Рецензија: Фантастично: Македонската компанија “Леов” го произведе првиот “смарт” бојлер во светот

Фантастично  Македонската компанија  Леов  го произведе првиот  смарт  бојлер во светот-crop-resize

Ќе беше одлично, како и голем извор на национална гордост новиот бојлер на македонската компанија „Леов“ да беше навистина првиот во светот управуван на далечина преку мобилен телефон. Но, за жал, не е. Идејата за управување на домаќинските апарати е многу стара и беше спроведена во дело уште пред појавата на Интернетот преку далечинското управување со телевизорите, кое постои со децении, како и она за еркондишните. За далечинското управување на другите апарати во домаќинството во ерата на мобилните телефони почна сериозно да се расправа со појавата на ваквите уреди, кои содржеа BLUETOOTH, за ова да почне да се шири надвор од специјалистичките кругови придонесе со појавата на смартфоните и фактот што тие се постојано поврзани на интернет.

Фантастично  Македонската компанија  Леов  го произведе првиот  смарт  бојлер во светотЛинк до оригиналниот напис: Фантастично: Македонската компанија “Леов” го произведе првиот “смарт” бојлер во светот

Датум и време на објавување: 25.06.2014, 13:23

Датум на рецензирање: 26.06.2014

Рецензент: Владимир Петрески

Вистинитоста на тврдењето дека станува збор за прв бојлер во светот, кој ќе биде управуван од мобилен телефон е најголем проблем во овој напис. Тоа тврдење не е точно. Еве, во овој напис, на пример, кој е од пред две години, се говори за новиот хибриден економичен бојлер на „Џенерал Електрик (ГЕ)“, кој може да се приклучи на мобилен телефон и да биде управуван на далечина. Веќе во 2012, овој бојлер, заедно со системот на далечинско управување преку мобилен телефон, бил достапен во преку 100 продавници во САД во сопственост на малопродажниот синџир „Сирс“. Со оглед на тоа што станува збор за хибриден бојлер, кој водата не ја загрева само со трошење струја, туку и со собирање на топлина од околниот воздух, ГЕ вели дека заштедите се 62 отсто во однос на обичен бојлер (нашиот на „Леов“ заштедува 40 отсто струја).

Покрај ова, ГЕ има програма за далечинско управување на сите домаќински апарати, а не само на бојлер, како што е објаснето овде. Исто така, ова не е систем кој можат да го воведат само производствени џинови како ГЕ, туку далечинското управување со бојлери и други домаќински апарати го нудат и далеку помали компании ширум светот, како што покажуваат примерите овде, овде и овде и тоа на најразлични начини.

Написот како извор на информации ја има земено презентацијата на компанијата во Стопанската комора, но не е јасно од каде е констатацијата дека се работи за прв ваков бојлер на светот. Во зборовите на сопственикот на компанијата, Златко Леов, нема такво нешто и тој, барем според цитираните изјави, такво нешто не кажува. Од ова може да се заклучи дека станува збор за „новинарска слобода“. Но, ако „уметничката слобода“ навистина постои и ако уметниците имаат можност да ја искривуваат реалноста или да измислуваат нова реалност за да ја раскажат својата приказна, тоа во новинарството не се прави.

Иако написот ги задоволува основните стандарди во однос на минимум содржајноста, ќе беше добро барем да дознаевме за кои оперативни системи е направена апликацијата – оној на Епл, оној на Гугл или двата. Исто така, не ќе беше лошо да имаше барем една резерва во однос на реалните можности за масовна употреба на овој бојлер. Во горниот линкуван напис менаџерот за развој на пазарите на ГЕ, Џон Десмараис, искажува отворено сомневање во однос на тоа дали потрошувачите ќе се затрчаат да ја менуваат температурата на својот бојлер преку мобилен, истакнувајќи дека најголем дел од нив воопшто не знаат како да ја наместат температурата на бојлерот на економичните 48 степени Целзиусови на вообичаениот начин.

Да, написот има пристрасност и тоа и национална (инаку не би се напишало дека станува збор за прв ваков бојлер во светот без да се провери), но и комерцијална во однос на конкретната компанија од истите причини. Да се има национална гордост е добро, но не по цена на вистината. Ако се жртвува вистината на олтарот на националната гордост, нема да помине долго пред читателите да почнат да се прашуваат во кои и во колку други написи во таквиот медиум се спроведува оваа пракса и тоа го нарушува кредибилитетот.

Написот е преземен од друг портал, што е јасно наведено, најверојатно преку договор за такво нешто меѓу новинарската организација која го напишала и порталот кој го објавил.

Вистината над сѐ и пред сѐ. Тоа е главното и основното новинарско мото. Кога ќе се соочиме со било какво тврдење, кај новинарот секогаш треба да проработи критичкиот инстинкт без оглед за што станува збор. И тоа особено во ваков случај каде вистината може да се открие со 5-10 минути пребарување на интернет.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција