Рецензија: Фото: Али Ахмети е Србин?

Пулс-24-Фото-Али-Ахмети-е-Србин-2013-11-04-18-32-07-crop-resize

Во воведот на оваа рецензија ви ја пренесуваме целата вест што ја рецензираме тука. Таа има вкупно три реченици, од кои две се во прашална форма:

Дали е ова монтажа или реалност?

(Фотографија)

Најдовме фотографија од познатиот политичар од Македонија од албанските редови, за која се запрашавме дали е ова монтажа или навистина познатиот политичар Ахмети имал бурно минато, како што може да се забележи и од фотографијата.

Што мислите вие што се крие позади фотографијава?

Главната „јадица„ на оваа новинарска „вест“ е, всушност, фотографијата од копија од наводната патна исправа или лична карта, сеедно, што му била издадена на Али Ахмети со име Александар Антиќ. Фотографијата и „досието Ибар“ каде што беше објавена, во 2010 година беа лиферувани во јавноста и во медиумите преку една вонпарламентарната политичка партија „Албански сојуз“. Набргу по објавувањето на ова „досие“ со кое се тврдеше дека политичарот Али Ахмети, лидер на ДУИ, бил агент на југословенската тајна служба (УДБА), Комисијата за верификација на фактите, односно за лустрација, се произнесе дека ова досие не е веродостојно. Приказната „Ахмети ака Антиќ“ со тоа заврши, а партијата „Албански сојуз“ исчезна од политичката сцена.

Токму поради овој епилог на политичката епизода „Ахмети ака Антиќ“, занимлииво е зошто таа се репризира токму сега. Но, да видиме.

Пулс-24---Фото--Али-Ахмети-е-Србин--2013-11-04-18-32-07Линк до оригиналниот напис: Фото: Али Ахмети е Србин?

Датум и време на објавување: 01.11.2013, 06:30

Датум на рецензирање: 04.11.2013

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Во воведот на оваа рецензија објаснивме од каде е оваа фотографија и каков бил епилогот на наводното досие „Ибар“ со кое се тврдеше дека Али Ахмети бил кодош на УДБА, југословенската тајна служба. Повеќе медиуми на 9 и 10 ноември 2010 година објавија дека Комисијата за верификација на фактите ги прогласи тое досиеја за неверодостојни. Еве како агенцијата МИА ја пренесе одлуката на комисијата што ја пренесоа повеќе медиуми:

„По добиените сознанија за извршената проверка, по споредувањето со други досиеја формирани во тоа време од истите служби може да се констатира дека истите не се релевантни за Комисијата да може да постапува, изјави претседателот на Комисијата Томе Аџиев. И ова досие како и претходните, како што рече Аџиев, не ги исполнува стандардите на едно досие. До Комисијата стигнале одговорите на барањето за проверка дали такво досие постои во архивите на безбедносните служби и Државниот архив, и сите биле негативни. Ваква постапка била спроведена и за претходните досиеја „Мама“ и „Вујко“, кои беа прогласени за неверодостојни.“

Оттаму, заклучуваме дека оваа фото вест не е вистинита.

Извори на информации: Нема.

Содржајност: Не е можна, зашто ако било направено елементарно пребарување на интернет веднаш ќе станело јасно дека оваа приказна и фотографија се бајати и дека не се веродостојни. Но тоа не е направено зашто тогаш не ќе ги имаше двете клучни прашални реченици: „Дали е ова монтажа или реалност?“, одговорот е „Монтажа“ – и второто прашање „Што мислите вие што се крие позади фотографијава?“. Одговорот не ова второто прашање, интересно, може да биде многу различно. Толку различно колку што ќе има читатели оваа „новинарска“ содржина. Зашто позади фотографијата на наводната лична карта/пасош на Ахмети што рецензентот на овој текст го чита на својот компјутер е чинијата со грозје што го освежува нејзиниот автор додека пишува. Точното правописно прашање треба да гласи: „Што крие фотографијата?“

Коментирање: Авторот на овој антологиски новинарски текст коментира дека „… познатиот политичар Ахмети имал бурно минато, како што може да се забележи и од фотографијата.Рецензентот на овој „новинарски текст“ многу се трудеше да го види „бурното минато“ на политичарот од фотографијата, но тоа никако не му успеа.

Оригиналност/Плагијат: Уште еден многу, многу „оригинален“ текст.

Квалитет на насловот: Сензационален, иако мириса на мувла зашто рековме дека оваа приказна е стара и дека епилог, кој барем засега, никој не го демантираше: досието „Ибар“ за Али Ахмети од каде е изведен насловот, не е веродостојно. Тоа значи насловот не е веродостоен и наведува на погрешен заклучок. Иако има прашалник.

Фотографија: Фотографијата е соодветно пронајдена на интернет, или од досието кое лустраторите го прогласија за неверодостојно. Се разбира, медиумот не открива од каде. Само вели: „Најдовме фотографија…“ Инаку, ова е само уште еден прилог во новиот жанр во македонското новинарство со наслови кои почнуваат со „Фото: … “. Тоа не е нелегитимна новинарска форма, но, сепак, си има свои правила зашто не секоја фотографија и не секој текст имаат медиумска вредност.

 

Заклучок: Кога некој медиум одлучува да објави некоја вест, ако ги следи професионалните новинарски стандарди се раководи од познатите критериуми кои од една информација прават медиумски вредна веста. Според тие критериуми, за информацијата да се „квалификува“ да стане вест, таа треба да содржи новост, да има влијание врз луѓето (импакт што може да се одбрани и да се измери – колку повеќе луѓе се засегнати од веста, толку таа повеќе вреди), да се однесува на настан или на состојба која е што поблиску до нас (блискост), да се однесува на познати луѓе (проминенција), да се однесува на некоја конфликтна ситуација и да биде атрактивна, а тоа значи необична и несекојдневна. Вестите коишто во висок степен задоволуваат еден или повеќе од овие критериуми, стануваат вести на денот, вести за насловните страници и за најавите на телевизиите.

Фото веста што ја рецензираме, освен што не е вистинита, не задоволува  ниту еден од наведените критериуми. Единствено нешто што ја поврзува со некој од критериумите е Али Ахмети како позната личност. И тука доаѓаме до клучниот мотив за објавување на оваа вест. Каков е мотивот кажуваат алузиите во насловот (Али Ахмети е Србин?), и во коментаторски обоената една единствена реченица на целата вест: „… дали е ова монтажа или навистина познатиот политичар Ахмети имал бурно минато, како што може да се забележи и од фотографијата.“

Но, тоа е само мотив, а не критериуми за медиумски вредна информација.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција