Рецензија: Експерти: Пораките на Заев до Тачи се најсериозен удар за неговиот кредибилитет

www_kurir_mk_makedonija_vesti_151858-Eksperti-Porakite-na-Zaev-do-Taci-se-najseriozen-udar-crop-resize

Станува збор за еден од оние текстови кога се земаат еден или двајца соговорници, кои обично се секогаш истите или слични, и кои имаат став ама баш за сѐ. Притоа, таквиот текст „се продава“ како генерален став на експертите или аналитичарите, со што се прави главната манипулација, зашто ниту е објективен ниту непристрасен, ниту е избалансиран. Дополнително се меша коментарот на новинарот со ставот на соговорникот и сето тоа се зачинува со сугестивна фотографија која има дискредитирачки тон за субјектот кому му е посветен текстот.

www_kurir_mk_makedonija_vesti_151858-Eksperti-Porakite-na-Zaev-do-Taci-se-najseriozen-udarЛинк до оригиналниот напис: Експерти: Пораките на Заев до Тачи се најсериозен удар за неговиот кредибилитет

Датум и време на објавување: 21.03.2014, 14:43

Датум на рецензирање: 24.03.2014

Рецензент: Теофил Блажевски

 

ОД КОГА ДВАЈЦА ЕКСПЕРТИ СЕ СИТЕ ЕКСПЕРТИ

Текстот што е предмет на рецензија има проблем со вистинитоста во смисла на генерализирње на нештата. Само во насловот и единствено таму, е употребена форма на зборот како што одговара на вистинита: „Експерти: Пораките на Тачи до Заев се најсериозниот удар за неговиот кредибилитет“. Секаде надолу се употребени генерализирачки форми какви што се „аналитичарите“, „експертите“, итн., со што може да се предизвика лажен впечаток дека таквите ставови се генерални и заеднички за севкупната експертска јавност во земјата:

„ Аналитичарите коментираат дека најскандалозен е самиот однос на лидер на една политичка партија кој преку понизни и додворувачки пораки сака да воспостави релација со друга помала политичка партија, а сѐ поради остварување на некаков партиски бенефит“.

Новинарот, воден од професионалните стандарди, мора јасно да направи дистинкција кога пишува сопствен став, а кога пренесува мислење на други лица. Во овој случај не е постапено така. Па така, се доаѓа до ситуација кога читателот може само да погодува дали пасусите што ги чита се коментар на новинарот, дали се пренесени мислења на аналитичарот или експертот што го наведува во текстот:

„Тоа говори и за начинот на однесување и менталниот склоп на Заев кој вака ако се однесува за да оствари ситен политички бенефит, како ли ќе се однесува доколку дојде во можност да одлучува за клучни државни прашања, како што е прашањето за името, области каде се задира во националните и државни интереси“.

За да се постигне јасна дистинкција меѓу новинарското гледиште и пренесениот став на некое трето лице, новинарот е должен или тоа јасно да го одвои во рамка со атрибуција кон третото лице што му го кажува ставот или целиот став да го стави во цитат или пак, во секој одделен пасус, доколку парафразира или прераскажува туѓ став, да стави додавка од типот – „сметаат експертите што ги прашавме“ или „вели тој“, итн.

Коментирање кое многу наликува на новинарско во посочениот текст, а не е јасно посочено, се сретнува и на друго место. Тоа е одвоено ама нетипично – со меѓунаслов, иако станува збор за само само една реченица, па така не може да се разбере дали коментарот е издвоен од фактите.

„Изјавата на Тачи и обеледенувањето на скандалот покажа дека темите како недостаток на слобода, демократија или диктатура се само за фиктивна партиска преписка и дека зад целата игра се крие борба за освојување на власта“.

 

НЕСОДРЖАЈНОСТ И ПРИСТРАСНОСТ

Текстот изобилува и со несодржајност и со пристрасност. Тоа произлегува од фактот што за анализата се користени два извора – поранешен министер и партиски функционер или член на повисоки партиски тела на повеќе партии и универзитетска професорка. Но, бројката не е проблем – имало два извора, проблем е што изворите се еднострани. Имено и двајцата наведени експерти се познати во јавноста како дежурни бранители на едната страна – провладината, т.е. пропартиска на владејачката партија, така што новинарот или уредништвото, доколку сакале да постигнат објективност и балансираност, ќе се потруделе да побараат и други ставови.

Во однос на оригиналноста или плагијатот не можеме да зборуваме прецизно зашто текстот не е потпишан, а е пренесен во повеќе медиуми, како што тоа е случај многу често кога ставот што оди во прилог на владата или владејачката партија треба да биде широко пренесен. Насловот е соодветен на напишаното и е прецизен, т.е. нема манипулација преку него. Но, затоа, пак, фотографијата што го придружува, која е всушност фотомонтажа од две прилепени фотографии, е јасно манипулативна и насочена кон чувствата на читателот. Имено, едниот политичар (Тачи), е цинично насмеан, а другиот (Заев), е прикажан како несериозен политичар кој се плази со јазикот или во најдобар случај го подгризнал поради објавените материјали од првиот.

Нема сомневање дека анализирајќи ги главните методолошки елементи, според кои се оценува професионалноста при изработка на еден текст и споредувајќи го тоа со стандардите и со етичките правила во Кодексот на ЗНМ, текстот што го рецензиравме отстапува од добрите практики во новинарството.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција