Рецензија: Филе директно побара од земјите-членки на ЕУ да дадат насока за европската иднина на Македонија
Пред нас имаме новинарски прилог кој во оваа прилика, поради вистината и одговорноста што ја имаме пред јавноста, мораме негативно да го рецензираме.
Се работи за намерно и свесно изоставување на најважниот дел од обраќањето на еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, во кој и до граѓаните и до раководството на земјава упатува јасна и недвосмислена порака:
…„Загрижен сум за политичката ситуација во Македонија и тензиите меѓу Владата и опозицијата, како и за немање резултат за прашањето за името“…
Оваа негова порака е премолчена.
Линк до оригиналниот напис: Филе директно побара од земјите-членки на ЕУ да дадат насока за европската иднина на Македонија
Датум и време на објавување: 03.12.2013 19:00
Датум на рецензирање: 05.12.2013
Рецензент: Александар Писарев
Вистинитост: Еден од основните принципи на однесувањето на новинарите при пишување извештаи е вистината. Во овој новински извештај таа е прикриена.
Извори на информации: Конференција Пријателите на Европа „Западен Балкан-Брза и бавна линија“.
Содржајност: Во извештајот од конференцијата е направена недозволива селекција на деловите од излагањето на еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, со цел од овој собир да се пренесат преку медиумот само добрите вести, а да се премолчат или да им се смени контекстот на оние пораки што можат негативно да влијаат на популарноста на актуелната власт. Премолчена е важна порака на еврокиомесарот:
„Перспективата за самитот во декември, но и за подоцна, и понатаму е темна, јас сум загрижен за домашната политичката ситуација во ПЈР Македонија и тензиите меѓу Владата и опозицијата, како и од тоа што нема опипливи резултати за прашањето за името“…
Медиумот во својот извештај од оваа средба имал друга „диоптрија“ и го пренел ова:
„Штефан Филе директно побара од земјите членки на ЕУ да дадат насока за европската иднина на Македонија“…
Точно е дека Филе го кажал и тоа. Но, за комплетна и коректно пренесена информација од оваа средба, медиумот морал да ги пренесе двете пораки за извештајот да биде соджаен.
Пристрасност: Медиумот ја прикрива вистината.
…„Шефот на македонската дипломатија вели дека доколку земјите членки дадат насоки и доколку Македонија ги отпочне преговорите, тоа ќе биде придобивка за сите“…
Типичен пример на пракса да се спинуваат и прикриваат информации.
Оригиналност/Плагијат: Прилогот е оригинален авторски текст со потпис на новинарот.
Квалитет на насловот: Насловот е предолг и некреативен.
Заклучок: Одговорност и задача на медиумите е, меѓу другото, да ги натераат политичарите да се соочат со сопствените измами и да ја разберат одговорноста која ја имаат пред граѓаните. Примерите, каков што е овој, покажуваат дека медиумот ги следи политичарите кои би сакале тие да бидат трансмитери само на добрите вести, да ги премолчуваат нивните грешки и на тој начин да им ја сочуваат популарноста. Односно, да ја следат нивната логика дека она што не е објавено практично и не постои. Така се избегнува реакција или паника кај граѓаните, а политичарите се амнестирани од одговорноста.
Во овој случај медиумот влегува во „замаглување“ на вистината за да ја „покрие“ одговорноста на политичарите, верувајќи дека проблемот ќе се реши сам од себе. Затоа ја акцентира изјавата на министерот за надворешни работи:
„Заедничка придобивка е да успееме преговорите да се одвиваат на некој логичен начин, да имаме согласност од сите земји членки, тоа би помогнало многу, доколку добиеме поддршка од сите земји членки“…
Од оваа изјава се добива впечаток дека „преговорите ќе се одвиваат на некој логичен начин“ што е дијаметрално спротивно од изјавата на Штефан Филе: „Перспективата за самитото во декември, но и за подоцна, и понатаму е темна“…
Политичката елита со прикривањето на вистината ја покажува својата моќ. Во демократијата народот би требало повеќе да знае за случувањата во општеството, но тоа не зависи само од политичарите, туку, пред сѐ, од медиумите и нивната слобода и од цивилниот сектор. Ако цивилниот сектор и медиумите се силни, работите не можат да се скријат. Медиумите, сепак, најпрвин мора да ги почитуваат домашните и меѓународните стандарди при известувањето.
Во написот се забележува непридржување до основните принципи на Кодексот на новинарите на Македонија член 1.
Член 1.
„Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци“…
Не е испочитуван ни кодексот на Меѓународната федерација на новинарите член 2.
Член 2.
Новинарот ќе почитува независно и правично информирање со целосни прикази, без занемарување на значајни факти и ќе настојува да избегне секаква пристрасност“…
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар