „Слободен печат“ пласирал „лага“ околу предлогот за името, во колумна објаснување даде и новинарот Бранко Героски. И покрај тоа што Героски неколкупати, неколку дена пред овој прилог, го објаснува својот став, тоа не е земено како втора страна во прилогот.

Тој, во колумна како демант на министерот за надворешни работи, Никола Попоски, напиша:

„Вие многу добро знаете дека засега јавно е обелоденет и недемантиран само еден предлог на Нимиц од април 2013 година (значи, три месеци пред Вашето интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“), во кој е предвидено во графата nationality, во која сега пишува „Macedonian“, да пишува „of Upper Republic of Macedonia“ или алтернативно „Makedonsko/Macedonian“. Не знам за Вас, но за мене тоа не е добро. Ама воопшто не е добро! Името на државата, според тој предлог, треба да биде „Горна Република Македонија“.“

 

ПРИСТРАСЕН И НЕКОРЕКТЕН

Со насловот, исто така, се сака да се алудира на тоа дека посочените личности работат за некои други интереси, или, како што експлицитно е наведено подолу во текстот, за грчки интереси.

Во еден текст кога имате дел кој вели „одработуваат во корист на грчките интереси, компромитирајќи ги македонските преговарачки позиции“, се работи за сериозна квалификација, која можеби може да има и правни последици. Особено што ова се однесува на колеги новинари, а може да предизвика импликации и од друг тип. ТВ-прилогот, со оглед на големата гледаност на централните вести, може да предизвика негативни реакции кај некои гледачи, кои, пак, би можеле да си земат на себеси да се пресметаат со „предавниците“ лично. Поради тоа, прилогот во повеќе сегменти е и недоличен, затоа што воопшто и не помислува на можните негативни последици.

Понатаму, кога во овој прилог ќе се прочита за „плукање“ и за „погрдни зборови“, не можеме, а да не се присетиме на онаа народната „зајакот му рекол на магарето дека има големи уши“:

„По вчерашниот демант од Нимиц, во соровите редови врие од гнев и нервоза. Уредниците на сорос плукаат по сите новинари нарекувајќи ги со погрдни и недолични зборови, а на своите страни освен куса техничка вест, нема ниту еден збор за тоа дека пред помалку од еден месец, срамно мнипулираа со јавноста.“

Речиси целиот напис е пристрасен и професионално некоректен. Навивачките елементи се забележуваат од почетокот до крајот на прилогот.

Делови од овој прилог, исто така, ги кршат следниве членови од Кодексот на новинари:

10. Новинарот нема свесно да создава, ниту да преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и на дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…)

 

13. Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.

 

15. Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста

 

16. Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различноста на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.

Ова е уште еден во низата текстови што се занимава со колеги и со луѓе кои не се на иста линија со владините политики. И наместо од тоа да се развие демократската дебата, во текстот се плукаат и се навредуваат личности. Ова воопшто не може да се нарече новинарски производ и е надвор од сите стандарди.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција