Рецензија: Експертите бараат Заев да биде суден за велепредавство
Рецензираме текст во кој целосно затаиле стандардите на етички исправното новинарство. Во овој спинерски производ, мислата на еден аналитичар е издигната на ниво на гледиште на целата експертската јавност, што е навистина претенциозно. Написот прозвучува како да навива за тоа претседателот на СДСМ, Зоран Заев, што поскоро да биде осуден и тоа за велепредавство!
Линк до оригиналниот напис: Експертите бараат Заев да биде суден за велепредавство
Датум и време на објавување: 01.02.2015; 13:37
Датум на рецензирање: 02.02.2015
Рецензент: Оливера Војновска
КАКО ШТО ЌЕ КАЖЕ ПРЕМИЕРОТ!
Станува збор за исклучително тенденциозен и пристрасен текст, ставен во функција на политичка пресметка со лидерот на опозицијата. Паѓа в очи тоа што обраќањето на премиерот (31 јануари 2015 година), во кое тој соопшти дека Заев „му се заканувал со снимени компромитирачки телефонски разговори на највисоките државни функционери, добиени од странска разузнавачка служба и го уценувал за формирање техничка влада“, добива тежина на неприкосновена вистина.
Практично, наводите искажани во јавниот настап на премиерот се третираат како непобитен факт, па, имајќи таков пристап, целиот напис е интониран како да е веќе докажано дека Заев, односно лицата опфатени со полициската акција „Пуч“, се виновни за „шпионажа и за насилно уривање на уставниот поредок“. Иако тие во моментот се само осомничени и допрва ќе следи судски процес.
„ЛИНЧ ЗА ЗАЕВ“!
Видливо е дека во текстот воопшто не ни била планирана втората страна на приказната. Тој е правен во стилот „да се линчува Заев“! Затоа и се користи само едно единствено експетско мислење – на професорката по уставно право и политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Тања Каракамишева-Јовановска . А, таа оценува дека кривичната пријава што ја поднесе МВР против лидерот на СДСМ, за „насилство спрема претставници на највисоки државни органи“, треба да се прошири и за уште едно казниво дело – велепредавство ( член 305 од Кривичниот законик, стр, 130). Оваа поента потоа се извелкува во манипулативниот наслов како барање на стручната јавност!
Но, наспроти тоа што професорката во изјавата вели дека:
„Ова дело е засилено и дополнително поткрепено со уште многу факти и информации кои во последниве девет месеци, посебно по завршувањето на предвремените парламентарни и претседателските избори, во континуитет беа изнесувани во јавноста од страна на опозицијата“,
сепак, во текстот не може да се прочитаат докази за вакво тешко обвинување.
Во најмала рака, прозвучува несериозно, дури смешно, како доказ за велепредавство, на пример, да се посочи „непризнавањето на изборните резултати од страна на опозицијата “, или „неучеството во работата на Собранието“. Па, затоа, и заклучокот на овој наменски скроен производ изгледа исфорсирано:
„…овие и вакви преседани во македонската политика мора да бидат навремено пресретнати и соодветно казнети со цел истите да не добијат сила да станат политичко секојдневие и политичка пракса, опасно за сите.“
Дополнително, експертот врз основа на чиј став е конструиран целиот напис, јавноста не го доживува како независен. Напротив, професорката е постојано присутна во медиумите (наклонети на власта) со нагласена поддршка за владините проекти и критички настроена кон потезите на опозицијата.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар