Рецензија: ЕУРМ етаблиран универзитет со познат и светски признат квалитет

На неодамна одржаниот Саем за образование и кариера се претстави и Европскиот универзитет, кој според скопски Вечер е практично образовната институција која зазема централно место.

Другите, општи информации за другите учесници на Саемот и за посетителите се дадени во рамка на споменатиот наслов, а во рамката има место само за министерот за образование, директорката на Саемот и еден гостин – Индиец, со што се исцрпува листата на учесници. Јасно, таму беа присутни две дузини високообразовни институции, кои не беа ниту споменати.

Очевидно Вечер си дозволи да го премолчи нивното присуство за Европскиот Универзитет „да нема конкуренција“.

Премолчувањето е веќе еден вид дискриминација која ја прави медиумот, за што можете да прочитате нешто повеќе во текстот на проф. Мирјана Најческа.

Рецензија: ЕУРМ етаблиран универзитет со познат и светски признат квалитет Линк до оригиналниот напис: ЕУРМ етаблиран универзитет со познат и светски признат квалитет

Датум и време на објавување: 11.04.2013

Датум на рецензирање: 16.04.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост на факти: Европскиот универзитет е во тешка криза. За тоа пишуваа многу медиуми по реакција на професорите и асистентите, 27 на број. Меѓу нив е и телевизијата Телма која во веста, меѓу другото нагласи:

„Оставки поднесоа 27 професори и асистенти на Европскиот универзитет. Главна причина се неисплатените плати. Проблемите започнале уште пред две – три години, кога нивните плати во износ од 50 до 60 илјади денари, биле преполовени. Сопственикот на Универзитетот, Бојо Андревски, им понудил да им ги дава платите во готово, а тоа и го направил со последните две плати. Ги информирал членовите на колегиумот дека сметките на Универзитетот се блокирани и дека не може да им дава плата до јуни“.

Ова јасно укажува дека Универзитет со такви проблеми не може да биде привлечна цел за идните студенти, но Вечер, очевидно, настојува да создаде сосема спротивна слика.

Извори на информации: Текстот се потпира, во подолгата содржина, само на изјавата на деканот на Правниот факултет проф. д-р Живко Андревски. Нема други професори или други фактори кои влијаат на квалитетот на понудата. Најголем дел од нив, како што е споменато, се сега надвор од ЕУРМ!

Содржајност: Веста ја прикрива фактичката ситуација на Универзитетот, односно кадровската дупка, која знаеме дека лесно не се пополнува, како и големите финансиски проблеми кои очевидно го мачат Универзитетот, чиј сопственик ги скусува платите на наставниот кадар на непристојно ниво и ги исплатува со задоцнување, а кога ги исплатува го прави тоа во кеш, како што е наведено во бројни новински извештаи.

Пристрасност: Вечер е практично весник на сопственикот на ЕУРМ, односно на неговото семејство и тој во овој случај делува како класична пропагандна алатка која не се осврнува на вистината и буквално ги тера идните студенти да поверуваат во перспективата на Универзитет кој имаше блокирана сметка и остана без научен кадар.

Плагијат: Иако текстот е доста голем, авторот се потпишал само со иницијали (Д.Т.).

Квалитет на насловот: Насловот е класична пропаганда и во најтешките моменти на Универзитетот говори за него како за установа со „светски признат квалитет“.

Фотографија: Текстот има само една фотографија, со само едно лице, задолжено да дели летоци. Како сите други присутни од Универзитетот, кои евентуално биле таму, да не сакале со своето позирање да дадат тежина на настанот или да ја поткрепат пропагандата на сопственикот на Универзитетот.

Заклучок: Универзитетот на популарниот пријател на власта „газда Бојо“, познат по тоа што на многу клучни кадри на владејачката гарнитура им ги пополни образовните дупки во биографиите, покажува дека сопственоста над медиумите (до лани имаше и телевизија) ја сфаќа само како најбезобѕирна себепропаганда.

Рецензија: ЕУРМ етаблиран универзитет со познат и светски признат квалитет

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција