Рецензија: Џон Аран ни го чисти избирачкиот список со искуства од Kонго и од Замбија

Џон-Аран-ни-го-чисти-Избира-crop-resize

Профилите, портретите, на познати личности, или на личности кои станале медиумски интересни, не се непознати во новинарската пракса, ниту, пак, како новинарски жанр. Но, како и за сите други новинарски форми, и пишувањето профил треба да ги задоволи општите професионални и етички новинарски стандарди, како и посебните кои се однесуваат на овој новинарски формат. Сѐ што излегува од новинарското перо, а не ги задоволува овие стандарди, е нешто друго. Не е високоетично новинарство, зашто, кога се работи за пишување профил, перото треба да биде посебно внимателно, темелно и етички исправно, бидејќи се работи за луѓе, кои, секако, заслужуваат достоинствен однос и респект. Текстот што го рецензираме тука не ги почитува овие стнадарди и од новинарски профил се претворил во нешто друго. Да видиме во што и зошто.

Џон-Аран-ни-го-чисти-ИзбираЛинк до оригиналниот напис: Џон Аран ни го чисти избирачкиот список со искуства од Kонго и од Замбија

Датум и време на објавување: 18.11.2013, 09:16

Датум на рецензирање: 19.11.2013

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Текстот што го рецензираме е вистински, за жал. Фактите и податоците за експертот на ОБСЕ, кој е главниот лик на овој „новинарски профил“ не знаеме дали се вистински, зашто и самата авторка вели дека не пронашла доволно информации за господинот на кој е посветен овој текст.

Извори на информации: Авторката на овој текст пишува дека единствен извор за да се направи овој „профил“ бил интернет зашто од ОБСЕ не ѝ ја дале биографијата на Џон Арен.

И тука веднаш да кажеме: Има едно правило во новинарството кое се нарекува „нема оправдувања“. Тоа правило се однесува на новинарите кои во објавен текст се правдаат пред публиката зашто не ја изработиле новинарскатав задача така како што треба, според стандардите. Публиката чита објавен текст. Неа не ја интересира, ниту има потреба за тоа дали новинарот имал пристап до сите информации, кој му правел проблеми и зошто, освен ако тоа не е до таа мерка видливо дека постоела одредена намера новинарскиот текст да не биде објавен. Кога станува збор за текстот што го рецензираме, има уште еден важен фактор – факторот време. Во случајот на профилот за Џон Арен, ама баше не требало до толку да се брза за да се објави текст со полуинформации, односно со нецелосни информации. Можело истражувањето да продолжи за да се добијат релевантни извори и податоци кои најцелосно ќе го помогнеле правењето на профилот.   

Содржајност: Нема, и не само што нема, туку и елементарниот недостаток на информации не бил доволна причина да се размисли дека можеби треба да се почека додека не се добијат поцелосни и порелевантни информации за да се направи најсоодветен портрет.

Пристрасност: Текстот не успева да ја скрие страста на одбојност кон ликот и делото на експертот на ОБСЕ.

Коментирање: Целиот текст е, всушност, коментар за ликот и делото на портретираниот. Се иронизира зашто бил планинар, зашто искуството го стекнувал во Конго и Замбија, се коментира квалитетот на анализата и понудените насоки на експертот на ОБСЕ во врска со прочистувањето на избирачкиот список во Република Македонија без за тоа да биде консултиран ниту еден независен експерт. Небаре редакцијата има двојно поголема стручност од експертите на ОБСЕ.

Квалитет на насловот: Иронизирањето во насловот треба да посочи на квалитетот на експертот што се портретира, но новинарката и уредништвото доживеале уште едно „предавство на совеста“: а што ако за ситуацијата со избирачкиот список во Македонија единствено споредливи се оние во Конго и Замбија? Бесмислено е да се споредуваат на овој начин земји, но уште побесмислено е да се иронизира во наслов.

Фотографија: Добра фотографија на Џон Арен во акција.

Говор на омраза: Нема, но има многу иронија, сарказам… кои (треба да) предизвикуваат нетрпеливост кон странските експерти.

Заклучок: Што да се заклучи врз основа на приложеното. Еве во што може да се претвори обидот да се направи свовиден професионален профил на експертот на ОБСЕ, Џон Арен. Заради појдовната и нескриена намера да се девалвира неговата биографија и резултати, текстот забегал во памфлет во кој се омалуважуваат способностите на човекот, а најголема замерка му се става на тоа дека бил алпинист (???!!!???) и дека нудел искуства од Конго и Замбија. Нема никакви извори освен интернет, но и тоа е половично завршено.

За жал, ако се има ваква предумисла кога се почнува да се пишува текст, тој завршува како сѐ друго освен како новинарски текст.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција