Рецензија: Диктатура по мера на граѓаните

 

Белорусија е европска земја за која многу малку се пишува и во домашните и во странските медиуми, па и тогаш, како по правило, се третираат теми поврзани со закоравениот недемократски режим на премиерот Лукашенко или се става во контекст со политички настани во кои е инволвиран и нејзиниот голем и далеку помоќен сосед – Русија. Токму затоа, репортажа за секојдневието во Белорусија, пренесено преку перото на македонски новинар, е предизвик. Но, веднаш на почетокот, читателот се судира со насловот кој, освен што е несоодветен, носи во себе и еден непријатен контекст, како новинарот да сугерира дека диктатурата, дефинирана како режим спротивен на волјата на граѓаните, може да биде прифатлива за нив. Токму насловот и го расипува впечатокот на оваа, во целина гледано, мошне читлива, информативна и интересна репортажа. Иако во текстот се насетува, преку прераскажаната случка за Лукашенко и фабриката, дека на централизираната економија од советски тип во Белорусија не и цветаат розите, постои одреден некритички став кон виденото и осознаеното, односно, се потенцираат позитивните страни на белоруското општество, а не се истражуваат и поинаквите. Можеби тоа се должи на кусиот престој во оваа држава, при што, објективно, фокусот полесно се задржува на првичните впечатоци.

Рецензија: Диктатура по мера на граѓанитеЛинк до оригиналниот напис: Диктатура по мера на граѓаните

Датум и време на објавување: 17.03.2014

Датум на рецензирање: 24.03.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

Бидејќи се работи за репортажа од секојдневието на Белорусија, изворите кои ги користи новинарот се во склад со овој жанр – тој се потпира на своите лични видувања, искуства и импресии, а има и повеќе автентични соговорници.

Репортажата содржи повеќе интересни и корисни, а малку познати информации за Белорусија.

Евидентен е одреден степен на воодушевување на новинарот од она што го видел на лице место. Дали тоа се должи на ниските очекувања со кои тргнал во пресрет на темата или на она што го осознал таму, не може сосема да се насети.

Насловот е најслабиот елемент на репортажата. Очигледна е желбата за провокација, но поинвентивен и помалку збунувачки наслов би завршил повеќе работа на тој план.

Авторот на текстот е и автор на фотографиите. Штета што концептот на поставување на фотографии во функција на текстот, кој го има сајтот на медиумот, не овозможува да бидат пласирани онака како што заслужуваат.

Заклучок: Патеписните репортажи се уште еден жанр кој не се негува во македонските медиуми, а претставува вистински магнет за читателите. Кога се работи за патепис од некоја помалку позната дестинација, каква што е Белорусија, предизвикот е уште поголем, па овој напис заслужува да биде прочитан. Поатрактивно испланирани фотографии ќе придонесеа многу за квалитетот на финалниот производ, но тука е пресуден конзервативниот layout на електронското издание на медиумот.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција