Рецензија: Едно лице повредено во сообраќајка кај Карпош

2а-09870000-000998877-crop-resize

„Новинарската фотографија е посебна област во журналистиката. Таа не тежи само кон пренесување на актуелната информација, туку, пред сѐ, да покаже целосна слика на стварноста, при што нејзиното значење се однесува на реалните елементи“ – вели Збигњев Вошчински, теоретичар на медиуми.

Токму во овој сегмент оваа вест не  успева да го постигне основното ниво на професионалност, бидејќи наместо приказ од местото на настанот, ни нуди фотографија не само од друга локација, туку од сосема друга ситуација која за жал е една од најголемите сообраќајни трагедии во последните децении во земјава. Со тоа не само што се дезинформира публиката, туку можеби и се игра со чувствата на оние кои многу загубиле во страотната сообраќајка пред три месеци.

2аЛинк до оригиналниот напис: Едно лице повредено во сообраќајка кај Карпош

Датум и време на објавување: 10.01.2014, 10:16

Датум на рецензирање:  12.01.2014

Рецензент:  Владимир Мирчески

Вистинитост: Ако се анализира само текстуалниот дел од информацијата, тогаш апсолутно нема каков било проблем. Куса, содржајна информација за сообраќајна незгода со еден полесно повреден. Но, кога на текстот ќе му се додаде и приложената фотографија, тогаш доаѓаме до спорниот момент. Се вели дека настанот се случил во Карпош, а понудена ни е полициска лента која е лесно да се лоцира дека е во скопски Центар, кај познатата „Рампа“. Но, уште пострашно е што фотографијата е позајмена од ситуација од пред три месеци која зеде 5 млади животи. Значи, не зборуваме за едноставен фото „копи-пејст“ принцип, кој, за жал, многу информативни портали го користат, особено кога станува збор за употреба на „полициска иконографија“ – возила, ленти, униформи итн., туку за фотографско пресликување на голема врз каде, каде, помала несреќа. Недозволива постапка која не може да се оправда со брзање за да се објави веста. Едноставно, имаме вистинит текст и лажна фотографија.

Извори на информации: Кредибилни. Се користат официјални извори од Министерството за внатрешни работи.

Содржајност: За ваков тип на вест, содржајноста е на солидно ниво. Се добива јасна претстава за големината на сударот, локацијата каде се случил, кој бил инволвиран, колкумина се повредени.

Оригиналност/Плагијат: Текстот не е потпишан, но нивото на користени извори не ја исклучува можноста за авторски производ. Ако, пак, станува збор за преземена агенциска вест, тоа никаде не е наведено.

Квалитет на насловот: Коректен наслов кој во куси црти ја сумира основата на веста.

Фотографија: Доаѓаме до „фабричкиот дефект“ на целата вест. Навистина е неразбирливо да се користи стара, но многу експлоатирана и добро позната фотографија за илустрација на овој текст. Нејасно е како е направен таков сериозен превид, особено имајќи ја во предвид тежината на сообраќајката од пред три месеци и епилогот од неа. Промашување од големи размери. А, еве ја фотографијата која ја бараме.

Заклучок: За значењето на фотографијата за еден текст и како таа може да го збогати многу е пишувано. На пример, Вилсон Хајкс уште пред 60 години во својата книга за фотожурнализмот го има кажано следното:

„Сликата е новото писмо во службата на светот. Зборовите треба да се прочитаат како реченица, пасус, како цел текст. Фотографијата, ако е содржајна, тоа го нуди на прв поглед Вилсон Хајкс пред 60 години во својата книга за фотожурнализам“.

Но, во овој случај фотографијата го има осиромашено квалитетот на веста.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција