Рецензија: Еве како живеат СДСМ-овските кадри со Жерновски во Центар – сметки по кафеани и службени возила и боемство до бесвест
Кој сместил сметка од кафеана стара една година и тешка „дури“ 250 евра на агенда една година подоцна и зошто? Иако сметката се користи како наводен доказ за расипништво со општинската каса, сепак доказот е лабав, од причина што не е соопштен поводот за кафеанскиот ручек, не е соопштено дали се тоа средства наменети за репрезентации (какви што има секоја општина во своите ставки). Читателот не може да биде сигурен дека парите се злоупотребени како што обвинува непотпишаниот автор, особено ако се земе предвид и контекстот во кој се објавува оваа информација – без докази и една година подоцна.
Линк до оригиналниот напис: Еве како живеат СДСМ-овските кадри со Жерновски во Центар – сметки по кафеани и службени возила и боемство до бесвест.
Датум и време на објавување: 11.10.2014
Датум на рецензирање: 20.10.2014
Рецензент: Мирослава Бурнс
Текстот нѐ уверува во вистинитоста на обвиненијата во него, од причина што не можеме да ја утврдиме веродостојноста на сметката и, уште поважно, никаде не е приложен доказ дека таа навистина е платена од општински пари. Уште поважно, текстот не го обезбедува поводот за ручекот што е платен, ниту кои се гостите. На читателите останува да проценат дали ручек кој чини 250 евра за група е „расипништво“ како што се обидува да увери писателот.
Веднаш по ова тврдење, следува спинот, односно се изнесуваат тврдења кои не се поткрепени со докази. За нив нема извори, туку се користи досега невидена формулација „кажувањата кои дојдоа до нас отвораат основ на сомнеж“. Новинарот кога ќе чуе некакви „кажувања“, има работа да ги докаже пред да ги објави.
„Ова е само една сметка, но кажувањата кој дојдоа до нас отвораат основ на сомнеж дека постојано Жерновски и луѓето на СДСМ се на службени ручеци и забави по рестораните и кафеаните во Дебар Мало во Скопје и најголемиот дел се наплатуваат со потписи на вработените кои се прокнижуваат за наплата во општината.“
Понатаму, се прави обид да се скандализира ручекот, односно да се претстави како „забава“. Особено зачудува критериумот за расипништво, ако се земе предвид дека пред неколку години Агенцијата за електронски комуникации потроши 21.500 евра за четиричасовна забава во Скопје. Сепак, според критериумот, „скапи боемски забави“ се оние на кои учествуваат „сдсмовци“ и кои се плаќаат од народни пари, за што не се нуди доказ.
„Дека луѓето од СДСМ и Жерновски си прават скапи боемски забави на сметка на граѓаните покажуваат седумнаесетте лозови ракии кои може да се видат од сметката, како и наливните вина, четирите порции овчо сирење, вкупно дваесет и двете салата специјалитети и месото кое било конзумирано.“
Изворот на информација е кафеанската сметка. Со изнесеното се инволвираат и личности кои не се прашани за коментар како што би требало да се направи во согласност со професионалните стандарди. Класично се спинува, на начин што се зема еден пример за наводен тренд. Основата на ова се коментари и претпоставки на оној што пишува.
Резултатот на сево ова е политичка пристрасност.
„На 30 април минатата година Андреј Жерновски излезе и се пожали во јавноста со реченицата “Најбогатата општина во Скопје, општина Центар е со празна каса.” Но, по се изгледа дека Жерновски не ја говорел вистината, а пари има, но дали тие наместо на проекти се трошат на скапи забави, ручеци и боемства?“
Од горенаведеното не се докажува дека општината е со полна каса. Но, затоа има коментар и субјективно толкување на оној што пишува.
Насловот е исклучително пристрасен, неаргументиран и остава впечаток дека тежнее да дискредитира партија.
Спинувањето се забележува и негативно придонесува кон довербата на јавноста. Тоа е неодговорно и непрофесионално одвлекување на вниманието од важните кон неважните работи. Но, во случајов, тоа не е единствената забелешка. Повеќе од тоа, интересно е да се стави до знаење дека доказите врз кои треба да се базира приказната се лабави и не покажуваат расипништво или каква било незаконитост од причина што не е посочен поводот за нивното трошење ниту, пак, е докажано дека не се работи за средства што се наменети за репрезентација (какви што има секоја општина). Сето тоа се поврзува со образованието во општината и јасно е дека станува збор за селективно одбрана општина каде градоначалникот е од опозицијата за која се пишува за да се алудира на лошо владеење на опозицијата, а не да се прикаже како функционираат општините во целост и како се празни нивната каса.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар