Рецензија: Експерти – Заев го изгуби кредибилитетот

 

2-09876-0098009-crop-resize

 

Кога „експертите“ се, всушност, еднина – само еден „експерт“, кога тој „експерт“ е крајно пристрасен, кога се забележува огромна дупка во изворите на информации, кога се употребуваат цврсти формулации небаре се новинарски најиздржани, кога на исклучително сериозна тема ѝ се пристапува крајно површно, e, тогаш имаме ваков некредибилен текст.

2Линк до оригиналниот напис: Експерти – Заев го изгуби кредибилитетот

Датум и време на објавување: 01.02.2015, 18:53

Датум на рецензирање: 05.02.2015

Рецензент: Владимир Мирчески

 

ЕДНИНА VS. МНОЖИНА

Ќе почнеме со појаснување:

(едн.) еднината

Вид збор: Именка, женски род

Граматичка форма на зборот за означување единечност наспрема множество

Англиски: singular

Употреба: Граматика

Слично со: сингулар (м.)
Спротивно од: множина (ж.)

 

Оттука, ако во еден напис се зборува за експерти, очекуваме експерти, и тоа јасно именувани, а не само еден експерт. Кога почна толку лесно да се меша границата меѓу еднина и множина во новинарските текстови? Не верувам дека е случаен превид, туку едноставно намерно изоставување на еден од клучните елементи – „балансираност“. Ако веќе се одело на еден ваков „експерт“, тогаш можело барем да се обезбеди и мислење на друг експерт, кој со своите ставови, би контрирал на првиот. Со тоа би ѝ се овозможило на публиката посуштински преглед на ситуацијата и на нејзината сложеност. Но, во овој случај тоа го нема.

Ајде сега за стручноста и за објективноста на конкретниот консултиран „експерт“. Освен тоа што се појавува безмалку на секој медиум, чија уредувачка политика, ете, така, случајно, конвергира со онаа на владејачката партија, тој во своите настапи за секое прашање се прикажува како „поголем католик од папата“, ревносно бранејќи ги боите на власта. Ова не би требало да изненадува, имајќи го предвид неговиот минат политички труд, по што тој, како што објавија некои медиуми во минатото, се обидел во други професионални води. Толку за објективноста на „експертот“, а со тоа и на самиот производ.

 

ПО „ДИФОЛТ“ АНОНИМНИ „ЕКСПЕРТИ“ ИЛИ СУФЛЕРИ ОД ВЛАСТА?!

Сериозната фабричка грешка на текстот само се дополнува со натамошното цитирање на некакви дополнителни „експерти и познавачи на политиката во Македонија“, кои како по правило во вакви написи се секако анонимни и секако се максимално критично настроени кон кој било потег не само на опозицијата, туку на кој било поединец или организација кои не мислат исто како и Владата. Не може, барем не во сериозен новинарски текст, главните тези за напад врз дејствувањето на лидерот на опозицијата да бидат покриени со непознати извори. Како публиката да верува дека тоа навистина е така, а не дека, на пример, овие анонимни експерти можеби не се суфлери од власта?! Дополнителен проблем е што би рекле, квази-информациите, се пласирани на начин кој не може да се нарече новинарско-информативен, туку апологетско-сервилен кон власта. Има само „клетви и анатеми“ за опозицијата и ништо друго за реалната состојба, за политичките односи по објавувањето на случајот „Пуч“, за однесувањето на меѓународната заедница, за евентуалните последици… Тоа, пак, од друга страна, целосно го разголува отсуството на новинарски ангажман, а би рекол и интерес, да ѝ се понуди на јавноста нешто повеќе од „менито“ на владејачката гарнитура. Оттука, би било премногу оптимистички да се очекува некаква квалитетна содржина во ова четиво во кое единствено нешто што можеби заслужува оценка „одличен“, секако во негативна смисла, е пристрасноста и необјективноста:

„Според експертите, на странските разузнавачки служби не им било тешко да ја одберат личноста преку која ќе ги дознаваат информациите. Неговите реакции, изјави, политиката која ја спроведувал, одавале дека е лесен плен за нив и тоа поради неколку причини, – лицето кое јасно изјави дека Македонија треба да ја свитка кичмата, како и дека станува збор за корумпиран политичар, аболициран од неговиот претходник Црвенковски, коментираат познавачите на политиката во Македонија.“

„Дали Заев го изгубил кредибилитетот“ – како што ни се сугерира во насловот, ќе им оставам на покомпетентни да одговорат, ама би рекол дека овој текст со сигурност нема кредибилитет за да се нарече квалитетно новинарски.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција