Рецензија: ЕКСКЛУЗИВНО: „Од терен се префрлувам на играње Sony“ – Миркуловски вечерва опериран во Австрија
Пример за информација каде што употребата на „ексклузивноста“ е несоодветна и невкусна. Веста „ексклузивно“ ни открива дека познат македонски спортист бил опериран во странство и ќе паузира неколку недели од спортските терени. Колку и да била добронамерна идејата да се информира, секоја вест која се однесува на здравјето, личниот морал и интегритет на луѓето, мора да биде ослободена од сензационализам и ексклузивност во нејзиното презентирање.
Веста понатаму непотребно навлегува во детали како што се имињата на сопругата и малолетната ќерка на ракометарот. За разлика од нивните имиња, изоставено е името на кумот кој се споменува во веста, па нејасно е зошто новинарот отстапил од принципот да ги спомене сите имиња, ако веќе тоа го направил со блиските на повредениот спортист.
Непотребен сензационалистички пристап во вест, која немало да загуби од својата актуелност ако била пласирана и без „ексклузивноста“.
Линк до оригиналниот напис: ЕКСКЛУЗИВНО: „Од терен се префрлувам на играње Sony“ – Миркуловски вечерва опериран во Австрија
Датум и време на објавување: 27.09.2013
Датум на рецензирање: 02.10.2013
Рецензент: Саше Димовски
Вистинитост: Приказната е вистинита, што ја потврдува и субјектот на кого се однесува истата со изјава. Но, зачинета е со детали кои го засенуваат принципот на професионално и непристрасно информирање, ослободено од изнесување на детали од личниот живот и здравјето, на што упатува и Кодексот на новинарите.
Извори на информации: Користени се официјални извори, иако во веста преовладуваат термини „дознава“ и „дознаваме“ што упатува дека се користени и други извори пред да биде обезбедена изјава од лицето на кого се однесува информацијата. Во секој случај, изворите може да се сметаат за релевантни.
Содржајност: За ваков тип на информации има дури и премногу содржина, непотребна, која се однесува на детали на здравјето на спортистот и неговото семејство и кои со ништо не придонесуваат за поголема содржајност на информацијата.
Пристрасност: Се забележува наклонетост кон личноста за која се пишува, а текстот завршува со желба од авторот и медимот за побрзо закрепнување на новинарот.
Квалитет на насловот: Проблематичен, сензационален, кој „екслузивно“ ќе собира лајкови и читања на детали од здравствена состојба, која и по закон е тајна и изнесувањето на детали не е етички.
Заклучок: Веста ќе го имала истиот ефект и доколку била пласирана како информативна содржина, без вметнување на „дознаваме“ и „ексклузивно“. На новинарот право и обврска му е токму дознавањето на информации, официјални или неофицијални, но при пренесувањето, дознавањето мора да се изгуби и да се пласира како факт. На читателот воопшто не треба да му биде важно што дознал одреден новинар или медиум, туку што од тоа што е дознато, ќе биде проверено, точно и објективно сработено и ќе биде објавено. Секако, и стриктно придржување до Кодексот на новинарите, кој го утврдува начинот на известување кога се во прашање елементарни несреќи, судски постапки, права на пациенти, нивното здравје, лична болка и жал, кој дефинира информирање без сензационалистички пристап.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар