Рецензија: Дење сиромашна старица која моли и проси а ноќе…

Дење-сиромашна-старица-која-м_-http___puls24.mk_svet_region_denje-s2-crop-resize

Текстот со впечатлив наслов: „Дење сиромашна стари а која моли и проси а ноќе…“, само површно зафаќа една чувствителна социјална тема. Тој на читателската публика ѝ сервира приказна од Сараево, меѓутоа ја прикажува само од еден агол и со забележителен  негативен однос кон најсиромашните граѓани, со што ја поминува границата на дискриминација на оваа ранлива категорија. Написот, всушност, е целосна копија. Иако никаде не е посочено, тој е „позајмен“ од некој од босанските сајтови, кои, пак, се повикуваат на оригиналниот текст објавен на трет босански медиум.

Дење сиромашна старица која м_ - http___puls24.mk_svet_region_denje-s

Линк до оригиналниот напис: Дење сиромашна старица која моли и проси а ноќе…

Датум и време на објавување: 15.08.2014, 02:12

Датум на рецензирање: 03.10.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

ТAНКО „СВЕДОШТВО“

Самиот напис не нуди елементи од кои може да се види дали е веродостоен. Целата приказна е градена врз основа на раскажувањето на еден сараевчанец:

Бев сведок и гледав како една стара баба доаѓа да проси, а по извесно време по неа доаѓаше мерцедес. Најверојатно тоа „го работи“ осум часа а потоа си оди

Но, на читателите не им се дава уверлив доказ дека настанот навистина се случил. Тие едноставно треба да mu веруваат на „сведоштвото“ на сараевчанецот.

Така што, текстот е тaнок и не може да се говори за некаква содржајност. На читателската публика ѝ се прикажува само едната страна на приказната, која е комплетно преземена заедно со фотографијата и насловот од странски медиум, при што се направени и јазични грешки (Сарајлија, проси).

Во материјалот што го рецензираме не се забележува дека е направен некаков напор да се презентираат сите аспекти на проблемот. Станува збор за покомплексно прашања и еден малку поамбициозен пристап подразбира да се слушне и мислењето на експертската јавност, како и на државните институции надлежни да водат грижа за социјалната политика и за ранливите групи.

 

Пулс 24 - Дење сиромашна старица која м_ - http___puls24.mk_svet_region_denje-s

СУРОВОСТ КОН НАЈСИРОМАШНИТЕ!

Приказната е напишана во таков манир што се препознаваат антипатии кон луѓето кои питаат. Во констатациите:

Сарајлијата Борис Сетиќ на најдобар начин опишал како просењето во БиХ станало практичен бизнис

 

Во текот на нивната обиколка на градот (туристите)  немаат мира од просјаците кои секојдневно ги вознемируваат барајќи пари

 

Сето ова создава една негативна слика за Сараево.

се чувствува непријателство и нетрпеливост кон овие лица.

Омаловажувачкиот тон е проткаен низ целиот напис и на еден посуптилен начин поттикнува дискриминација кон оние лица кои се доведени во тешка економска положба и кои се принудени да бараат милостина. И фотографијата на која е прикажана стара жена – муслиманка од Босна, како пита, на одреден начин буди негативни чувства кај читателите.

А, заклучокот на текстот делува некако невкусно, дури бесчувствително и сурово:

„Единствен начин на кој би можела да се спречи оваа негативна појава е граѓаните да престанат да им даваат пари…“

 

НЕГАТИВНИ РЕАКЦИИ

Токму затоа написот предизвика негативни коментари кај читателите:

До сите оние кои мислат дека питачењето е добар бизнис: Клекнете и вие во некоја прометна улица и просете! Како не ви е срам! До кое ниво сте дојдени па и на питачите им завидувате! Дали знаете дека барањето/давањето милостина се христијански особини?

 

Ако во просек заработат 10 евра дневно, за да купат мерцедес ќе им треба 50 години да питат под услов да не ги трошат за да си го прехранат семејството. Кој воопшто со здрава памет помислил дека со питачење може даа се збогати во Македонија? Подобро погрижете се овие луѓе да добијат социјала што ја заслужуваат а својот бес насочете кон оние што бесправно ја зимаат а работат приватно, можеби имате некој и во вашето семејство.

Текстот испровоцира негативни реакции и на Фејсбук страницата на медиумот, особено со провокативниот наслов: „Дење сиромашна старица која моли и проси, а ноќе… “, кој наиде на остри коментари , но и на потсмев.

„Уф фала богу… ја па си реков навечер е трбушна плесачица“, „Може и тоа работи…“, „А ноќе што??????“, „Шпиунка…“, „Ноќе работи у диско како стриптизета…“

 

НЕПРОФЕСИОНАЛЕН И НЕЕТИЧКИ ТЕКСТ

Ваквиот пристап на обработка и пласирање на информациите се коси со основните принципи од Кодексот на новинарите, при што се прекршени повеќе амандмани меѓу кои:

„..Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци …“ (1)

 

„Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…)“ (10)

 

„Плагијаторството е неприфатливо. Цитатите не смеат да се користат без да се нагласи изворот или авторот.“ (12)

Во овој текст несомнено потфрлиле стандардите на етички одговорното новинарство, според кои обврска на новинарите и медиумите е да ги заштитат поединците и групите од неправда и дискриминација извршени од страна на јавни органи и институции, од приватни претпријатија или од кој било друг.

Во таа смисла, во Прирачникот за етиката во новинарството е наведено дека новинарите имаат посебна одговорност за јавно искажаниот збор и нивните ставови се важни фактори во обликувањето на јавното мислење, поради што говорот на омразата е неспоив со новинарската етика.

Медиумот и новинарот не треба да објавуваат материјал (информација, слика, мислење, коментар), кој има за цел да шири непријателство или омраза, или ако постои голема веројатност дека објавениот материјал ќе предизвика непријателство или омраза спрема некого поради неговата раса, етничка припадност, пол, вера, политичка припадност, сексуална ориентација, физички недостаток итн.

Но, спротивно на добрата новинарска практика, сајтот во рубриката „Свет“, на читателите им подметнал текст ископиран од странски медиум, веројатно со цел да се зголеми  посетеноста на порталот (овој напис е меѓу најчитаните во оваа рубрика во изминатите 30 дена). И, со ваквиот потег го ставил под прашалник чесниот пристап кон публиката на која ѝ го „продава“ овој лош новинарски производ кој заслужува негативна рецензија.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција