Рецензија: Детали од досието за Божин Павловски: спремен сум секого да уништам
Текстот се базира на актуелни документи објавени на интернет страницата на Државната комисија за верификација на фактите, претставен со сензационалистички наслов – изјава на лустрираниот Божин Павловски, која е пренесена од трето лице (информатор), за која не постојат докази дека е автентична. Исто така, извадена е од контекст со што остава сомневање дека постои тенденција за дискредитација на Павловски.
Текстот еднострано и несеопфатно известува за актуелностите поврзани со контроверзниот процес на лустрација, со што не дава придонес за објективно и непристрасно информирање на јавноста.
Линк до оригиналниот напис: Детали од досието за Божин Павловски: спремен сум секого да уништам
Датум и време на објавување: 22.07.2013, 16:07
Датум на рецензирање: 23.07.2013
Рецензент: Ида Протугер Вељковиќ
Вистинитост: Текстот се темели на документи објавени на интернет страницата на Комисијата за верификација на фактите. Во него е пренесено дека, според документите на Комисијата, во МВР, односно во Службата за безбедност и контраразузнавање, постои доказ, во вид на електронски запис, дека Павловски во 1986 г. станал соработник на службите. Сепак, доказ за соработка на Павловски со службите не е презентиран. Напротив, документите докажуваат дека тој бил следено лице, а информациите за него и пренесените изјави се од информаторот на службите задолжен за Павловски како ПОО (предмет на оперативна обработка) под псевдонимот “Прозаист”. Слични беа досиејата на лицата Владимир Милчин, Томе Серафимовски и други, каде беа презентирани документи од кои се гледа дека тие биле следени лица, а не соработници и не се презентирани докази дека тие своеволно, со изјава се согласиле на соработка.
Оттука, не може да се изведе заклучок дали текстот презентира веродостојни факти.
Извори на информации: Државната Комисија за верификација на фактите работи со спорен легитимитет и легалитет откако пред речиси две години му истече мандатот на претседателот Томе Аџиевски. Исто така, за работата на Комисијата сомневања искажаа релевантни меѓународни субјекти, истакнувајќи дека таа е инструмент за пресметка со политичките неистомисленици.
(Стејт департмент: Владата го употребува процесот на лустрација за напад на политичките опоненти и нелојални поранешни соработници. Во јуни 2012 г. Парламентот усвои нов Закон за лустрација кој содржи многу елементи од претходниот закон, кој два пати “падна” пред Уставниот суд.)
State Department: “The government used lustration (identifying individuals who collaborated with the secret services during the communist era and banning them from public office and other government benefits) as a means of attacking political opponents and disloyal former associates. In June parliament enacted a new lustration law that contains numerous elements of an older law previously struck down twice by the Constitutional Court”
Оттука, спорно е дали се работи за релевантен извор, иако е тој официјален.
Содржајност: Презентирани се еднострано наодите објавени на страната на Комисијата каде не фигурира доказ дека Павловски бил соработник. Не е побаран коментар од него, туку само е наведено дека во документите пишува оти постоел електронски запис во МВР, кој потврдува дека тој бил соработник. Со оглед на тоа што нема евидентен доказ дека Павловски е кодош, во насока на сеопфатна информација, било потребно да се побара коментар од лустрираното лице и официјален коментар од МВР. На тој начин, лицето кое претходно како ПОО на службите било жртва во поранешниот систем, сега се јавува втор пат во иста улога, овој пат во процес кој беше претставен дека е со цел да ги исправи претходно нанесените такви неправди.
Пристрасност: Главниот спин е обидот да се изврти вистината преку изјава пренесена во насловот, која е надвор од контекстот на конкретната кавга на лустрираното лице со информаторот што се презентира во документите кои се прикажани во написот. Со тоа се претставува дека како соработник на службите (нешто што не е евидентно од презентираните документи) лицето се заканувало со моќ „секого да уништи“.
Квалитет на насловот: Насловот е сензационалистички, со јасна интенција да се прикаже лустрираниот писател во негативно светло, при што во насловот е извлечена негова изјава надвор од контекстот прикажан во документите, а и нема докази дека е автентична.
Фотографија: Како фотографии во текстот, освен главната, портрет на Божин Павловски, се презентирани документи објавени на страницата на Комисијата. Тие се соодветни на темата, но со оглед на тоа што на таа веб сајтот на Комисијата има 45 страници со документи за истото лице, селекцијата на избраните во контекст на целиот напис не исклучува можност фотографијата да манипулира.
Говор на омраза: Написот изобилува со дискредитирачки тон, при што се пренесени изјави на информаторот за Павловски во кој тој е опишан како „нестабилен човек“, „болен човек“, дека е подготвен „секого да уништи“ и сл.
Заклучок: Овој новинарски напис со својата едностраност, извртување на вистината (изјави дадени во еден контекст се презентираат во сосема друг), претставување на следено лице како соработник на службите без приложен доказ и дополнително, негова дискредитација, креира слика дека новинарството не е непристрасно и не известува објективно за процесот со што практично станува дел од контроверзиите на македонската лустрација.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар