Рецензија: Џабир Дерала со комични тврдења две недели по завршувањето на изборите
В рака држиме текст кој, од аспект на стандардите на професијата, нема речиси никаква новинарска вредност. Имаме коментар „кобајаги“ камуфлиран во вест, без извори, без особена содржинска тежина, силно политички обоен… Она што кај него најмногу привлекува внимание е огромната доза навреди, дисквалификации, омаловажувања кои всушност се вообличени во своевиден постизборен медиумски „лов на вештерки“. А, да, не треба да се заборави и силното присуство на формулации кои се на самата граница на говор на омраза.
Линк до оригиналниот напис: Џабир Дерала со комични тврдења две недели по завршувањето на изборите
Датум и време на објавување: 08.05.2014, 15:56
Датум на рецензирање: 12.05.2014
Рецензент: Владимир Мирчески
ЕТИКЕТИРАЊЕ И СТИГМАТИЗИРАЊЕ НАМЕСТО ИНФОРМИРАЊЕ
Текст кој требалo да биде некакво си исмејување на една личност и нејзиниот ангажман во невладиниот сектор, всушност, е рефлексија на ситуацијата во општеството и поголемиот дел од медиумската сцена. Неразбирливо е како во 21-от век во држава-кандидат за членство во ЕУ така лесно поминуваат содржини во кои јасно и недвосмислено имаме етикетирање и безмалку стигматизирање на луѓе врз основа на нивната национална определба, убедувањата или верувања кон кои се стремат. Еве во овој напис имаме реченици како
„Предводник на оваа организација е Албанецот Џабир Дерала“ или „од заштитник на правата на Албанците и борец за правата на хомосексуалците сега е главна тупаница на најголемата опозициска партија“.
Каква врска има тоа што тој е Албанец или борец за нечии права со активноста пред, за време на и по изборите на неговата организација која, да бидеме искрени, укажа на неколку сериозни недоследности, како и дупки во избирачкиот список? Очигледно за некого имало врска штом тоа го навел како некаков си „background“ за фронталниот напад не само врз споменатиот, туку и врз политиката на опозицијата. Па, оттука продолжуваат „епитетите“ за контроверзност, а не КОНТРАВЕРЗНОСТ (говорете македонски), на човекот, формулациите дека не пласирал факти пред граѓаните, туку „бомби“ кои „ќе им експлодирале в лице на оние кои ги сервираат“ итн.
А, ако тој човек, како што ни се пласира во текстот, кажувал невистини, кој тоа ги побива тие негови манипулации? Нема никој! Нула од извори или соговорници. Се направил обид, би рекле ептен неуспешен, таа огромна дупка да се покрие со неумесни и неиздржани коментари извезени во партиско милје во црвен-црн дезен:
„Откако се изнаслушавме за комични ситуации кои беа прикажувани како огромна неправилност на изборите, а на крајот се сведуваа на заглавени лифтови, обична прошетка на граѓани пред избирачко место и жени кои седат на клупа и читаат весници, денес ЦИВИЛ излезе со нова изјава дека наводно, заканите кон гласачите продолжуваат“;
„Сега овој заштитник на СДСМ очекува луѓето да му веруваат дека со својот автомобил деновиве прошетал низ градовите ширум Македонија и лично се уверил дека на терен се врши некаков притисок“.
Од каде таа професионална храброст некому да му лепиш етикети, а тоа со ништо, барем во текстов, да не го поткрепиш. Но, тука работите не завршуваат. Во финишот написот станува уште поотровен:
„Дерала застана во одбрана на правата на хомосексуалците во земјава, а истовремено важи за главна тупаница на најголемата опозициска партија во изборниот мониторинг“;
„По скандалозните изјави на настапи, денес ЦИВИЛ и Дерала ги поминаа сите граници на разумно и коректно делување и од петни жили се трудат да одработат на сметка на СДСМ, за да го оцрнат изборниот процес. Од друга страна, изборите во Македонија како фер и демократски беа оценети од сите релевантни фактори вклучително и ДИК, ОБСЕ, ОДИХР, САД“.
ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС НИЗ „РОЗОВИ ОЧИЛА“
Ајде, настрана навредите, ако тоа некако е можно, да ги видиме тврдењата дека меѓународниот фактор изборите ги оценил „ептен“ фер и демократски.
„Како и во првиот круг од гласањето, претседателските и предвремените парламентарни избори од 27 април 2014 год. беа ефикасно спроведени, вклучувајќи го и денот на изборите. Ка ндидатите имаа можност непречено да ја водат изборната кампања, а слободите на собирање и здружување беа почитувани. Сепак, кампањата на владејачката партија несоодветно ги разграничуваше партиските од државните активности, спротивно на ставот 5.4 од Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990 год. и стандардите на Советот на Европа“;
„Отсуството на анализа и независно известување во медиумите продолжи во текот на кампањата за вториот круг на претседателските и предвремените парламентарни избори. Мониторингот на медиумите што го спроведе НМИ на ОБСЕ/ОДИХР покажа дека најголем дел од медиумите врз кои се спроведе мониторинг беа во голема мера пристрасни во полза на владејачката партија и нејзиниот претседателски кандидат, а главно негативни кон главната опозициска партија и нејзиниот кандидат. Медиумите често потфрлаа во разграничувањето помеѓу медиумското известување за службените лица во нивно својство на министри и кандидати“ – се вели во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР.
Значи не било сѐ „баш розево“ околу изборниот процес како што ни се пласира во текстов кој, врз основа на овие неколку елементи, јасно покажува пристрасност и едностраност, а за сметка на тоа отсуство на реална и издржана новинарска содржина. Да се разбереме, имаме ангажираност, ама не толку новинарска колку мегафонска што јасно се навестува и во самата насловна конструкција. Едноставно кажано – што да се очекува од напис со таков наслов. И како поинаку освен како назадување да се перцепира напис кој наместо да информира, стигматизира, оцрнува и „лови вештерки“ меѓу неподобните.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар