Рецензија: (Фото) Дали е ова убиецот од скопски Аеродром со една од убиените?

fd-09876-098-crop-resize

Наместо да се даде влез во текстот, да се извести за настанот за кој се пишува и да се одговори барем на некои од петте новинарски прашања, за читателот да ја добие основната информација околу тоа што се случило, пред нас се наоѓа конфузен почеток на текстот, во кој ништо не е јасно. Тоа и не е најголемиот проблем, имајќи предвид дека насловот наместо да биде фактички е во прашална форма.

fdЛинк до оригиналниот напис: (Фото) Дали е ова убиецот од скопски Аеродром со една од убиените?

Датум и време на објавување: 22.07.2014

Датум на рецензирање: 25.07.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Во членот 1 од Кодексот на новинари експлицитно се потенцира начелото дека новинарот треба да објавува точни, проверени информации, дека нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Оттука, насловот со кој се имплицира сомнеж и непотврдена информација дека убиецот и убиената се токму тие лица е недозволив.

„Фотографијата осамна на профилот на Игор, а е поставена пред 16 часа. Останува прашањето дали е ова една од убиените?“.

Овој дел од текстот е неконзистентен со насловот, бидејќи во текстот се тврди дека на фотографијата е убиецот, а во насловот тоа е претставено како прашање. Во секој случај, Фејсбук профил при известување од ваков сензитивен случај не може да биде единствениот извор на информацијата. Правилото е сознанијата да се потврдат од официјални извори. Не може да се види дека се контактирани Министерството за внатрешни работи, ниту пак дека новинарот излегол на терен и разговарал со извори на информации.  Очигледен е сензационалистичкиот пристап, бидејќи од фотографијата не може да се добие информација од јавен интерес. Дел од лицата се замаглени, па и поставувањето на прашањето дали се ова убиецот и убиената е нелогично.

Би требало да се постави прашањето каква би била штетата од објавувањето на погрешни личности. Таа би била непоправлива. Структурата на пишување информативни жанрови е сосема поместена, бидејќи не се кажува кој/што/кога/каде/како сторил во првиот дел од текстот (по принципот на превртена пирамида). Тоа отвора сомнеж дека станува збор за преземен текст од друг извор, но само делумно. Од аспект на содржајноста недостасуваат информации за тоа што се случило и во какви околности. Евентуално изјави од соседите, официјални информации од МВР или проверка на идентитетот на сторителот на двојното убиство и самоубиство. Тоа се проверливи информации со кои МВР располага и оттука е нејасно зошто не е завршена новинарската работа на проверка. Коментарот „Останува прашањето дали е ова една од убиените“, е неумесен и остава впечаток на аматерство и непрофесионалност, од причина што тоа прашање новинарот мора да си го разјасни пред воопшто да ја објави информацијата. Тоа му е работа. Насловот е во форма на прашање што покажува несигурност во она за кое треба да се извести јавноста, наместо да се прашува. Поставувањето на вакви „дилеми“ остава впечаток на неодговорност. Во прилог на прашањето, киксирачка е и фотографијата, на која се замаглени лицата на оние што се наоѓаат на неа. Се дава конфузна порака, дека ем се штити идентитетот, ем се пушта „дилемата“ во оптег.

Заклучокот води кон новинарскиот кодекс и одговорното известување особено во сензитивните теми каде се инволвираат жртви. Важно е да се напомене дека во моментот на објавата не е завршена истрагата. Одговорниот новинар проверува и информира. Тоа е минимумот што ѝ го должи на јавноста.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција